Интервју со Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет
Вие сте претседател на Фискалниот совет, институција формирана со задача да анализира и да дава мислења за јавните финансии во триаголникот: буџет на државава, фискални правила и фискална стратегија. Темел за извршување на оваа одговорна задача е независност на Фискалниот совет. Успевате ли да ја сочувате независноста?
А. Беџети: Сосема со право го започнувате интервјуто со прашањето на независноста на Фискалниот совет како предуслов за успешна и за целосна реализација на законската функција. Накратко, одговорот е: нормативно да, но не и целосно функционално! Сè уште не успеваме да се доекипираме со соодветен стручен кадар поради статусот на вработените во Стручната служба на Фискалниот совет како административни службеници и прилично ниски плати. Веќе три пати ни пропаѓаат огласите поради немање соодветен избор од аспект на стручност. Потоа сè уште го немаме целосно регулиран и просторниот проблем. Но, најважно од сè, неблаговремено ги добиваме податоците и соодветните информации. Сепак, и во вакви околности, со напорите на членовите на Фискалниот совет, сметаме дека сработуваме дури и повеќе од потенцијалот. Ова не е реторика за оправдување, туку е видливо од сработеното и објавеното и на веб-страницата на институцијата.
Да се свртиме кон фискалната политика. Ако ја ставиме на страна кризата од војната во Иран, како го оценувате генерално тековното „здравје“ на финансиите на државава? Кои беа клучните елементи на вашата оценка за државниот буџет за годинава?
А. Беџети: Државава одамна го има потрошен фискалниот простор! По кризата од ковид-19 и енергетската криза поради војната во Украина, ние стигнавме до максимално определената нормативна граница на јавниот долг од 60 % на БДП. И тоа без да се пресмета во него и т.н. „невидлив долг“, т. е. пријавените стасани и неизмирени фискални обврски кои изнесуваат и над 3 % од БДП. Немаме доволна флексибилност и еластичност ниту во приходната ниту во расходната страна на буџетот, а каматите по основ на јавниот долг се во постојан раст, кои оваа година ќе надминуваат и 350 мил. евра со поинтензивен тренд на пораст во идните фискални години. Инаку, државниот буџет оваа година и на приходната и на расходната страна беше „скроен“ во прилично реална рамка во однос на тој од минатата година. Веројатно беше научена лекцијата дека оптимистичкото планирање, покрај другото, мотивира и ирационално трошење.
Поважното прашање е како ја оценувате одржливоста на јавните финансии на земјава на долг рок? Што покажуваат вашите анализи, кои се најголемите ризици, дали е тоа состојбата на јавните претпријатија, на Пензискиот фонд, дадените гаранции од страна на државава, малиот маневарски простор во рамките на буџетот…? Како да ги намалиме тие ризици преку толку потребната фискална консолидација?
А. Беџети: И покрај напорите на Министерството за финансии од самиот почеток да ја остваруваат стратешки предвидената цел за постепена фискална консолидација (веќе трета фискална година се предвидува намалување на буџетскиот дефицит за 0,5 % годишно) сметам дека постојната фискална структура, растечката потреба за финансирање на Пензискиот фонд од буџетот (до 40 % се трансфери од буџет), потоа недоследноста на големите буџетски корисници за фискална дисциплина, непрудентното управување со јавните претпријатија, како и фискалното „самоволие“ во преземање обврски без обезбедување извори за финансирање на локалната самоуправа, не можеме да констатираме дека на среден и на долг рок би имале порелаксиран фискален простор. Впрочем, во сè понесигурниот глобален, па и регионален амбиент не гледаме некои „добри идни времиња“ во кои би успевале да создаваме фискален простор за можните „лоши времиња“ кои сè повеќе се чести и се понесигурни! Фискалниот ризик постои. Дури и по основ на обем и на структура на јавните расходи, со доминирање на неодложните обврски, не гледам дека имаме простор за фискален оптимизам. Единствена надеж е преку намалување на неформалната економија и преку поголема дигитализација и контрола на даночните обврзници како физичките лица, а уште повеќе правните лица да се зголемува ефективната наплата на јавните приходи.

За македонската економија можеме да кажеме дека повеќе време функционира во криза одошто во нормални околности. За таква ситуација е суштински важно да успеваме во добрите години да го сведеме дефицитот на државниот буџет на минимум за да креираме „резерва“ што би ја искористиле во интервенирање за намалување на последиците во време на криза. Успеавме ли да ја научиме оваа лекција во деценииве наназад? Што е клучно во тој поглед?
А. Беџети: Точно така. За потребата за фискална консолидација во добри времиња постои една мудра изрека од познатиот професор Авинаш Диксит од Универзитетот Принсетон (САД) кој вели „фискалната консолидација се остварува во добри времиња, но во добрите времиња кај политичарите постои илузија дека лошите времиња нема да се вратат, барем не на краток рок“! А идеалниот свет на политичарите е да трошат и да не оданочуваат. Ние, за жал, не сме ја научиле оваа лекција во овие три декади, со одредени исклучоци на краток рок! Во овој поглед клучно е да се воспостават фискална дисциплина и добро управување со јавните финансии. Оваа звучи едноставно и лесно е да се каже со една реченица, ама е многу тешко да се оствари. Потребите и желбите на секој функционер да се покаже „успешен“ во своите ресори и компании ги надминуваат нашите можности. Во делот на доброто управување треба да се води сметка за ефикасноста на јавните расходи, како и за отчетноста за остварените цели согласно проекциите. Транспарентноста е повеќе од потребна и таа сè уште не е на соодветно ниво. Со еден збор, фискалната дисциплина треба да се мери со индикатори и за потфрлувањата треба да се одговара за што немаме воспоставени ниту практика, а да не зборуваме за култура на однесување.
Фискалните правила треба да се контролниот механизам. Ние ги имаме две: буџетскиот дефицит на општата власт не смее да надмине ниво од 3 % од номиналниот БДП за конкретната година и вкупниот долг на општата власт не смее да надмине ниво од 60 % од номиналниот долг, а гарантираниот јавен долг не смее да надмине 15 % од номиналниот БДП. Како стоиме во однос на овие правила?
А. Беџети: Кај дефицитот, минатата година бевме со 1 % од БДП над пропишаното правило, додека оваа година сме со 0,5 % повеќе! Законот за буџети изрично предвидува во кои околности и моменти може да се толерира поголем дефицит за 0,5 % годишно. Јавниот долг, барем пресметковно, се држи околу 60 %, но без пресметување во него на пријавените стасани, а неисплатени обврски. Велам пресметковно затоа што при крај на фискална година најчесто и се „регулира“ динамиката на буџетот, но по истекот на годината се случува да „експлодира“ трошењето на тековниот дефицит како што се случи во почетокот на оваа година. При крај на февруари оваа година, повеќе од половина од годишниот буџетски дефицит беше потрошен за само две месеци од годината!
Во овој поглед, деновиве заедно со докторанд под мое менторство, само што го завршивме истражувањето „Дали фискалните правила ги подобруваат фискалните биланси? Емпириски наоди од ЕУ и од Северна Македонија со користење на IFREI-индексот“. Наодите ни потврдија дека: 1) ЕУ и Северна Македонија не се разликуваат само во бројот и во присутноста на фискалните правила туку и со степенот со кои се претворени овие правила во фискално институционално однесување, 2) дека целосната споредба со ЕУ-27 и Северна Македонија треба да се направи кај фискалните текови, а не кај акумулираниот долг. Ова е многу важно при опсервација и при извлекување заклучок поради наследените состојби кои имаат подолга историја со дефицитите, различни стапки на раст, инфлациски стапки, како и услови на финансирање и 3) евиденцијата не ја потврдува тезата дека само постоењето на фискалните правила ќе влијае врз намалување на јавниот долг. Но, евиденцијата покажува дека цврстите институционални правила влијаат врз забавување на акумулацијата на долгот! Подетално овие наоди ќе бидат презентирани на стручната конференција на Фискалниот совет и МАНУ на 30 април.
При последната посета на земјава, Мисијата на ММФ истакна дека во буџетската рамка на општата влада би требало да се вклучат и ефектите од работењето на ЈПДП и субвенциите за електрична енергија со што би се подобрила фискалната транспарентност и би се обезбедила попрецизна проценка на фискалните ризици. Имаме ли во моментов целосна слика за јавните финансии за да можеме да кажеме дека и оценките се реални? Што би се сменило ако се прифати сугестијата на ММФ?
А. Беџети: По нивно барање и ние како Фискален совет се сретнавме со Мисијата на ММФ каде што во центар на дискусијата беа фискалната стратегија, консолидацијата и ризикот. Тие, како и секогаш, се загрижени за фискалната консолидација како врвен приоритет, дури малку повеќе од влијанието на фискалните политики врз економскиот раст. Ако ова би била врвна цел, тогаш зошто дозволиле ЕУ да биде задолжена со над 80 %, а САД дури над 90 % од БДП?! Јас сметам дека консолидацијата е предуслов, но не и највисока цел! Најдобра консолидација е таа која се обезбедува преку повисока стапка на раст од растот на јавниот долг!
Во однос на фискалниот ризик од субвенцијата на електричната енергија се сосема во право. Ние имаме прогресивен систем на цени за електрична енергија на домаќинствата и тоа е добро, нема потреба за дополнителна субвенција. Фокусот треба да се стави кај производството на електричната енергија и лошото управување на системот! И кај случајот на ЈПДП, т. е. за патната инфраструктура не би требало да стравуваме, но би требало да ги зголемиме надзорот и контролата врз натфрлувањето на договорените износи, а не преку анекси да се плаќаат разликите кои се дури и повисоки од почетните договорени износи и истовремено да настојуваме да ја ангажираме што е можно повеќе домашната градежна оператива!

Што е она што треба да се направи на страната на приходите, а што на страната на расходите во рамките на буџетот на државава?
А. Беџети: Јавните приходи претставуваат околу 34 до 35 % од БДП. Во однос на ЕУ сме за 5 до 6 % под нивниот просек. Нашиот даночен систем е многу регресивен, претежно се прибираат приходите од индиректните даноци (на потрошувачка), што е сосема асиметричен во споредба со даночните системи на ЕУ. Од друга страна, оваа владејачка гарнитура и во Изборната програма се изјаснила дека нема да ги зголемува даноците и ќе остане на пропорционалниот систем. И тоа е сосема легитимно бидејќи е право на избор и тоа јасно објавен и напишан во Програмата. Тогаш останува да се подобрува системот на наплата, т. е. да се зголемуваат ефективните даноци. Со стапката на вкупните придонеси сме најниско (освен Косово) во однос на сите земји од Западен Балкан, и покрај тоа што стопанствениците се жалат! Посебно кај придонесот за ПИО би требало постепено да се усогласиме барем со регионот. Можеби е крајно време да се размисли за прогресивен данок на добивка, со посебен акцент врз супер профитните сектори и компании! Истовремено простор има кај данокот на имот и на богатство, посебно во даночната база, а не кај стапката. Да не се заборави на потребата од поефикасен систем на конфискација на противправно остварена заработка и имот, но без селекција и праведна! Така би создавале дополнителен фискален простор за да се одговори и на економските шокови!
Расходната страна е многу ригидна и по постепеното намалување на ставката за „стоки и услуги“ од времето на кризата од ковид-19, па навака, не гледам дополнителен простор за заштеда. Единствено би можело да се согледуваат можностите за прилагодување на субвенциите за земјоделието, како и тие за социјална заштита (по неколкуте основи)! Чинот што фискалните мултипликатори, дури и на целосната (кумулативната) јавна потрошувачка се негативни нè упатува на потребата за нивно согледување. Но, оваа реформа бара одлучно лидерство и почеток на мандат! Во претстојната (наведена) научна и стручна конференција на Фискалниот совет со МАНУ, академици ќе ги презентираат наодите од научната анализа преку фискалните мултипликатори, со посебен осврт врз капиталните и субвенциите за земјоделието.
Погледнато кон тековната војна во Иран и сите можни последици, доколку во неповолно сценарио работите почнат значително да се влошуваат, имаме ли фискален простор за доволна фискална интервенција за помош на најранливите економски субјекти или треба да знаеме дека секој од нас ќе треба да си амортизира значаен дел од финансискиот удар?
А. Беџети: Фискален простор немаме, но мора да ги поддржиме најранливите групи − како најзагрозените семејствата (под и во прагот на сиромаштија) така и компаниите. Ова деновиве дури го препорачува и ММФ во тековните средби со гувернерите на централните банки и со министрите за финансии во Вашингтон. Фискалните и монетарните политики треба да бидат во тесна координација и поради потребата за фискална експанзија, но и контрола на инфлацијата. Но, ова мора исклучиво да се направи целно, измерено и проверено! Да се надеваме дека нема да има потреба, но доколку војната продолжи тогаш мора да се одговори со контрациклични фискални мерки и не само тие! Погоре наведов каде и како може да создаваме дополнителен фискален простор кај јавните приходи, но сметам дека пристапот треба да биде системски, праведен и без исклучоци како кај давачките така и кај трансферите и субвенциите.
За крај и едно прашање кое изгледа оперативно, но и не мора да е такво. Фискалниот совет е конституиран на 10 октомври 2023 година. Еве, и 2,5 години подоцна, на интернет-страницата на Фискалниот совет стои дека вашата Стручна служба е во формирање. Работите во време на две влади. Зошто е потребно толку време за да се создадат сите предуслови за ваше ефикасно функционирање како Фискален совет, имајќи го предвид значењето на институцијата?
А. Беџети: Одлично сте забележале! Впрочем, во првото прашање јас малку се осврнав на функционалноста. Проблемот е повеќедимензионален: прво, со еден член од Законот за буџети (член 11) се претендира да се реши сè во врска со Фискалниот совет (основање, статус, избор, надлежности, правила, функционалност… итн.), додека во други земји постои посебен закон за фискален совет. Пред два месеци имаме покренато иницијатива и сами ние дадовме Предлог-закон за фискален совет, кој е предаден кај министерот за финансии, кој ни вети дека брзо ќе го проследи во процедура. Потоа проблемите се до неможноста за екипирање на Стручната служба на ФС со соодветен стручен тим од 6 вработени согласно Законот заради статусот на вработените како јавни административци, необезбеден редовен и благовремен пристап до (генеричка) база на податоци за јавните финансии и фискалниот ризик, необезбеден адекватен простор за Фискалниот совет итн. Досега најмногу нè подржуваа Светската банка преку донација од програма на Европската комисија, Матичната комисија за финансирање и буџет при Собранието, Државниот ревизор со обезбедување на привремен простор и Центарот за стратешки истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, за што користам прилика во име на Фискалниот совет и јавно да им се заблагодарам. Во однос на тоа дека од основањето, за 2,5 години, работиме во време на две влади не гледаме некоја голема разлика и од причина што со претходната влада имавме релативно краток период. Со тековната влада до сега имаме коректна соработка со министерот за финансии и сме во очекување за реализација на ветеното во однос на Предлог-законот за фискален совет со што би станале функционални, со полн капацитет и поефикасни во однос на зголемување на фискалната дисциплина.
Ви благодарам за интервјуто.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г.
Разговараше: Зоран Јовановски








