Во Службениот весник на Грција беа објавени новите плати на највисоките свештеници на Православната црква на Грција: поглавари, архиепископи, митрополити и епископи, додека обичните свештеници не се вклучени во новата регулатива за плати, објави атинската РТВ СКАИ.
Бидејќи државата и Црквата во Грција не се одвоени, свештениците се државни службеници, а нивните плати се прилагодуваат соодветно.
Врз основа на новата рамка, од 1 јули, платите на највисоката црковна хиерархија се поврзани со месечната плата на генералниот секретар на Министерството за образование, религија и спорт, која изнесува 5.191 евра бруто.
Поглаварот на Православната црква на Грција, Јероним, чија титула е „Архиепископ на Атина и цела Грција“, активните митрополити и титуларни митрополити ќе добиваат месечно 90 проценти од таа сума, или 4.671,90 евра бруто.
За титуларните и помошните епископи, платите се утврдени на 70 проценти од платата на митрополитот, односно 3.270,33 евра бруто месечно.
Обичните парохиски свештеници беа исклучени од оваа промена на платата, што веднаш отвори дискусија и предизвика негодување, и политички и во Црквата.
Од особена важност е одредбата дека на свештениците повеќе нема да им се исплаќаат никакви други финансиски бенефиции покрај нивните плати.
Ова значи дека дополнителните износи што би можеле да бидат поврзани со трошоци за настапи, патувања, учество во собори, комитети или синодални тела, како и секоја друга финансиска поддршка обезбедена со претходните прописи, се суспендирани.
Платите, според тоа, стануваат единствени и прецизно утврдени, без додатоци или хонорари.
Премиерот Киријакос Мицотакис во неодамнешно телевизиско интервју ја претстави новата регулатива како долгогодишно барање на Грчката црква. Тој тврдеше дека платите на митрополитите не треба да бидат значително пониски од оние на другите службеници, нагласувајќи ја нивната административна улога.
Сепак, неговите критичари поставуваат прашања за состојбата на општеството и општественото влијание. Тие укажуваат дека зголемувањето на платите доаѓа во време на зголемен притисок врз домаќинствата. Тие исто така го критикуваат фактот дека обичните свештеници, кои извршуваат голем дел од секојдневната пастирска работа во парохиите, не се вклучени во зголемувањето на платите, пренесува РТЦГ.
Фото Економија и бизнис








