пишува: Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Ако Западниот Балкан веќе дваесет години чека пред вратите на Европската Унија, тогаш можеби е време Канада да влезе пред него. А можеби е време и НАТО конечно да стане европска алијанса без Америка.
На прв поглед ова звучи како мешавина од политичка сатира, интернет-меме и доцновечерна геополитичка фантазија. Но, светот во последниве години се движи со таква брзина што она што до вчера изгледаше како апсурд денес веќе почнува да добива институционална форма − особено кога станува збор за Европа.
Во последниве неколку месеци идејата за приближување на Канада кон Европската Унија престана да биде само интелектуална провокација. Наместо да стане 51. држава на САД, како што посакува Доналд Трамп, зошто Канада да не стане 28. членка на ЕУ?! Канадскиот премиер Марк Карни стана првиот лидер на неевропска држава поканет на самитот на Европската политичка заедница − платформа што Емануел Макрон ја создаде како простор за идната политичка архитектура на континентот. Истовремено Канада стана и прва неевропска држава вклучена во европскиот механизам за заедничка одбранбена индустрија и воено финансирање (SAFE).
Канада во Европската Унија? Идеја што сè почесто се споменува во Брисел
Во меѓувреме, неколку влијателни европски политичари веќе полуиронично отворија прашање што до неодамна ќе звучеше незамисливо: „Дали еден ден Канада би можела институционално да се приближи уште повеќе до Европската Унија?“ Веќе во претходните месеци приближувањето на Канада кон Европа предизвика ентузијастички и изненадувачки коментари кај некои од највлијателните европски политичари. Во средината на март, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека еден ден Канада би можела да влезе во Европската Унија. Потоа, во средината на април, финскиот претседател Александер Стуб му предложи на Карни „сериозно да размисли за тоа“.
На прв поглед, идејата изгледа апсурдно. Но, само ако Европа сè уште ја замислуваме исклучиво како географија. А што ако Европа веќе престанува да биде само географија?
Некогаш Европската Унија беше проект на економска интеграција. Потоа стана проект на либерални вредности и на постнационална демократија. Денес, под притисок на војната во Украина, кризата во трансатлантските односи, енергетската несигурност и глобалната геополитичка фрагментација, Европа сè повеќе се трансформира во цивилизациски, во безбедносен и во технолошки блок.
Во таков еден контекст, прашањето „Што е Европа?“ повторно станува отворено.
Дали Европа е континент? Дали е цивилизација? Дали е политички модел?
Или, пак, е безбедносна архитектура која полека се создава заради заеднички интереси, институции и вредности? Токму оттука Канада одеднаш престанува да изгледа толку далечно.
Географски Канада е северноамериканска држава. Но, политички, институционално и културолошки, Канада денес во многу аспекти изгледа поблиску до Брисел отколку до делови од самите Соединети Американски Држави. Социјалната држава, мултилатерализмот, регулаторната култура, климатската политика и либералниот модел на демократија ја приближуваат кон европскиот политички простор. Не случајно Марк Карни неодамна изјави дека Канада е „најевропската неевропска држава“. Европската Унија е, исто така, втор најголем трговски партнер на Канада со која го потпиша договорот за слободна трговија CETA во 2017 година, а Канада се приклучи и кон европската програма за научно истражување Хоризонт (Horizon).
„Канада треба да влезе во Европската Унија“, напиша „Економист“ во јануари 2025 година. А во Европскиот парламент постои дури и европратеник, германскиот либерал Јоахим Штрајт, кој активно ја промовира оваа идеја.
Во исто време, односите меѓу Европа и Америка, односно трансатлантското сојузништво влегува во нова фаза на неизвесност.
Трамп беше само најгласниот симптом на таа промена. Кога американски претседател зборува за НАТО како за „хартиен тигар“, кога европските сојузници ги третира како економски товар, а Канада како потенцијална 51. американска држава, тогаш веќе не станува збор само за политички стил. Станува збор за сигнал дека самиот Запад почнува да се менува.
За првпат по 1949 година Европа почнува психолошки да се подготвува за свет во кој Америка повеќе не е апсолутен гарант на европската безбедност. Не формално, не преку спектакуларен распад на НАТО, туку постепено − низ сомнеж, недоверба и чувство дека трансатлантската стабилност повеќе не е вечна категорија.
Токму затоа денес Европа зборува за нешта што до вчера беа речиси табуа: европска стратешка автономија, заеднички фондови за одбрана, координирана продукција на оружје, заедничка воена индустрија и активирање на членот 42.7 од европските договори − практично европска верзија на членот 5 од НАТО.
Полека, речиси незабележливо, Европа се обидува да го гради НАТО без Америка.
Не затоа што сака да ја уништи Алијансата. Напротив, затоа што конечно почнува да разбира дека времето кога Американците го носеа најголемиот дел од товарот за европската безбедност можеби нема да се врати. А носталгијата, како што забележуваат некои европски аналитичари, не е стратегија.
Со децении НАТО функционираше како алијанса „Еден плус триесет и еден“: Америка командува, Европа следи. Денес, за првпат, се отвора прашањето дали Европа постепено треба самата да стане главен носител на сопствената одбрана.
