УЈП: Даночната контрола влегува во податочната ера: помалку, но попаметни контроли

Кога луѓето слушаат „даночен инспектор“, најчесто замислуваат службеник со чанта што ненајавено ѕвони на врата на фирма. Таа слика му припаѓа на минатото. Даночниот инспекторат на Управата за јавни приходи денес поминува низ најдлабоката трансформација во својата историја — од администрација која контролира многу, кон администрација која знае каде да погледне. Разликата не е семантичка. Таа се мери во бројки, а бројките веќе зборуваат.
Даночната контрола влегува во податочната ера: помалку, но попаметни контроли

пишува: Ненад Јанчески, Авторот е главен генерален инспектор, Управа за јавни приходи — Генерален даночен инспекторат

Сивата зона — каде најчесто се крие проблемот

Практиката покажува дека сивата економија не се јавува само кај нерегистрирани субјекти. Напротив, значителен дел од ризикот се наоѓа токму кај регистрираните компании кои дел од својата активност ја водат формално, а дел во сивата зона т.н. „хибридни“ модели на работење, комбинација од пријавени и непријавени активности. Најчестите форми на даночна евазија се добро познати: неевидентирани продажби и набавки, неиздавање фискални сметки, непријавени работници, прикажување непостоечки трошоци за намалување на даночната основа, злоупотреби со ДДВ фактури и фирми „школки“, како и неевидентирање на приходи преку готовински трансакции.

Особено ризични се секторите каде доминира готовинското плаќање — угостителството, трговијата на мало, услужните дејности, сместувачките капацитети и одредени сегменти од градежништвото. Токму затоа, наместо случајни контроли, УЈП денес користи напредна аналитика за да ги идентификува високоризичните даночни обврзници.

Од масовност кон прецизност

Во првата половина од оваа година извршивме помалку надворешни контроли отколку во истиот период лани. За администрација која со децении била оценувана по обемот, тоа може да звучи како назадување. Но, стапката на контроли кај кои утврдивме неправилности порасна од 47 на 59 проценти. Како резултат на тоа, ја подобривме наплатата на даноци (ДДВ, ДД, ДЛД) од инспекциски надзор за 17 проценти, од 492.331.710 денари во првата половина на 2025 година, на 576.936.717 денари во првата половина на 2026 година. Со други зборови, не им одземаме време на даночно усогласените обврзници, а сè попрецизно ги наоѓаме даночно недисциплинираните.

Тоа не е случајност, туку е резултат на нов системски пристап вклучен во Годишните планови за надворешни и даночни контроли за 2025 и 2026 година. Селекцијата на обврзници за контрола повеќе не се потпира првенствено на искуствена проценка, туку на анализа на ризици: секој обврзник добива ризик-профил изграден од десетици индикатори — отстапувања од медијаните на дејноста, несразмер меѓу пријавениот промет и податоците од трети извори, негативен ДДВ ефект, залихи, вработени, просечни профитни и даночни стапки во дејноста, профил на добавувачите, историја на усогласеност. Контролата оди таму каде што ризикот е највисок, а уредните фирми добиваат она што го заслужуваат — мир да работат.

Резултатите покажуваат дека контролите даваат ефект

Дека новиот пристап дава резултати, потврдуваат и податоците од претходната година. Во 2025 година Управата за јавни приходи спроведе повеќе од 9.500 контроли, од кои значителен дел беа поврзани со фискализацијата и регистрирањето на готовинскиот промет. Само во делот на фискалниот систем на опрема беа извршени 6.342 контроли, при што кај над 1.600 субјекти беа утврдени неправилности. Најчестиот прекршок — неиздавање фискална сметка — учествува со околу 73 проценти од сите неправилности.

По однос на овие контроли, вкупниот износ на изречени глоби за правните лица изнесува над 78 милиони денари, а за одговорните лица 6,6 милиони денари. Наплатениот износ од глоби за 2025 година изнесува близу 39 милиони денари за правни лица и 3,4 милиони денари за одговорни лица — двојно повеќе од 2024 година. Ова покажува дека подобрата анализа на ризик, таргетираните контроли и посистемскиот пристап можат значително да ја подобрат даночната дисциплина.

Секторски пристап

Новина е и преминот кон длабински секторски планови. Изработивме планови за надворешна контрола 2026–2027 за повеќе дејности, пред сè поврзани со доминантно готовински промет што ја хранат сивата економија. Наместо изолирани контроли по пријава, ние прво ја мапираме целата популација: регистарот на УЈП се вкрстува со сите расположливи податоци кои ги поседуваме, податоците кои ги добиваме од Централен регистар од поднесените годишни сметки (Биланс на состојба, Биланс на успех), но и од останатите државни органи и институции.

Пораката до даночните обврзници е едноставна и фер: на средноризичните обврзници прво им се обраќаме со персонализирани пораки и им оставаме рок доброволно да се исправат. Контролата е резервирана за оние што нема да ја искористат таа можност, како и за високоризичните даночни обврзници.

Фискализација: санкција за неуредните, потсетник за сите

Во делот на готовинските плаќања работиме на два пристапи.

Првиот е понов и, според резултатите, еднакво моќен. Со акцијата „НЕМА КАСА“ оваа година персонализирано се обративме до над 6.400 обврзници кои вршат дејност без фискален уред. Преку акцијата „Матура“ првично поделивме над 6.200 флаери. Со угостителите и организаторите на свадби, УЈП преку Секторот за услуги на даночни обврзници и даноци е во контакт со цел да им укаже на нивните права и даночни обврски. Добар дел од нив се усогласија без ниту една изречена глоба.

Вториот е класичен — теренски контроли по акциските планови за фискализација, спроведувани по новото Упатство за контроли согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, кое обезбедува унифицирано постапување на секој контролор, во секој град, на ист начин и употреба на индиректни методи за проценка на приходот што даночните обврзници имаат обврска да го пријават, врз основа на карактеристиките на нивното работење.

Комбинацијата на двата пристапи е она што во светот се нарекува „nudge and enforcement“ — потсетување за правата и даночните обврски на поголемиот дел, а решителна санкција за упорно даночно недисциплинираните. Растот на откриени неправилности кај теренските контроли, при ист број контроли, покажува дека сè попрецизно се насочуваме токму кон вторите.

е-Фактура и SAF-T: контролата се сели во податоците

Двете најкрупни новини допрва доаѓаат.

Првата е е-Фактурата, чие воведување започнува кон крајот на годинава. Кога секоја фактура меѓу правни лица ќе патува низ системот на УЈП во реално време, фиктивните фактури и фантом-фирмите — денес најтврдото јадро на даночната евазија — драстично ќе се намалат, а тие што ќе се обидат и понатаму да ги користат, ќе бидат видливи уште во моментот на издавањето, а не години подоцна. Преку проектот е-Фактура драстично ќе се намали и времето поминато на инспекторите кај даночниот обврзник во постапка на надворешна контрола.

Втората е воведувањето на меѓународниот стандард SAF-T (Standard Audit File for Tax) — стандардизирана електронска датотека во која обврзникот, на барање, ѝ ги доставува на даночната администрација своите сметководствени податоци во единствен, машински читлив формат. SAF-T е стандард што веќе го применуваат повеќе европски администрации и неговото воведување е дел од нашиот пат кон европските практики. Овој проект е сè уште во фаза на планирање, но со неговото воведување за фирмите тоа значи крај на камионите регистратори и на неделите поминати со инспектор во просториите: голем дел од контролата ќе се врши врз податоците, од канцеларија, брзо и предвидливо. За нас значи можност автоматски да тестираме многу ставки и да се фокусираме само на аномалиите. Теренските посети ќе се фокусираат само на утврдување на факти и состојби на лице место.

