„Пенливи приказни од тиквешките винарии” е насловен настанот што вечерва се одржува во Вински музеј за регионот Тиквеш, со поддршка на Општина Кавадарци, а во рамките на „Кавадаречко културно лето”. Љубителите на винската култура имаат можност да дегустираат квалитетни вина во дворот на музејот, сместен во градскиот парк, еден од најубавите во државата.
– Винскиот музеј на регионот Тиквеш е место каде се чуваат и раскажуваат приказните за лозарството и винарството, традиција што со векови е дел од идентитетот на нашиот крај. Денес имаме особена чест за прв пат на едно место со големите и малите винарии да ја промовираме пенливата винска приказна од тиквешкиот регион – вели Елизабета Ристова, директорка на Вински музеј.
Таа истакнува дека пенливото вино е симбол на прослава, успех и заедништво. А токму овде, нагласува таа, во срцето на македонското лозарство, тоа добива своја автентична приказна, создадена од вредните раце на нашите лозари и мајстори за вино. Притоа подвлекува дека Тиквеш не е само регион каде се произведува вино. Тиквеш е регион каде се живее со лозата, каде секоја чаша носи дел од сонцето, почвата и традицијата на овој крај.
– Оваа промоција е поттик за уште поголема афирмација на нашите пенливи вина, за развој на винскиот туризам и за гордо претставување на тиквешкиот регион пред домашната и меѓународната публика. Благодарам што сте дел од оваа свеченост. Посакувам пријатна дегустација, убаво дружење и многу успешни здравици со пенливите вина од тиквешкиот регион – порачува Ристова.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








