РТС ВОВЕДУВА ВИ ЗА ПИШУВАЊЕ И ОБРАБОТКА НА ТЕКСТОВИ

Јавната медиумска институција Радио-телевизија на Србија (РТС) објави јавна набавка за услуги за интеграција на вештачка интелигенција во системот за внесување содржини на својот портал, со проценета вредност од 3 милиони динари.

Предметот на набавката, како што е наведено во техничката спецификација, вклучува развој и имплементација на решенија со вештачка интелигенција што би овозможиле автоматско креирање и обработка на медиумска содржина, а воедно ќе ја задржат уредничката контрола на новинарите.

Меѓу клучните функционалности што се бараат се автоматското следење на сметките на социјалните медиуми и генерирањето на статии врз основа на содржина од платформи како што се YouTube, Instagram, X, Reddit, TikTok и LinkedIn, како и креирањето текстови од идеја до финална верзија со можност за последователна обработка со вештачка интелигенција. Системот треба да овозможи и генерирање на статии од прилагодени извори, како што се веб-страниците на државните институции, спортските клубови и други организации, како и анализа на содржината на други медиуми во земјата и странство.

Посебен дел од барањето се однесува на автоматска SEO оптимизација, транскрипција на аудио и видео снимки, генерирање на статии од содржини на YouTube, како и автоматска проверка на факти што ја користат новинарите при подготовка на текстови.

Предвидена е поддршка за работа на српски јазик, вклучувајќи го корисничкиот интерфејс и командите, како и задолжителна техничка поддршка.

Како што е наведено, тестирањето на понудувачите ќе се спроведе во рок од пет дена од отворањето на понудите и ќе вклучува 10 точки на верификација, меѓу кои се креирање на статии од социјалните мрежи, видео и аудио материјали, обработка на текстови, SEO анализа и проверка на факти.

Условот е тестот да биде положен со 100% успех, а понудата на понудувачите кои не ги исполнуваат сите дадени критериуми ќе биде отфрлена како несоодветна, пренесува Данас.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано