ПАД НА БАРАЊАТА ЗА АЗИЛ ВО ЕУ, најатрактивни земји за азилантите се Франција, Италија, Шпанија и Германија

Бројот на барања за азил во Европската Унија се намали за 17 проценти во првата половина од годината, во споредба со истиот период минатата година, и достигна најниско ниво во последните пет години, објави денес Агенцијата за азил на ЕУ (EUAA).

Како што е објавено на веб-страницата на EUAA, земјите од ЕУ примиле околу 332.000 барања за азил во тој период, а ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток не доведе до зголемување на бројот на барања за азил.

39.000 авганистански државјани поднеле барање за азил, седум проценти помалку од претходната година, граѓаните на Венецуела поднеле 33.000 барања за азил, што е речиси за една третина помалку од претходната година, додека граѓаните на Бангладеш поднеле 20.000 барања, а нивниот број на барања се зголемил за 13 проценти во споредба со минатата година.

Франција прими 69.000 барања за азил во првата половина од годината, што е највисоко во ЕУ и сочинува една петтина од сите барања, по што следуваат Италија, каде што беа поднесени 66.000 барања за азил, како и Шпанија и Германија со по 55.000 барања за азил.

Заедно, овие четири земји примија околу три четвртини од сите барања за азил во ЕУ.

Во Грција, во првата половина од годината беа поднесени 23.000 барања за азил, што е најголем број вакви барања по глава на жител, односно беше поднесено речиси едно барање на секои 400 жители.

Во првата половина од годината, стапката на одобрување на азил во земјите од ЕУ беше 31 процент.

Според европските правила што стапија на сила во јуни, барателите на азил од земји со стапка на прифаќање азил под 20 проценти подлежат на забрзана постапка, со брза депортација доколку бидат одбиени, пренесува Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано