Креирање на одржливи туристички дестинации не е избор и тоа е вашата иднина, во чие креирање не треба да се учествува поединечно, туку да се делува во заедница. Кога се избира меѓу две места кои нудат еднакви можности за посета, тогаш луѓето посебно оние од западниот свет, се одлучуваат за дестинацијата која нуди одржлив туризам. Во случајот со Словенија, 90 проценти од букирањата се за места и за објекти кои имаат сертификати за одржливост. Кога се зборува за одржливост во туризмот треба да се праша и како ќе се заработи и затоа треба да се понудат и продукти. Европските регулативи стануваат построги и тие се рамката што го прави еден бизнис одржлив. Ова се дел од советите на експертот од Словенија, Јана Апих, директор на Good Place и извршен директор на Green Destinations Foundation, упатени до учесниците на работилницата во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија на тема „Одржлив туризам и ЕУ стандарди: Патот кон зелена трансформација“.
По презентирањето на успешната приказна на „Slovenia Green“ и за потребата за исполнувањето на новите европски барања за одржливост и регионалните случувања во развојот на туризмот, со гостинката од Словенија разговаравме и за тоа како нејзината земја се соочила со глобални предизвици во зелената туристичка транзиција, како и за предизвиците кои стојат пред Македонија.
- Словенија ги следи глобалните трендови во создавањето на зелени дестинации со што ја преземаме и одговорноста за заштита на нашата планета, како и за тоа да бидеме свесни за ресурсите што ги користиме. Имаме многу шуми и Словенија е зелена земја. Но, зелено само како боја не е доволно. Важно е и да се делува зелено. Треба спроведуваме мерки и активности за да се осигуруваме дека го менаџираме туризмот на одржлив начин. Целта е да не ги користиме прекумерно ресурсите, како и да се намали и негативното влијание што го носи туристичкиот сектор. Во Словенија ја направиме национална програма која е сертифицирана програма за програма за дестинации и бизниси. Таа ги учи туристичките компании како да менаџираат и како да функционираат на поодржлив начин, вели Апих.
Како ја гледате Македонија во градењето на зелена туристичка дестинација?
- Неопходно е да постои системски пристап. Ви треба рамка во која ќе оперираат сите системи. Нема да биде доволно само одговорноста да ја ставите врз грбот на луѓето и на бизнисите. Но, тоа не е доволно тие бизниси треба да бидат пресретнати на средина. Да се согласите дека градењето на зелени дестинации е важно за Македонија за натамошниот развој на туризмот.
Од учесниците на работилницата беше посочено на потребата од државни субвенции во градење на капацитети за одржлив туризам. Колку Словенија во овој процес ги практикуваше и колку се важни субвенциите?
- Во Словенија со стекнувањето на сертификат како носител на бизнисот ќе добиете 3.500 евра поддршка од владата, кога ќе ја добиете субвенцијата повторно се аплицира за дополнително финансирање. Постои основно субвенционирање. Но не мислам дека е главниот фактор. Не мислам дека сликата ќе беше поразлична и да ги немаше овие субвенции. Затоа што одржливоста на бизнисот треба да потекне од креирањето на своите вредности. Да веруваш во нешто во што инвестираш, да се вложат дополнително неколку стотици евра нема да бидат проблем. Меѓутоа, ако не веруваш и ако правиш нешто само за да ги добиеш парите тогаш никогаш нема да функционира и брзо ќе спласне и интересот за одржлив туризам. Во Словенија научивме дека давањето субвенции е добар механизам, но и дека тоа не е неопходно. Не мислам дека ова е најважниот дел. Најважниот дел е да се подигне свеста, зошто ова е важно и да се осигураме дека сопствениците на бизнисите ќе ја разбираат вредноста ако се тргне на патот на зелена дестинација, ќе ги намали трошоците и корисниците ќе бидат задоволни, понудата поатрактивна …
Кои се Вашите препораки за изработката на новата стратегија за развој на туризмот во Македонија?
- Главно во секоја стратегија е да се унифицира целта, а главниот столб да биде поставен на градење и управување со одржлив туризам. Потребно е да се предвидат и специфични мерки и активности кои ја адресираат одржливоста, како ќе се имплементира одреден вид на поддршка (не само финансиска). Потребно е поддршка во промовирањето на понудата и во обуката, во подигањето на свеста во подобро управување со отпадот, како владата и локалните структури можат да помогнат на бизнисите да ги остварат овие цели. Овие се конкретните мерки, но одржливоста како филозофија и како цел е нешто што е проткаено во сите различни стратегии.

На работилницата беше потврдена важноста на одржливиот пристап во туризмот за да се обезбеди зелена трансформација и поголема конкурентност на дестинациите. Професорот Сашо Коруновски зборуваше за планот и временската рамка за развој на националната стратегија за туризам (2027-2032) и важноста на принципите на одржливост. Александар Донев од Mustseedonia, претставник на GreenDestinations во Македонија, зборуваше за развојот на сертификацијата во македонскиот туристички сектор, преку примерите на Вевчани и Крушево.
Настанот се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија, пред повеќе присутни ескперти, претставници на општини и на приватниот сектор, а се реализираше со поддршка на Швајцарските програми #SIPPO и Increasing Market Employability – IME.
Автор Митко Јовановски








