АНАЛИЗА: Злато, сребро и диверзификација – стратегија за зачувување на капиталот во време на глобална неизвесност

пишува: Дарко Стојкоски | Авторот е раководител на Сектор за инвестициско злато и сребро, Унибанка АД Скопје
Злато, сребро и диверзификација – стратегија за зачувување на капиталот во време на глобална неизвесност

На финансиските пазари, неизвесноста не е исклучок – таа е правило. Прашањето не е дали ќе настапи следната корекција, туку кога и со каков интензитет. Токму затоа, искусните инвеститори не го градат своето богатство само врз очекувањето за висок принос, туку и врз способноста да го заштитат капиталот во периоди на зголемен ризик.

Во текот на 2026 година, светските финансиски пазари повторно се соочија со силни осцилации. По рекордниот раст на цената на златото во првите месеци од годината, следуваше значителна корекција под влијание на очекувањата за раст на инфлацијата и повисоките каматни стапки и промената на инвеститорското расположение. Сето тоа допринесе некои инвеститори да реализираат дел од претходно остварените профити како резултат на континураниот раст на златото во последните две до три години.
Сепак, и покрај оваа негативна корекција на цената на златото изразена преку американскиот долар од негативни 12,2% во последните 6 месеци, златото сепак останува едно од средствата кое бележи најдобри перформанси во последните 12 месеци каде бележи раст од позитивни 31%.

Овој пример потсетува на една важна лекција: вредноста на благородните метали не лежи во краткорочните ценовни движења, туку во нивната улога како долгорочен стабилизатор на портфолиото.

Диверзификацијата – најдобрата заштита од неизвесност

Во професионалното управување со средства постои едно правило кое речиси никогаш не ја губи својата важност – не се вложува целиот капитал во една класа на средства. Во вакви околности сè почесто се поставува прашањето: како да се зачува вредноста на капиталот при изразени ризици и зголемена волатилност на пазарите на капитал?

Еден од основните принципи на современото инвестирање е диверзификацијата – распределба на средствата во различни класи на инвестиции со цел да се намали вкупниот ризик на портфолиото.

Наместо вложување во еден вид средства, инвеститорите комбинираат акции, обврзници, депозити, недвижности и благородни метали, при што вредноста на секоја класа на средства различно реагира во различни економски услови. За да се постигне оптимален принос неопходно е да се направи добра комбинација на традиционално постабилните инструменти како што се депозитите и обврзниците со оние инструменти кои се поризични, поволатилни и поциклични во движењата како што се акциите, благородните метали, нафтата и други. На графикон 1 можеме да ги видиме резултатите од инвестирањето во поединичени класи на средства во 2024та, 2025та и од почетокот на 2026та година, изразени во валутата евро.

Одредени инвестиции им донеле солиден принос на инвеститорите во одредени години, додека во други години истите тие имале субоптимален принос. Со диверзификација не само што дозволуваме на сите инвестиции да допринесат во вкупниот резултат, туку и овозможуваме негативната или ниска корелација на приносите кај различните класи на средства да делува како стабилизатор и да ја намали волатилноста на вредноста на целото портфолио, а со тоа и да ја зачува неговата вредност во кризни години.

Во тој контекст, инвестициското злато и сребро со децении претставуваат значаен дел од стратегијата за долгорочна заштита на капиталот особено бидејќи најчесто се движат обратно пропорционално со порастот или падот на референтните каматни стапки.

Златото со векови се смета за средство кое ја задржува својата вредност. За разлика од хартиените валути, неговата понуда е ограничена, а не зависи од одлуките на владите и централните банки или од финансиската состојба на поединечни компании. Поради тоа, во периоди на зголемена неизвесност многу инвеститори дел од своите средства ги насочуваат кон физичко инвестициско злато како дополнителна форма на стабилност во портфолиото.

Среброто, покрај неговата улога како благороден метал, има и широка индустриска примена. Тоа е незаменлив материјал во производството на електроника, електрични автомобили, соларни панели, медицинска опрема и современи технологии. Комбинацијата од инвестициска и индустриска побарувачка му дава на среброто специфични карактеристики и потенцијал за раст, но истовремено може да предизвика и поголеми ценовни осцилации во споредба со златото.

Токму тука благородните метали добиваат посебно место. Нивната задача не е да ги заменат останатите инвестиции, туку да придонесат за поголема отпорност на целокупното портфолио во различни економски сценарија.

Зошто златото и понатаму останува глобална референтна вредност?

Во услови на политичка, економска и валутна неизвесност, инвеститорите традиционално бараат средства кои не зависат од кредитната способност на една компанија, банка или држава.

Физичкото инвестициско злато не носи кредитен ризик и не претставува ничија обврска. Поради тоа, неговата улога во финансискиот систем останува единствена.

Ова не е став само на приватните инвеститори. И централните банки продолжуваат да го сметаат златото за стратешка компонента на своите девизни резерви. Во текот на 2026 година, повеќе централни банки, меѓу кои Полска, Кина, Казахстан и Узбекистан, продолжија со зголемување на своите резерви, потврдувајќи дека благородните метали остануваат значаен дел од долгорочната монетарна стратегија.
Во графикон 2 може да се види континуираниот пораст на централно-банкарските купувања на злато во периодот од Кв.1/2025 заклучно со Кв.1/2026 година:

Истиот тренд е забележан и во вториот квартал од 2026 година кога овие централно-банкарски купувања пораснале од 177,9 тони во Кв.2/2025-та година на ниво од 288,9 тони злато во Кв.2/2026-та година (месечен пораст од 62%) што претставува втор највисок квартален пораст од 2013 година до денес. (графикон 3)

Среброто – благороден метал со индустриска иднина

За разлика од златото, среброто има двојна природа.

Покрај инвестициската побарувачка, тоа претставува клучна суровина во производството на соларни панели, електрични возила, медицинска опрема и современа електроника. Затоа неговата цена не зависи само од финансиските пазари, туку и од развојот на индустријата и новите технологии.

И покрај тоа што среброто е метал кој е исклучително поволaтилен во однос на златото, сепак постои голема корелација помеѓу овие два најпопуларни и најдоминантни благородни метали односно насоката по која се движи цената на среброто во голема мера се движи по ист образец како што се движи и цената на златото.

Во графиконот 4 може да се види поврзаноста помеѓу движењето на цената на златото и среброто прикажани преку односот на цената на двата метали во однос на валутата Американски Долар за периодот од август 2025-та до август 2026-та година.

Корекциите не се причина за паника

Една од најчестите грешки е претпоставката дека цената на златото секогаш мора да расте. Реалноста е поинаква. По историските максимуми достигнати во почетокот на 2026 година, цената на златото забележа значителна корекција.

Но токму ваквите периоди покажуваат зошто инвестирањето во благородни метали не треба да се гледа низ призма на неколку недели или месеци. Историјата покажува дека нивната вистинска вредност се оценува низ цели економски циклуси, а не преку дневните ценовни флуктуации.

Квалитетот е исто толку важен како и времето на купување

При инвестирање во физичко злато и сребро, изборот на производ е подеднакво важен како и моментот на купување.

Инвестициските производи од светски признати рафинерии, со меѓународно признаени стандарди за чистота и за автентичност се најчесто гарантирани преку членство во глобално најпризнатата London Bullion Market Association,а со тоа се обезбедува поголема ликвидност и полесна продажба на глобалниот пазар. Купувањето преку регулирани финансиски институции, кои ќе можат да Ви гарантираат долгорочен откуп на продуктите, како и кредитна поддршка со залог на златото дополнително ја зголемуваат сигурноста и транспарентноста на инвестицијата.

Исто така и психологијата игра важна улога во однесувањето на инвеститорите. Најголемиот број инвеститори реагираат емоционално. Купуваат кога цените веќе значително пораснале, а избегнуваат да купуваат токму кога средствата се потценети. Но трпеливите, емоционално-стабилни и информирани инвеститори знаат дека “времето на најголем песимизам е најдобро време за купување, а времето на најголем оптимизам е најдобро време за продажба”.

Покрај оваа изрека на Џон Темплтон можеби најпозната во оваа насока е изреката на Ворен Бафет која вели :
„Биди претпазлив кога другите се алчни, а биди храбар кога другите се плашат.“

Долгорочната перспектива останува најважна

Во време кога пазарите секојдневно реагираат на вести за инфлацијата, каматните стапки, геополитиката и економскиот раст, најголемата вредност не лежи во обидот да се предвиди секое движење на цените.
Таа лежи во изградбата на избалансирано портфолио кое може успешно да функционира и во периоди на раст и во периоди на криза.

Токму затоа, инвестициското злато и сребро не треба да се набљудуваат како алтернатива на останатите финансиски инструменти, туку како нивен природен дополнителен елемент. Во свет каде економската неизвесност, глобалните политички превирања, пролонгираните инфлаторни шокови и воени конфликти стануваат реално секојдневние, диверзификацијата останува најдобрата инвестиција, а благородните метали продолжуваат да ја оправдуваат својата репутација како едни од најважните чувари на вредноста на капиталот.

Искусните инвеститори најчесто применуваат дисциплиниран и постепен пристап, со редовни вложувања во подолг временски период. На тој начин се намалува влијанието на краткорочните ценовни осцилации и се гради поодржливо портфолио.

Во време кога неизвесноста стана составен дел од глобалната економија, внимателното управување со личните финансии добива сè поголемо значење. Диверзификацијата останува еден од најважните принципи на успешно инвестирање, а инвестициското злато и сребро можат да претставуваат вреден елемент во една долгорочна стратегија за зачувување на капиталот.


пишува: пишува: Дарко Стојкоски | Авторот е раководител на Сектор за инвестициско злато и сребро, Унибанка АД Скопје
Економија и бизнис, 15 септември 2026

Најчитано