ДДВ повратите: брзина за уредните, терен за ризичните

Во соработка со Канцеларијата за техничка помош на американското Министерство за финансии и ММФ, кои лани и годинава имаа мисии во УЈП, го редизајнираме и процесот на ДДВ поврати, историски најголемиот потрошувач на инспекторско време. Новиот модел е тростолбен: нискоризичните барања ќе се исплаќаат забрзано, средноризичните ќе поминуваат низ канцелариска проверка, а само високоризичните ќе бидат предмет на надворешна контрола. Уредните извозници и инвеститори ќе ги добиваат своите пари побрзо; инспекторите ќе го трошат времето таму каде што навистина има што да се најде.

Од казна кон промена на однесувањето

Борбата против сивата економија, меѓутоа, не може да се сведува само на инспекции и казни. УЈП сè повеќе се фокусира на промена на однесувањето на даночните обврзници. Контролите повеќе не завршуваат со изрекувањето на глобата: по извршената санкција се следи и однесувањето на даночниот обврзник — дали има зголемување на пријавениот промет и подобрување на усогласеноста. Целта е јасна: не само казнување, туку трајна промена во даночната култура.

Луѓето зад системот

Ниту еден алгоритам не заменува добар инспектор — тој само го прави подобар. Затоа паралелно инвестираме во кадарот: нова програма за обука на инспектори почетници во пет модули, од основите на сметководството до сложените шеми на евазија; формални постапки за контрола со задолжителни работни белешки и документиран контролен траг; специјализација на тимови по дејности. Преку Даночната академија при УЈП ќе вршиме обуки на инспекторскиот кадар и на конкретни теми, дејности и законската регулатива. Целта е секое даночно решение да биде така образложено што ќе го издржи тестот и пред судските органи. Силата на една даночна администрација не се мери по тоа колку утврдува, туку по тоа колку од утврденото го наплаќа.

Борба која не ја водиме сами

Сепак, ниту една институција сама не може да ја искорени сивата економија. Таа е комплексен феномен поврзан со социјални, културни и институционални фактори, довербата во државата, перцепцијата за правичноста на системот и толеранцијата кон неформалноста. Затоа решението мора да биде повеќеслојно: подобрување на институционалните капацитети, дигитализација на процесите, поедноставување на даночните процедури, едукација на граѓаните и бизнисите и партнерство со бизнис заедницата.

Договорот што го нудиме

Сите овие новини: ризик-селекцијата, секторските планови, е-Фактурата, SAF-T, канцелариската контрола, меките мерки, се делови од еден ист договор што УЈП ѝ го нуди на деловната заедница: бидете уредни, и ние ќе ви бидеме сервис, а не товар. Пријавувајте реално, издавајте сметки, плаќајте навреме и веројатноста да нè видите на врата ќе биде минимална, а вашите поврати и потврди ќе стигнуваат побрзо од кога било.

За оние, пак, кои сметаат дека даноците се доброволна категорија, пораката е исто толку јасна: просторот се стеснува од сите страни. Податоците од Катастарот, банките, е-Фактурата и SAF-T се вкрстуваат; фантом-фирмите добиваат сè пократок животен век; а инспекторите што доаѓаат на терен доаѓаат подготвени, со досие во кое веќе пишува што бараат. Изборот, како и секогаш, е на обврзникот. Како никогаш досега, оваа можност што им ја нудиме на даночните обврзници не била толку транспарентна и кооперативна.
Во крајна линија, борбата против сивата економија е борба за фер економија, за економија во која правилата важат за сите подеднакво, намерата е да ја намалиме сивата-нелојална конкуренција со цел да им обезбедиме поголем простор на оние што работат чесно. Затоа, вистинскиот успех во оваа борба нема да се мери само со бројот на контроли или изречени казни, туку со едно многу поважно прашање: дали формалното работење станува полесно и попривлечно од сивата зона?

Кога одговорот на тоа прашање ќе биде „да“, тогаш ќе знаеме дека сме направиле вистински чекор напред.


Економија и бизнис, 15 август 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано