Франција и Германија се уште имаат спротивставени ставови околу контроверзните планови за воведување на правилото „произведено во Европа“, чија цел е зајакнување на клучните индустрии со јавни средства, како и околу начинот на кој во овие планови би се вклучиле земјите надвор од Унијата.
– Јавните пари на Европејците мора да завршат кај европските работници и во европските фабрики – изјави францускиот министер за индустрија, Себастиен Мартен денеска во Брисел, на маргините на состанокот на министрите на ЕУ задолжени за конкуренција.
Мартен нагласи дека во случаите кога синџирите на вредност не се „100 отсто европски“, би можело да се разгледа можноста за поширока дефиниција.
– Но, за одредени индустриски сектори, а тука особено мислам на автомобилската индустрија, имаме среќа што на европскиот континент располагаме со интегриран синџир на вредност способен за производство на автомобили – рече тој.
Плановите имаат за цел да го запрат индустрискиот пад на ЕУ преку насочување повеќе јавни средства кон домашното производство.
На државите би им било дозволено финансиски да ги поддржуваат клучните сектори, како што се производството на цемент или технологиите за чиста енергија, само доколку нивните производи се произведуваат во одредена мера во Европа.
Германската министерка за економија, Катерина Рајхе, го повтори барањето на Берлин за помалку рестриктивна рамка и нагласи дека треба да се вклучат и најблиските партнери на ЕУ надвор од границите на европскиот континент.
– Со други зборови, производство во Европа, но во соработка со нашите трговски партнери – со Норвешка, со Швајцарија, но и со партнерски земји како Канада – изјави Рајхе во Брисел.
Претходно оваа недела, британскиот премиер Енди Барнам, за време на разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предупреди дека таканаречениот Закон за индустриски забрзувач на ЕУ би можел да предизвика „колатерална штета“ за британската индустрија.








