Туризмот – ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ОДРЖЛИВ И ИЗВОЗНО ОРИЕНТИРАН РАСТ

Туризмот сè повеќе се препознава како сектор со потенцијал за одржлив и извозно ориентиран раст. Во таа насока членките на Здружението за угостителство и туризам при Комората имаат дефинирани препораки кои доколку се применат и/или имплементираат ќе придонесат за видливи позитивни економски резултати од секторот:

-Комитет за туризам како највисоко тело, за трајни заложби на државата кон развојот на туризмот како индустрија со силен потенцијал за отворање нови работни места, зголемено учество во БДП и со потенцијал да го надомести трговскиот дефицит. Во моментов постои само советодавно тело во рамки на министерството и нема мандат:

  • да разгледува предложени мерки, студии, проекти од областа;
  • да ги задолжи за постапување соодветните ресорни институции со акциски план за реализација во функција на развој на туризмот како еден од приоритетните сектори.

-Стопирање на одливот на кадар преку поддршка на придонесите на вработените и финансиската поддршка на платите за вработените.

-Формирање државен гарантен фонд со соодветни услови за олеснување на можностите и достап до мали кредити со пониски камати за мали семејни бизниси во руралните средини да може да вложуваат во туризмот.

-Даночни олеснувања или целосно ослободување во одреден временски рок за нови вложувања во туристички капацитети во рурални средини.

-Поголема популаризација на правилникот за категоризација на рурално сместување (селско домаќинство) за кое постојат и одредени субвенции а се непознати за голем дел од населението.

-Да се предвидат маркетинг истражувања и маркетинг активности во земјите кои претставуваат емитивни сфери и наша целна група.

Една од најзначајните алки во системот е создавањето на кадар и зголемување на атрактивноста на угостителството и туризмот кај младите генерации. Бизнис секторот во рамки на Комората веќе има констатирано дека е потребна популаризација на програмите за едукација на формалното и неформалното образование. Потребен е поголеме број на едукативни програми за дефицитарни професии кои не се опфатени со образовниот систем на формалното образование, а се барани на пазарот на труд во земјата и во ЕУ заедницата. Периодичната дообука на редовно вработениот персонал, негова преквалификација и подобрување на вештините и стекнатите знаење, како и следење на модерните трендови е од големо значење за секторот туризам и угостителство. Во таа насока се и активностите кои ги реализиравме преку секторското здружение и тоа кај најмладите.

-Во насока на потпомагање на државата во организирањето ефективен и ефикасен систем на туризмот со капацитет да изгради високо организирана и меѓународно позиционирана, конкурентна дестинација, еден од следните чекори што ги планира Стопанската комора е формирањето на Институт за туризам со научноистражувачка, консултативна и едукативна дејност.


Економија и бизнис, 01 септември 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано