СО 200 КАМЕРИ НА КРИТИЧНИТЕ ТОЧКИ ВО СКОПЈЕ ПРОТИВ ГРАДСКИТЕ ВАНДАЛИ

Повеќе од 200 камери се планира да бидат поставени на критични точки во Скопје, на места на кои се создаваат диви депонии и во паркови што се цел на вандализам – најави денеска градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

За нивното поставување, како што рече, се чека финално одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци.

– Сега го чекаме финалното одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки во град Скопје. Ќе бидат опфатени места на кои се создаваат депонии и паркови што постојано се на удар – рече Ѓорѓиевски.

Како пример ги посочи обновената фонтана „Лотос“ во Градскиот парк и оштетувањето на урбаната опрема со графити.

– Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на град Скопје. Откога ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме преку нашето јавно претпријатие – рече Ѓорѓиевски.

Според него, покрај преземањето мерки, неопходно е да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните за зачувување на јавниот простор.

– Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот – истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека средствата што се трошат за отстранување штети предизвикани од несовесно однесување би можеле да бидат употребени за други проекти, меѓу кои и изградба на нови паркови.

Ѓорѓиевски притоа информира дека во Бутел е во завршна фаза изградбата на парк на површина од 86.000 квадратни метри, на простор на кој претходно имало дива депонија, а посочи и парк во Карпош со површина од над 70.000 квадратни метри.

– Ако ние само ги исчистиме тие места, тоа според мене е недоволно. Треба да им дадеме нова содржина на локациите што во минатото биле цел за создавање диви депонии – рече Ѓорѓиевски.

Тој најави и уредување простор во Аеродром од речиси 100.000 квадратни метри со цел тој да биде ставен во функција до крајот на наредната година.

Во однос на депонијата „Вардариште“, Ѓорѓиевски рече дека станува збор за површина поголема од 600.000 квадратни метри, каде што, според него, е завршена една фаза од работите, а следува деконтаминација на земјиштето со поддршка од Владата.

– Верувам дека од пролет би почнале со постапка за уредување на тој простор за таму да никне еден нов парк од вакви размери за град Скопје – нагласи скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано