ЗДРУЖЕНИЈАТА – ДВИГАТЕЛ ЗА КРЕИРАЊЕ НА ОБРАЗОВНИ ПОЛИТИКИ ИНИЦИРАНИ ОД ПОТРЕБИТЕ НА КОМПАНИИТЕ

ПРЕЗЕНТИРАНИ КАРИЕРНИ МОЖНОСТИ ВО СЕКТОРОТ ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО

Образование по мерка на бизнисот, продолжува да биде еден од врвните приоритети на Стопанската комора, која во изминатите години успеа своите заложби за реформи во образованието да ги преточи во конкретни резултати, издигнувајќи ја Комората, но и бизнис заедницата како партнер, а не набљудувач во процесот на образување кадар кој ќе одговара на барањата и потребите на пазарот на труд.

Во насока на поддршка на процесот за креирањето на квалитетно и функционално стручно образование, со поддршка на проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк, се реализираа 5 промотивни настани во Скопје, Охрид, Струга, Велес и Битола, со поддршка на министерството за образование и наука, а во соработка со средни стручни училишта во кои се изучуваат овие квалификации, работодавци – членки на Здружението кои имаат улога на промотори на занимањата, основни училишта од регионот за чии деветтоодделенци беа наменети настаните. Беа опфатени 4 стручни училишта во кои постои образовен профил од секторот угостителство и туризам, 23 основни училишта од 8 општини, а на истите присуствуваа 248 ученици и 5 претставници од Здружението за угостителство и туризам.

ОХРИД И СТРУГА

Во Регионалниот центар за стручно образование и обука на југозападниот регион, „Ванчо Питошески“, преку презентација на успешни примери на угостителски и туристички работници и атрактивност на занимавање со угостителско-туристичката дејност, имаа можност да се запознаат со можностите кои ги нуди овој сектор повеќе од 100 ученици од 7 училишта од охридско-струшкиот регион. Работодавачите потенцираат дека сакаат млади луѓе со страст и покажуваат подготвеност да ги научат младите лица да стекнат практични вештини кои веднаш ќе придонесат во работниот процес.

БИТОЛА, НОВАЦИ И МОГИЛА

Во Хотел „Молика“,во срцето на Националниот парк Пелистер, повеќе од 50 ученици од деветто одделение од повеќе основни училишта од трите општини имаа единствена можност да го запознаат туризмот „од внатре“. Хотел „Молика“, како еден од најавтентичните планински хотели во земјава, се покажа како идеална сцена за ваква промоција. Посебен впечаток кај младите оставија сведоштвата на вработени кои својата кариера ја градат во овој објект. На настанот се разговараше и за конкретните образовни профили од туристичко-угостителскиот сектор кои учениците можат да ги изберат преку презентација од СОУ „Таки Даскало“ од Битола и РСЦОО „Ванчо Питошески“ – Охрид.

СКОПЈЕ

Во Средното училиште „Лазар Танев“ се реализираше запознавање на основците од општините Центар и Аеродром со кариерните можности во туризмот и угостителството. Пред повеќе од 50 учениците од 5 основни училишта беа презентирани кариерните можности кои ги нуди овој сектор преку искуствата на претставници од Здружението за угостителство и туризам и низ искуството на професор по практична настава-готвач кој низ личното работно искуство на различни позиции во угостителскиот сектор им ги доловија перспективите за кариерен развој кои ги нуди овој сектор. Пораката беше јасна – овој сектор има перспектива и нуди реални можности за вработување и професионален развој.

ВЕЛЕС

Хотел „Романтик“, беше домаќин на педесетина ученици од четири основни училишта од Велес, кои се запознаа со можностите што ги нуди стручното образование, со посебен акцент на туристичко-угостителската струка, преку презентација на образовните потенцијални кои ги нуди средното стручно училиште „Коле Неделковски“. На настанот своето искуство го споделија и претставници од Хотел „Романтик“, како истакната членка на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора, во насока на презентирање на можностите за личен развој во угостителската струка.


Економија и бизнис, 01 септември 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано