Светско првенство 15/16 — Estadio BBVA (Монтереј): Модерниот мексикански стадион со спектакуларен поглед кон планините

Футуристички дизајн, страствени навивачи и еден од најубавите стадиони во Латинска Америка — Монтереј подготвен за СП 2026.
Estadio BBVA (Монтереј)

ИНФО

  • Град: Монтереј
  • Држава: Мексико
  • Капацитет: околу 53.500 гледачи
  • Отворен: 2015
  • Домаќин: CF Monterrey
  • Интересен факт: познат по спектакуларниот поглед кон планината Cerro de la Silla

Estadio BBVA во Монтереј важи за еден од најмодерните и најубавите стадиони во Латинска Америка. Со својот футуристички изглед и уникатна локација, оваа арена брзо стана симбол на новата генерација мексикански фудбалски стадиони.

Отворен во 2015 година, Estadio BBVA е дом на CF Monterrey, еден од најпопуларните и најуспешни клубови во Мексико. Навивачите на клубот се познати по својата страст и атмосферата што ја создаваат на трибините, а токму таа енергија ќе биде голем дел од Светското првенство 2026. Тој ќе биде домаќин на три натпревари од групната фаза – Шведска-Тунис, Јапонија-Тунис и Јужна Африка-Кореја и еден натпревар од нокаут фазата што ќе се игра во понеделник на 29 јуни 2026 година.

Стадионот е особено препознатлив по својата архитектура и неверојатниот поглед кон планината Cerro de la Silla, која се издига зад трибините. Малку арени во светот имаат толку впечатлива природна позадина, што го прави Estadio BBVA визуелно уникатен.

Стадионот беше првиот во Америка што доби сребрен сертификат од „Лидерството во енергетскиот и еколошкиот дизајн“ (LEED) по неговото откривање во 2015 година.

Покрај модерниот дизајн, стадионот нуди и врвна инфраструктура, удобност и технолошки решенија според највисоките светски стандарди. Токму затоа Estadio BBVA често се споменува меѓу најдобрите стадиони изградени во последната деценија.

Во 2026 година, оваа арена ќе биде место каде што модерниот фудбал, мексиканската страст и спектакуларната природа ќе се спојат во едно незаборавно мундијалско искуство.

Утре последниот стадион од овој серијал „16 стадиони, еден Мундијал“:

Estadio Akron (Гвадалахара) — модерната арена на мексиканскиот фудбал со која ќе го завршиме серијалот

Повеќе од истиот автор

Најчитано