Последниве години Брисел, Париз и Берлин сè почесто зборуваат за европски столб во НАТО. Дел од најважните оперативни команди веќе постепено се европеизираат, а сè погласно се дискутира и за можноста врховниот командант на НАТО во Европа − позиција што 75 години ја држат американски генерали − еден ден да стане Европеец.
Тоа што до вчера изгледаше како интелектуална провокација, денес станува практична дебата. Но, токму тука започнува и најчувствителниот дел од новата европска трансформација. Европа не само што повторно се вооружува туку и Германија повторно станува воена сила.
До 2029 година, германските воени трошоци би требало да достигнат речиси 190 милијарди евра − трети во светот, веднаш зад САД и Кина. Само пред неколку години таквата бројка ќе изгледаше политички и психолошки невозможна за континент кој по 1945 година беше изграден токму врз ограничување на германската воена моќ.
Ако Германија продолжи да инвестира огромни средства за одбраната во сопствената национална индустрија − истовремено намалувајќи ги набавките од Соединетите Американски Држави − на крајот би можела да ја надмине Франција која, денес, е втор најголем извозник на оружје во светот по САД. Тоа е перспектива што сериозно го загрижува Париз. Со беспрекорна картезијанска логика, Франција ја толкува „европската сувереност“ како: не купувај американско, британско или германско − купувај француско. Или, во краен случај, француско-германско; но, главниот заеднички проект меѓу Париз и Берлин, „Воздушниот борбен систем на иднината“ (Future Combat Air System), денес полека се распаѓа.
Французите не се единствените што чувствуваат загриженост. Полската десница е под силен аларм, а и други европски држави почнуваат да чувствуваат непријатност. Дополнителна тежина има и перспективата дека Алтернатива за Германија (Alternative für Deutschland [AfD]), националистичко-популистичка партија која моментално води во анкетите, еден ден би можела да преземе контрола врз моќни вооружени сили. Во реалноста, веројатно е дека Алтернатива за Германија би се вратила кон политика на попуштање спрема Москва. Но, кој може денес да предвиди каква ќе биде политичката состојба во Германија до крајот на среднорочниот хоризонт на воената стратегија, поставен за 2035 година? Впрочем, само пред една деценија никој не можеше да замисли дека во 2026 година Алтернатива за Германија ќе стане најпопуларната партија во Германија.
Германската „епохална пресвртница“ (Zeitenwende) е можеби најдобриот симбол за тоа. Германија со децении беше економски џин и воен минималист. Денес постепено се трансформира во централна сила на европската безбедност и на воената индустрија.
А Европа истовремено сака и да ја контролира таа трансформација и да зависи од неа.
Токму затоа прашањето за европски столб во НАТО повеќе не е техничка дебата, туку егзистенцијално прашање за иднината на самиот континент. Без заедничка стратегија, без заедничка индустрија и без заедничко финансирање, Европа ризикува повторно да се врати во старата логика на асиметрични сили и на национални вооружувања.
Парадоксално е што, наспроти 33-те главни системи на вооружување на Соединетите Американски Држави, Европа располага со околу 174 − меѓу кои 12 различни типови тенкови и 14 модели борбени авиони. Што се однесува до останатото, првиот чекор е едноставно да се создаде простор за оваа дебата која ќе мора да го вклучи и прашањето за проширување на француско-британската нуклеарна одвраќачка моќ кон Источна Европа затоа што историјата на Европа е историја на страв токму од такви воени асиметрии. Тука клучното прашање е како да се избегне повторното појавување на акутните тензии при распределбата на воената моќ меѓу европските држави кои, до 1945 година, истовремено беа и нормално живеење и проклетството на континентот. Како суштински добронамерна хегемонска воена сила, Соединетите Американски Држави, ја штитеа Европа и од едното и од другото?
Затоа денес повторно се отвора и прашањето за заеднички европски долг, еврообврзници и колективно финансирање на одбраната. Бидејќи ако секоја држава се вооружува сама, тогаш Европа не создава европска безбедност, туку нов (дис)баланс на моќта меѓу самите Европејци.
Со други зборови: Европа го сака НАТО без Америка, но сè уште не знае како да ја создаде Европа без старите европски стравови. И можеби токму тоа е најдлабоката противречност на новата епоха. Европа полека сфаќа дека повеќе не може да биде само пазар, регулатор и постисториски простор кој живее под американски чадор. Светот повторно станува свет на сила, на индустрија, на технологија и на цивилизациски блокови. А Европа, сакала или не, повторно мора да научи што значи да се биде геополитичка сила. Не само економска. Не само нормативна. Туку и воена.
И можеби токму затоа денес повеќе не изгледа толку апсурдно да се зборува за Канада во Европската Унија и за НАТО без Америка.
Бидејќи можеби најголемата промена што се случува пред нашите очи не е распадот на стариот Запад, туку неговата тивка трансформација во нешто сосема ново. Америка на Трамп е најдобриот потсетник за тоа.
Економија и бизнис, 15 мај 2026г










