ОН предупредуваат дека се влошува состојбата на океаните

Во најновиот извештај на Обединети нации се наведува дека се влошува состојбата на океаните и се повикуваат земјите итно да дејствуваат против забрзаното загревање, загадувањето и загрозувањето на подводниот свет.

  • Океанот е основа на животот на Земјата. Неговото здравје е сериозно загрозено бидејќи екосистемите и живеалиштата се приближуваат или веќе ги поминале критичните точки на пресврт – се наведува во извештајот на ОН подготвен од 600 научници од 86 земји.

Извештајот од 1.350 страници е трета глобална процена на океаните за периодот од 2018 до 2023 година.

Не можеме да продолжиме да се однесуваме кон океанот како кон неисцрпен ресурс, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

А за меѓународната невладина еколошка организација „Гринпис“ извештајот мора да биде аларм за „создавање целосно заштитени морски резервати, каде што ќе бидат забранети сите човечки експлоататорски активности – индустриски риболов и длабокоморско рударство.

Извештајот ги истакнува повеќекратните притисоци со кои се соочуваат океаните, кои ги менуваат своите физички и хемиски својства, од климатските промени до загадувањето и според демографијата моментно 37 проценти од светската популација живее во радиус од 100 километри од брегот.

Според извештајот, една од последиците е забрзаното затоплување: 16 проценти од вкупното затоплување на океаните во последните 70 години се случило од 2018 година.

Пред 2015 година нивото на океаните годишно се зголемувало просечно за два милиметри, а во 2023 година регистрирано е зголемување за 4,3 милиметри.

Во океаните се зголемува присуството на средствата за чистење, остатоците од лекови, како што се антибиотиците, а особено пластиката, чии најмали фрагменти влијаат на повеќе од 4.000 вида.

Во извештајот се нагласува дека усвојувањето на договорот за отворено море, што стапи во сила во јануари, е „одлучувачки чекор“, но дека „предизвикот останува да се надмине фрагментацијата“ меѓу државите и секторските интереси во време кога мултилатерализмот е во сериозна криза.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано