САД, ЕУ, Израел – Западот против самиот себе

САД, ЕУ, Израел – Западот против самиот себе

пишува: Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Во 1956 година, Британија и Франција тргнаа во војна за да го задржат Суецкиот Канал. Воено не беа поразени, а сепак политички понижени. Неколку недели подоцна стана јасно дека старите европски империи повеќе не го контролираат светот. Не затоа што беа слаби, туку затоа што живееја во свет што повеќе не постоеше.

Големите сили ретко забележуваат кога започнува нивниот пад. Најчесто не затоа што нема предупредувања, туку затоа што успесите од минатото ги заслепуваат за слабостите на сегашноста. Кога со децении си бил победник лесно е да поверуваш дека историјата работи за тебе. Уште полесно е да не забележиш кога таа почнува да работи против тебе.

Токму затоа вреди да се погледнат трите столба врз кои почиваше западниот поредок по Втората светска војна: Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Израел. Сите претставуваат различен историски проект. Сите имаат различна приказна. Но, сите три денес се соочуваат со еден ист проблем: нивните најголеми закани повеќе не доаѓаат однадвор, туку од сопствените противречности.

Америка не е во подем, туку во страотен пад. Европа не ги намалува поделбите, туку почнува да создава нови. Израел не станува побезбеден, туку сè поосамен во својата постојана и бесконечна војна.

Во различни историски периоди тие беа претставувани како модели за иднината. Денес сè повеќе личат на предупредувања. Но, најголемата иронија е што нивните кризи не се резултат на нивните неуспеси. Тие се резултат на нивните успеси.

Америка победи толку убедливо што престана да ги разбира своите противници. Европската Унија успеа да го прошири својот географски простор, но не и својата политичка кохезија. Наместо да ги приспособи институциите на новата реалност, таа често одговараше со нови правила, со нови услови и со нови процедури, оставајќи ги старите противречности нерешени. Израел стана толку моќен што почна да верува дека за секој проблем постои воено решение.

Секоја од овие приказни е различна, но сите изгледаат како да ќе завршат во слична трагедија.

Соединетите Американски Држави влегоа во XXI век како прва вистинска глобална сила во историјата. Рим владеел со Медитеранот. Британија господарела со морињата. Но, Америка беше присутна насекаде – Европа, Азија, Блискиот Исток, Африка, Пацификот и вселената.

Проблемот беше што американската империја никогаш не се сметаше себеси за империја. Американците се гледаа како република што ја брани слободата, а не како сила што управува со светот. Токму тука лежи нивната фундаментална противречност: американската империја пропадна затоа што суштински не стана империја.

Секоја империја мора да знае каде завршуваат нејзините граници и што е подготвена да жртвува за нивно одржување. Америка немаше ниту јасни граници ниту јасно дефинирана мисија. Нејзината карта беше планетата. Нејзините обврски беа бесконечни.

Во еден момент Вашингтон истовремено се обидуваше да гради држави во Авганистан, да го преуредува Ирак, да ја контролира Кина, да ја одвраќа Русија, да ја гарантира европската безбедност и да го одржува поредокот на Блискиот Исток. Ниедна држава во историјата не успеала трајно да носи таков товар.

Повлекувањето од Кабул во 2021 година не беше само пораз во Авганистан. Тоа беше признание дека американската ера на неограничена моќ завршува. Империјата не се распаѓа затоа што ја победуваат непријателите. Таа се распаѓа кога веќе не сака да ги плаќа трошоците на сопствената хегемонија.
Денес најголемата опасност за Америка не е Кина. Кина е конкурент, можеби симптом, но не и причина за кризата. Вистинскиот проблем е што американското општество сè потешко постигнува согласност за тоа што е Америка и што сака да биде. Империјата ја губи волјата да биде империја, додека републиката сè потешко се согласува што значи да се биде Американец.

Ако американската криза е криза на хегемонијата и на идентитетот, тогаш европската е институционална, идентитетска и национална криза.

Соединетите Американски Држави сè потешко одговараат на прашањето дали се република или империја. Европската Унија, пак, сè уште не успева да одговори на едно уште поосновно прашање: „Дали е политичка заедница, сојуз на држави или само привремен компромис меѓу различни национални интереси?“

Со децении европските лидери зборуваат за Европа како да е политички факт. Но, Европа не е држава. Не е нација. Не е федерација. Таа е нешто меѓу сите овие нешта. Токму затоа Европската Унија функционираше одлично во периоди на стабилност и лошо во периоди на криза. Кога економијата растеше, компромисите беа лесни. Но, кога дојдоа мигрантската криза, пандемијата, енергетската криза и војната во Украина, одеднаш стана јасно дека зад европското знаме стојат држави со различни интереси, со различни стравови и со различни приоритети.

Полска и балтичките земји ја гледаат Русија поинаку од Шпанија. Италија има различни демографски проблеми од Шведска. Унгарија има различна визија за суверенитет од Германија. Сето тоа беше подносливо додека постоеше американскиот чадор. Но, што се случува кога чадорот почнува да се затвора?

Европа денес е принудена да одговори на прашања што со децении ги избегнуваше. Кој ќе ја брани? Кој ќе плати за тоа? Кој ќе ги дефинира заедничките интереси?

Европската Унија се прошируваше побрзо отколку што се продлабочуваше. Додека бројот на членки растеше, политичкото обединување остануваше недовршено, а институциите и правилата сè потешко успеваа да управуваат со растечките разлики меѓу државите.

Парадоксот е што проектот создаден да ги надмине европските национализми денес сè почесто произведува нови поделби. Наместо да ги ублажува разликите меѓу европските нации, Унијата неретко станува механизам преку кој се манифестираат тие разлики уште појасно. Проектот што требаше да ги смирува националните страсти сè потешко успева да ги контролира. Наместо да ги стиши национализмите, Европа денес ги разгорува.

И денес, кога повторно се отвора прашањето за проширувањето, Унијата изгледа повеќе подготвена да ги менува условите за влез отколку сопствените механизми на одлучување. Наместо да го напушти принципот на едногласност кој често ја парализира, таа повторно бара решенија во процедурите, а не во политиката. Тоа не значи дека Европската Унија ќе исчезне. Но, значи дека моделот на Европа создаден во 90-тите години на минатиот век се приближува до своите историски граници. Кој е денеска „европскиот проект“ и некој ако го прочитал, нека ја сподели содржината. Најголемата слабост на Унијата не е бирократијата. Не се ни регулативите. Нејзината најголема слабост е што се обидува да гради политичко единство без заедничка политичка нација.

Најболниот пример за самоуништување, сепак, доаѓа од Израел.

Израел беше создаден за да ги спаси Евреите од историјата. По холокаустот, ционизмот понуди едноставен одговор: еврејскиот народ ќе биде безбеден само ако има сопствена држава. Со децении оваа формула изгледаше успешна.

Но, трагедијата на 7 октомври ја отвори најдлабоката криза во историјата на современиот Израел. Не само затоа што безбедносниот систем потфрли, туку затоа што го разоткри парадоксот врз кој почива израелската политика. Колку повеќе Израел се обидува да ја уништи заканата, толку повеќе ја проширува. Колку повеќе ја бара апсолутната безбедност, толку повеќе создава услови за нови конфликти. Колку повеќе ја користи воената сила, толку повеќе го троши моралниот капитал што со децении беше дел од неговата легитимност.

Жестокиот залез на Израел е дело само на Израел, а обидот за објавување на тотална победа може само да доведе до тотален пораз токму затоа што првото е неостварливо.

Израел можеби ќе ги добие повеќето битки што ги води денес. Но, со секоја нова офанзива станува сè поизолиран, сè пооспоруван и сè поосамен. Државата создадена за да биде прибежиште за еврејскиот народ ризикува да се претвори во држава што живее во состојба на постојана војна со своето опкружување. Колку подолго трае војната, толку повеќе безбедноста се претвора во изолација.
Еве дури и Израел да ги победи сите битки и сите противници и да стане неоспорен лидер на регионот кој ќе биде обликуван според неговата слика и прилика, што ќе остане од нивниот општествен и морален резон за постоење кој е базиран врз правото на еден народ што преживеал финално решение да се обедини во Ветената земја?! Кога утре би ги снемало Палестинците и Арапите, дали чувството на супериорност на Израелците ќе го надживее и нивното отстранување? И конечно, како едно контрафинално решение остварено со нечовечки средства ќе може да ги смири совеста и меморијата на потомците на оние кои ја преживеале таквата трагедија? Моралното самоубиство за некои луѓе е подеднакво неподносливо како и физичкото самоубиство.

Затоа државата што требаше да ги обедини Евреите денес е длабоко поделена. Државата што требаше да ги заштити денес предизвикува растечка несигурност кај многу еврејски заедници надвор од Израел. Државата што требаше да биде „светлина меѓу народите“ сè почесто е обвинувана дека станала симбол на бескрајна војна. Тоа не е воен пораз. Тоа е ризик од морална и од политичка самоизолација.

Тука се среќаваат приказните на Америка, на Европа и на Израел. Трите проекти се родени од големи победи. Американската победа − во Втората светска војна и во Студената војна. Европската победа − над националните конфликти од првата половина на XX век. Израелската победа − над вековите прогон и беспомошност. Но, секоја победа создаде илузии. Америка поверува дека може бесконечно да управува со светот. Европа поверува дека може да има политика без реална моќ. Израел поверува дека може да има безбедност без политичко решение.

Денес Америка ја губи хегемонијата што ја дефинираше, Европа се соочува со националните поделби што требаше да ги надмине, а Израел станува сè поосамен во војната што требаше да му донесе безбедност.
Денес тие илузии се распаѓаат пред нашите очи. Затоа не сме сведоци на обичен пад на три држави или институции. Сведоци сме на кризата на три идеи што го обликуваа Западот во последниве осум децении. Прашањето повеќе не е дали Америка ќе остане најсилна држава, дали Европската Унија ќе преживее или дали Израел ќе ја добие следната војна.

Прашањето е дали овие три проекти ќе успеат да се преиспитаат пред сопствените противречности да станат посилни од нивните успеси. Можеби Америка ќе остане најсилната држава на светот. Можеби Европската Унија ќе преживее уште многу децении. Можеби Израел ќе ги добие сите војни што ги води денес.

Но, историјата не поставува само прашање кој победува. Понекогаш поставува многу понепријатно прашање. Што останува од победникот кога причините поради кои победил ќе престанат да постојат?

Економија и бизнис, 15 јуни 2026г

Авторот е политиколог

Најчитано