Кога пред пет години Филип Силјановски поставил стратешка определба да гради не само уште еден настан, туку платформа на која ќе се среќаваат вендори, партнери и клиенти со една единствена цел да создадат вистинска вредност заедно, малкумина од присутните во таа прва сала во Охрид замислувале каде ќе биде таа платформа денес.
На петтото издание на Ingram Micro & Vendors Networking, одржано на 7ми мај во Охрид, се собраа речиси 200 високи донесувачи на одлуки од Македонија, Албанија и Косово, заедно со високи претставници на Check Point, Cisco, Juniper, Dell, IBM, Zebra, VMware, Veeam и Microsoft. Конференцијата ги отвори клучните прашања за иднината на сајбер безбедноста, вештачката интелигенција, како и модерната ИТ инфраструктура.
Во разговорот за Економија и бизнис, Силјановски говори за тоа како регионот стана сериозен играч на технолошката сцена, што значи за домашниот пазар фактот дека Инграм Микро минатата година излезе на Њујоршката берза со 48 милијарди долари нето продажба, и зошто, по неговото убедување, во наредните пет години партнерствата ќе бидат поважни од технологијата.
Економија и бизнис: Пред пет години Ingram Micro & Vendors Networking започна со околу 100 учесници, а денес собирате речиси 200 високи одлучувачи од три земји. Што всушност изградивте во овие пет години, настан, или нешто поголемо?
Филип Силјановски: Изградивме платформа, не настан. Тоа е разликата. Настан е нешто што се случува еднаш годишно, луѓе доаѓаат, се поздравуваат, си заминуваат и продолжуваат каде што застанале. Платформа е нешто што живее цела година. Тоа е простор каде вендори, партнери и клиенти знаат дека еднаш годишно ќе се сретнат во просторија каде може да се донесе реална бизнис одлука. И тоа им го олеснува работењето во останатиот период од годината.
Одлуката пред пет години беше токму таа, да не одржуваме уште еден настан, туку да градиме платформа. И денес гледаме што значи тоа во бројки: од 100 професионалци во првото издание, до речиси 200 високи одлучувачи денес, од Македонија, Албанија и Косово. Но поважно од бројките се резултатите, партнерствата што се создаваат, договорите што беа склучени, како и бизнисите што зајакнаа како резултат на она што почна како разговор во Охрид. Тоа е најголемото признание за тимот што работи на платформата. Без нив, ништо од ова не би се случило.

Економија и бизнис: Минатата година Ingram Micro повторно излезе на Њујоршката берза, со 48 милијарди долари нето продажба за фискалната 2024 година. Како тој глобален момент се чувствува во еден локален пазар каков што е нашиот?
Филип Силјановски: Тој момент има многу повеќе тежина отколку што можеби изгледа однадвор. Кога една компанија е јавно котира на на Њујоршката берза, со таков обем на работа, тоа значи дека секоја одлука која се носи на глобално ниво за инвестиции, за технологија, за партнерства, за развој на пазари, има стандард на транспарентност и одговорност што директно се пренесува до секој пазар каде што компанијата е присутна, вклучително и нашиот.
Тоа е и порака до нашите партнери и клиенти. Кога склучуваат договор со нас тука, во Скопје, Тирана или Приштина, тие склучуваат договор со компанија која има 48 милијарди долари нето продажба зад себе. Тоа е стабилност. Тоа е сигурност на инвестиција. Тоа е и пристап до решенија и до експертиза што инаку би биле резервирани за најголемите глобални пазари.
За нас локално, излегувањето на берзата го потврдува она во што веруваме веќе со години, дека овој регион не е „мал пазар“ кој чека на светот да дојде до него. Овој регион е сериозен пазар подготвен да предводи. И таа порака денес ја носиме со повеќе самодоверба отколку кога било.

Економија и бизнис: Темите на петтото издание,иднината на сајбер безбедноста, претворање на податоците во деловни резултати, и инфраструктура без силоси,се исклучително актуелни. Како ги избравте, и што следните пет години значат за домашните компании?
Филип Силјановски: Темите ги избираме во дијалог со вендорите и со клиентите, буквално следиме во која насока се одлуките кои тие ги носат секој ден. Денес тие одлуки се концентрирани токму во овие три области, и тоа не е случајност. Сајбер безбедноста повеќе не е ИТ тема. Таа е тема на ниво на одбор на директори. Заканите еволуираат со помош на вештачка интелигенција и компаниите што нема да го разберат тоа во наредните дванаесет месеци ќе ја платат цената. Вештачката интелигенција, од друга страна, премина од експеримент во оперативна реалност, но само за оние кои знаат како да ја внесат во продукција, безбедно и одговорно. А инфраструктурата, таа се гради одново, во оваа деценија која не личи на ниту една што сме ја живееле досега.
За домашните компании, следните пет години ќе бидат дефинирачки. Не во смисла дека треба да трчаат по секоја нова технологија, туку дека треба да направат правилни стратешки избори. Кои партнери? Која инфраструктура? Која ВИ стратегија? Тие одлуки ќе ги одделат компаниите што ќе предводат од оние што ќе заостануваат. И тоа е причината зошто ваквите платформи се потребни.

Економија и бизнис: На отворањето на конференцијата рековте дека партнерствата веќе не се „пријатна опција“, туку самата стратегија. Што значи тоа конкретно за бизнисот во 2026 година?
Филип Силјановски: Значи дека ниту една компанија, без оглед на големината, повеќе не може да си дозволи да гради сè сама. Технолошкиот свет е премногу комплексен, темпото на промени е премногу брзо, а регулативата е премногу зрела. Ако сè уште ги гледате добавувачите само како добавувачи, наместо како стратешки партнери, веќе заостанувате во однос на вашата конкуренција.
Конкретно, тоа значи неколку работи. Прво, треба да се избере помал број на длабоко интегрирани партнерства, наместо широко, неповрзано портфолио на снабдувачи. Второ, тие партнерства треба да имаат стратегија, не само трансакции, односно заеднички планови, заедничка визија, како и заеднички инвестиции за развој. И трето, тие партнери треба да имаат вештини и стабилност за да ве поддржат и кога ќе се случи нешто непредвидено.
Технологијата не ги трансформира пазарите. Луѓето ги трансформираат. Вистинските партнери ги трансформираат и ова не е маркетинг порака, тука е поука што произлегува од секојдневното работење.

Економија и бизнис: Што може да очекуваме од Инграм Микро во наредните дванаесет месеци, и каде ќе биде Ingram Micro & Vendors Networking за уште пет години?
Филип Силјановски: За наредните дванаесет месеци, фокусот ни е на продлабочување на постоечките партнерства, не на проширување. Сакаме нашите постоечки партнерства да станат уште посилни, нашите клиенти да добијат уште поголема вредност од соработката со нас, и нашиот тим да биде уште поспремен за предизвиците што пазарот ги создава секој ден. Тоа значи поголема локална експертиза и побрзо реагирање на потребите на регионот.
Што се однесува до платформата, пред пет години не помислив дека за пет години ќе бидеме каде што сме денес. Затоа нема да ветувам конкретни бројки за наредните пет. Што ќе ветам е насока. Сакаме Ingram Micro & Vendors Networking да биде местото каде што се поставуваат прашањата кои сè уште не се популарни, но кои за две-три години ќе ги одредуваат работењето на сите. Платформа која е еден чекор пред пазарот.
И едно последно, времето е ограничено за сите нас. Не го трошете градејќи нечија туѓа визија. Изградете своја. Тоа е порака со која ја затворив петтата година, и тоа е пораката со која сакам да ги започнеме следните пет.








