Во населбата Козле синоќа бил забележан волк со синџир и ремче – чуван како домашен миленик, а по интервенција на надлежните служби е заловен и згрижен во Зоолошката градина Скопје.
– По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен. Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица, информираат од ЗОО Скопје.
Оттаму велат дека за среќа, оваа ситуација завршила без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираат и потсетуваат дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
– Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции. Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција, се вели во објавата на Фејсбук страницата на Зоолошката градина Скопје.
фото: Фејсбук ЗОО Скопје
Извор МИА








