Веќе сме во срцето на летото, а од пристаништето Пиреас кон нашите острови, секоја година заминуваат на одмор на островите околу 10.700.000 луѓе, посочи министерот за поморство и островска политика на Грција, Василис Кикиљас, кој утрово го посети најголемото грчко пристаниште по повод зголемениот летен поморски сообраќај, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас се осврна и на улогата на припадниците на крајбрежната служба во непреченото функционирање на пристаништата, но и упати апел до патниците да ги следат нивните упатствата, бидејќи како што истакна, „безбедноста е над сè“.
Со оглед на тоа што за Грците, главниот период за одмор е околу празникот Успение на Пресвета Богородица на 15 август, министерот за поморство рече дека дотогаш ќе има континуиран пораст на исполнетоста на бродовите и траектите.
– Знам дека во овој период, па сè до пикот околу 15 август, исполнетоста постојано ќе се зголемува и ќе достигне 100 проценти. Затоа, ве молам за малку трпение и добро расположение. И да ги слушаме луѓето, кои си ја знаат својата работа, рече министерот.
извор МИА








