АНАЛИЗА: Турција–Саудиска Арабија–Пакистан: Се раѓа „ИСЛАМСКОТО НАТО“

пишува: Ивор Мицковски, aвторот е политиколог
исламското НАТО

На Блискиот Исток сојузите ретко се создаваат затоа што државите одеднаш почнале да си веруваат, уште поретко затоа што ги обединува некаква романтична идеја за заедничка судбина, а речиси никогаш затоа што старите непријателства едноставно исчезнале. Тие најчесто се раѓаат тогаш кога стравот станува поголем од недовербата, кога една закана се доживува како посериозна од сите нерешени спорови меѓу потенцијалните партнери и, пред сè, кога некој надворешен покровител веќе не изгледа способен да ја гарантира безбедноста што со децении ја ветувал. Токму низ оваа призма треба да се гледа новата одбранбена оска помеѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан, договор што на прв поглед лесно може да биде прогласен за „исламско НАТО“, но чија вистинска политичка тежина е многу позначајна од самата формулација за колективна одбрана.

Формалниот принцип е едноставен и намерно потсетува на членот 5 од Северноатлантскиот договор: напад врз една од трите држави се третира како напад врз сите. Но, Блискиот Исток не е Европа од 1949 година, ниту Саудиска Арабија, Турција и Пакистан имаат интегриран воен команден систем, институционализирана политичка структура или со децении изграден механизам за автоматско активирање на заедничката одбрана. Затоа договорот засега треба да се чита помалку како заокружена воена архитектура, а повеќе како политички сигнал дека трите држави сакаат потенцијалните противници, но и Вашингтон, да почнат да ја пресметуваат нивната безбедност како поврзана равенка.

Тоа е значајна промена затоа што со децении основната безбедносна формула во Персискиот Залив беше речиси банално јасна: богатите арапски монархии купуваат американско оружје, американските сили обезбедуваат чадор на одвраќање, а Вашингтон останува последниот гарант дека ниту една регионална сила нема да може сериозно да го промени балансот. Денес проблемот не е во тоа што Америка исчезнала од регионот, туку што нејзиното присуство повеќе не го произведува истото чувство на сигурност. Американските бази постојат, оружјето продолжува да се продава, политичките сојузи формално функционираат, но самата идеја дека американската заштита автоматски значи физичка безбедност е сè потешко одржлива.

Саудиска Арабија ова го чувствува можеби најдиректно. Таа останува една од најбогатите држави во светот и располага со огромен арсенал купен од Западот, но богатството и технологијата не ја решаваат фундаменталната слабост на нејзината безбедносна позиција: таа е изложена на евтини ракети, дронови, асиметрични напади, јеменски Хути, ирански прокси структури и потенцијален директен удар во средина во која конфликтите повеќе не се ограничуваат на дипломатски притисок. Во таа смисла, Ријад не бара само уште еден сојузник, туку различни типови на капацитет што ги нема самостојно.

Турција му носи на овој сојуз голема конвенционална армија, реално воено искуство, развиена домашна одбранбена индустрија, беспилотни системи и сериозен поморски капацитет, додека Пакистан внесува нешто што ниту Анкара, ниту Ријад не го поседуваат: нуклеарната моќ! Самото присуство на Пакистан не значи дека саудиската безбедност автоматски станува нуклеарно гарантирана, ниту пак дека Исламабад би употребил нуклеарно оружје во туѓ конфликт, но геополитиката не функционира само преку јавно дефинирани обврски. Таа функционира и преку неизвесноста што противникот мора да ја вгради во своите пресметки. Во тој поглед, комбинацијата е доста впечатлива: саудиски капитал, турска воена маса и пакистанско нуклеарно одвраќање.

Најлесното објаснување е дека станува збор за сунитски блок создаден за балансирање на Иран. И тоа објаснување не е целосно погрешно. Иран останува огромен безбедносен фактор, неговата мрежа на вооружени недржавни актери и способноста за ракетни и беспилотни напади претставуваат реална закана, а Ријад има долга историја на конфронтација со Техеран. Но, ако договорот се толкува исклучиво преку шиитско-сунитската поделба, се пропушта можеби поважниот процес што се одвива во регионот.
Турција нема никаков стратешки интерес да влезе во саудиска војна против Иран, а уште помалку да стане копнена сила во некаков американско-израелски проект за промена на иранскиот режим. Анкара и Техеран се конкуренти во Сирија, Ирак, Кавказот и пошироко, но тие истовремено се и соседи кои многу добро знаат дека директна војна меѓу нив би била катастрофална и за двете страни. Пакистан има уште помалку простор за таква авантура: неговата граница со Иран е чувствителна, неговите основни безбедносни приоритети се Индија и внатрешната стабилност, а Исламабад во повеќе наврати има интерес да игра посредничка наместо офанзивна улога.

Токму затоа сè повеќе внимание привлекува второто можно објаснување: дека новиот сојуз не е само осигурување од Иран, туку и индиректна реакција на растечката непредвидливост на Израел.
Тоа е многу почувствителна теза, затоа што децении наназад американската стратегија беше изградена врз претпоставката дека Израел и американските арапски партнери, и покрај меѓусебното непријателство, припаѓаат на еден ист поширок безбедносен систем управуван од Вашингтон. Но, што се случува ако арапските држави почнат да веруваат дека Вашингтон не може, или не сака, да го ограничи Израел кога израелската политика почнува директно да ги допира нивните сопствени интереси?
Од тој момент целиот систем почнува да се менува.

Турција веќе со години се движи кон отворено стратегиско ривалство со Израел. Нивниот конфликт не е само реторички, ниту е ограничен на палестинското прашање. Сирија е простор во кој нивните интереси директно се судираат, а од исходот на тој натпревар зависат и Либан, курдското прашање и пошироката распределба на моќта во источниот Медитеран. Од турска перспектива, на Израел сè повеќе се гледа не како далечна регионална сила, туку како актер способен да влијае врз непосредното турско безбедносно опкружување.

Во таква ситуација, на Анкара не ѝ е потребна саудиска армија што ќе војува против Израел. Тоа би било нереално очекување. Потребна ѝ е политичка и стратегиска конструкција што ќе ја зголеми цената на евентуална конфронтација и ќе ја направи американската пресметка покомплицирана. Ако Турција стои сама, Вашингтон може да го третира турско-израелскиот конфликт како спор меѓу два свои партнери. Ако зад Турција се појави поширока сунитска коалиција во која е вклучена Саудиска Арабија, а во позадина стои и Пакистан, секој конфликт автоматски добива поширока регионална димензија.

Токму тука се гледа колку новиот сојуз е симптом на кризата на американскиот поредок, а не нужно негово целосно уривање. Ниту Турција ја напушта НАТО, ниту Саудиска Арабија престанува да зависи од американската воена технологија, ниту Пакистан ќе се откаже од односите со Вашингтон. Но, сите три држави се обидуваат да создадат дополнителна безбедносна опција која што нема да зависи од една единствена престолнина. Тоа е класична политика на хеџирање: не го напушташ стариот покровител, туку градиш доволно алтернативи за неговата поддршка повеќе да не биде единствената гаранција за твојот опстанок.

Најинтересното прашање, меѓутоа, можеби не е што ќе направат трите потписнички, туку кој би можел да им се придружи. Тука Египет станува клучен актер.

Пакистан носи нуклеарно одвраќање, но географски е периферна сила во однос на Левантот и Медитеранот. Египет, од друга страна, го контролира Суецкиот Канал, граничи со Израел и Газа, располага со голема армија, има огромна демографска тежина и историски останува централна држава во арапскиот свет. Ако Египет некогаш стане дел од траен турско-саудиски безбедносен систем, тоа би создало сосема поинаков регионален баланс.

Она што е навистина интересно и значајно е фактот што Египет одлучи да остане настрана. Можеби Американците ги принудиле на тоа, а можеби египетското раководство едноставно стравува од Израел. Времето ќе покаже. Но, Египет останува државата што треба највнимателно да се следи, бидејќи евентуален египетско-турски сојуз би претставувал најголем кошмар за Израел, а воедно и најсериозен одговор на сè поагресивната и експанзионистичка израелска регионална политика.

Сето ова го отвора големото прашање: што навистина прават Соединетите Американски Држави зад сцената? Моето толкување е дека Вашингтон го убедил Египет да остане надвор од оваа иницијатива, свесен дека неговото приклучување би ја претворило новата конфигурација во најнеповолното можно сценарио за Израел. Тоа што најверојатно се случило е дека САД не успеале да извршат доволен притисок врз Саудиска Арабија и Турција, и покрај силните барања и притисоци што доаѓале од Тел Авив, но сепак успеале, барем засега, да го спречат создавањето на најопасната можна сојузничка конфигурација.
Токму затоа отсуството на Каиро е подеднакво интересно како и присуството на Исламабад. Египет веќе со години се движи низ сложена мрежа на зависности: американска воена помош, финансиска поддршка од Заливот, чувствителни односи со Израел, економска криза и историско ривалство со Турција. Доколку Каиро процени дека регионалниот систем навистина се менува, неговото евентуално приклучување во иднина би можело да го дефинира моментот кога еден ограничен трипартитен договор би почнал да личи на вистински нова архитектура на моќ.

Но, токму тука треба да се задржи малку скепса. Блискиот Исток е гробиште на големите коалициски проекти. Заедничките декларации се лесни, заедничките команди се многу потешки, а моментот кога една држава треба реално да испрати свои војници за да ја брани другата обично ја покажува разликата меѓу политичкиот театар и вистинскиот сојуз. Саудиска Арабија и Турција до неодамна беа жестоки ривали околу Муслиманското братство, Катар, Египет и политичкиот ислам. Пакистан има сопствени стратешки ограничувања. Турција има обврски кон НАТО. А сите три држави имаат различни односи со Иран, Израел и Соединетите Држави.

Затоа најважниот ефект на овој договор можеби нема да биде во тоа дали утре ќе постои заедничка армија, туку во фактот што за првпат се создава сериозна политичка рамка во која водечки муслимански држави почнуваат да ја третираат сопствената безбедност како прашање што повеќе не може целосно да му се препушти на Вашингтон.

Тоа е суштинската промена. Не станува збор за исчезнување на Америка од Блискиот Исток, туку за исчезнување на претпоставката дека само Америка може да биде архитект на неговата безбедност.
И покрај неговата политичка тежина, останува отворено прашањето како ќе изгледа практичната архитектура на овој сојуз. Дали ќе се формираат заеднички воени команди, дали ќе постојат трајни механизми за консултации и координација, како ќе се активира клаузулата за колективна одбрана и дали обврските ќе бидат автоматски или ќе зависат од политичката одлука на секоја поединечна држава. Сè додека овие елементи не бидат институционално разработени, „Конвенцијата од Мека“ повеќе претставува моќен политички сигнал за ново стратегиско усогласување отколку целосно оперативен воен сојуз.

Па сепак, токму ваквите сигнали во геополитиката често имаат тежина што ја надминува нивната непосредна практична примена, бидејќи ги принудуваат Вашингтон, Техеран, Тел Авив, но и европските престолнини, да ги преиспитаат своите досегашни безбедносни пресметки.


пишува: Ивор Мицковски, aвторот е политиколог
Економија и бизнис, 15 август 2026г.

Авторот е политиколог

Најчитано