При секоја посета на Мадрид и Барселона, повторно си го поставувам истото прашање – како една земја успева од туризмот да создаде една од најсилните економски гранки, а ние сè уште го гледаме како сезонска активност поврзана само со езерата и летните одмори?
Одговорот не е само во сонцето, плажите или богатото културно наследство, туку во начинот на размислување.
Со над 90 милиони странски туристи годишно, Шпанија е меѓу најпосетуваните земји во светот. Туризмот директно и индиректно учествува со околу една осмина од економската активност на земјата и претставува еден од најголемите извори на приходи, вработување и девизен прилив.
Но, успехот на Шпанија не се должи само на нејзините плажи и климатските услови. Постојат многу земји со убаво крајбрежје, природни богатства и културно наследство кои не успеале да создадат силна туристичка економија.
Разликата е во стратегијата. Шпанија како автентично туристичко искуство „Spain is Different“ се промовира на најголемите светски саеми за туризам. Не се рекламира само како место за одмор, туку како целосно искуство – култура, гастрономија, начин на живот, спорт, природа и бизнис. Националната туристичка организација Turespaña е главниот носител на меѓународната промоција. Наместо една порака за сите, кампањите се прилагодуваат за различни пазари: Германија, Велика Британија, САД, Азија и други.
Барселона не се промовира само со плажи, туку со Гауди, архитектурата, храната и урбаниот живот. Андалузија не е само дестинација, туку приказна за фламенго, мавританско наследство и традиција. Баскија се позиционира преку врвна гастрономија и уникатна култура. Спортските брендови како FC Barcelona и Real Madrid CF имаат огромен туристички ефект бидејќи создаваат милиони потенцијални посетители.
Шпанија не го продава само своето сонце, таа продава приказна. Туристот не купува само седум дена на плажа, туку искуство, култура, храна, спорт, историја и начин на живот. Токму затоа туристичката промоција не е трошок за Шпанија, туку инвестиција која носи милијарди евра девизен прилив. Македонија има што да понуди, но треба да научи дека не е доволно да имаш производ, мораш да знаеш како да го продадеш на светот
Секој турист што ќе слета на аеродром во Мадрид, Барселона, Малага или Палма де Мајорка носи нови пари во државата. Тој не троши пари што веќе кружат во економијата, туку внесува свеж капитал. Тоа е практично извоз – само што, наместо ние да извезуваме производи, странците доаѓаат кај нас и ги купуваат нашите услуги.
Во економијата ова има огромно значење.
Од тој аспект би сакал да го истакнам значењето на дојдовниот туризам кој носи девизен прилив, го подобрува платниот биланс, отвора нови работни места и генерира приходи за голем број дејности кои на прв поглед немаат никаква врска со туризмот. Од транспорт и земјоделство, преку градежништво и трговија, па сè до културните и креативните индустрии. НАИТМ како асоцијација на компании кои се бават со дојдовен туризам треба да биде во фокусот на стратегијата, треба да биде поддржан и да биде двигател на развојот на туризмот.
Шпанија тоа го разбира со децении. Македонија можебу има поинакви природни предности, но може да ја научи истата лекција.
Премногу често разговараме за тоа колку туристи сме имале во јули или август, а многу поретко колку странски гости доаѓаат во текот на целата година, колку просечно трошат, колку долго престојуваат и колкав девизен прилив оставаат во економијата.
Тоа се вистинските показатели.
Домашниот туризам е важен и треба да се поддржува. Но, економскиот ефект од него е ограничен бидејќи станува збор за средства што и онака би останале во домашната економија. Кога македонски граѓанин летува во Охрид, парите само ја менуваат својата локација.
Кога германски, холандски, полски или турски турист ќе престојува во Македонија, тогаш во земјата влегуваат нови средства. Токму тоа е суштината на дојдовниот туризам.
Затоа успешните туристички земји водат вистинска битка за секој странски посетител.
Во Македонија имаме потенцијал што сè уште не е доволно искористен. Имаме уникатно културно наследство, природни убавини, гастрономија, вински региони и гостопримство што честопати ги воодушевува странците. Но, тие вредности треба да се претворат во конкурентен туристички производ што ќе биде достапен во текот на целата година.
Шпанија покажува дека успехот не доаѓа случајно. Тој се гради со години, преку континуирани инвестиции и јасна визија.
Македонија нема потреба да стане нова Шпанија. Но, може да ја преземе нејзината најважна лекција туризмот не треба да се третира како споредна економска активност, туку како стратешка извозна индустрија.
Кога ќе почнеме така да размислуваме, нема да броиме само туристи. Ќе го мериме нивниот придонес во економскиот раст, новите работни места, инвестициите и девизниот прилив.
А токму тогаш туризмот ќе стане една од најисплатливите инвестиции што една држава може да ги направи.
Пишува: Влатко Сулев











