Шпанската влада вчера одобри две измени во трудовото законодавство со кои се прошируваат правата на вработените, зголемувајќи го платеното отсуство за раѓање на дете на вкупно 20 недели за секој родител, додека отсуството за смрт на член на потесното семејство се продолжува на 10 работни дена.
Според првата одлука, вкупното платено отсуство поради раѓање, посвојување или згрижување на дете се зголемува од 19 на 20 недели за секој родител, со надомест од 100 проценти од заработката, а за семејствата со само еден родител, вкупното платено отсуство се зголемува од 32 на 34 недели.
Дополнителната недела не се додава на основното отсуство поради раѓање на дете, кое останува 17 недели, туку на платеното родителско отсуство кое може да се користи додека детето не наполни осум години.
Втората одлука се однесува на отсуство поради смрт на член на семејството, кое се менува од претходните два работни дена на 10 работни дена. Ова право ќе се применува во случај на смрт на брачен другар, вонбрачен партнер, татко, мајка или дете.
Според новите правила, отсуството ќе биде достапно во период од четири недели по смртта на член на семејството. Предвидени се три работни дена отсуство за смрт на други членови на семејството, со можност за продолжување на пет дена доколку е потребно патување.
Регулативата, исто така, им овозможува на вработените да го намалат или прилагодат своето работно време за да се грижат за член на семејството кој прима палијативна нега, а воедно воведува и еднодневен платен одмор за придружба на близок за време на постапката за еутаназија.
И двете одлуки стапуваат во сила по објавувањето во службениот гласник на BOE, а потоа ќе треба да бидат потврдени во парламентот. Нивното усвојување претставува исполнување на претходните обврски на владејачката коалиција PSOE и Sumar, и доаѓа пет дена пред парламентарните избори во Шпанија, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








