Музичко-сценски перформанс во кој ќе бидат вклучени над 120 македонски уметници ќе биде организиран по повод одбележувањето на 35 години независност на Македонија. Тој, како што е предидено, треба да се одржи на отворено во 14-15 градови во Македонија, а низ уметничка перспектива ќе бидат прикажани сите моменти кои не направиле горди, среќни, кои не обединуваат или, како што велат организаторите, се она што било важно во изминатите 35 години од независноста.
-Значи, музичко-сценскиот перформанс нема за задача да биде некаква хронологија или да се занимава со реалното време, всушност создаваме една уметничка реалност каде што низ едно музичко-сценско патување ќе ги патуваме сите овие 35 години, обидувајќи се, би рекол, од два агли да ја гледаме независноста. На едниот е генерацијата којашто беше директен учесник во тоа, а на другиот е младата генерација којашто ја наследува независноста. Така што ќе се обидеме на еден уметнички начин да ги споиме генерациите, да направиме еден мост, рече Дејан Пројкоски кој е режисер на перформансот.
Според него ова ќе биде еден од најголемите сценски спектакли на отворено во земјава.
-Всушност, 35 години од независноста на Македонија ќе биде инспирација за голем број на пејачи, музичари, актери… Ќе се обидеме да ги сооздадеме сликите коишто се дел од нашата колективна меморија. Ќе ги споиме сите уметности. Ќе се обидеме да се занимаваме со ликовната уметност, со филмот, со поезијата, литературата, односно да исплетеме една мрежа преку која ќе ја создадеме таа наша сценска естетика, рече Пројковски.
Појасни дека перформансот ќе биде поддржан со сериозна техника и технологија, а оти низ него ќе не води Игор Џамбазов.
-Ќе се обидеме овој празник да важи за сите, за сите граѓани на независна Република Македонија. А не дека досега не било така, но овој пат ќе се даде посебна назнака на тоа дека сите го прославуваат. Роденден на сите оние коишто се чувствуваат лојални граѓани на оваа држава, рече Џамбазов на прес-конференцијата.
Според него, со организаторите на настанот се договориле перформансот да почне со едни од антологиските стихови што ги напишал големиот Анте Поповски, во неговата антологиска песна „Македонија“.
-Таа завршува со стиховите „О, еве ја таа проста земја од грч и од чекање што ги натера ѕвездите да прошепотат на македонски, а никој не ја знае.“ Овие стихови се напишани пред 40-45 години. Ова е вистинска шанса овој проект да докаже дека повеќе не е така. Дека не само што ѕвездите веќе шепотат на македонски, туку малку по малку сите научија која е таа Македонија, каде се наоѓа, а најмногу поткрепено од фактот дека надвор ќе бидат одекнат и голем број успеси на државата во спортот, во уметноста…, истакна Џамбазов.
Вели дека би сакал на оваа прослава да се радуваме на нашето постоење, на постоењето на нашата држава.
Портпаролката на Владата Марија Митева смета дека интернационалните ѕвезди се вредни и значајни, но оти за земјава од исклучителна важност се македонските уметници.
-Македонските уметници, македонската култура се оние кои го носат духот на една нација. И јас и целата Влада сме горди што влеговме во реализација на еден ваков проект во кој над 120 уметници, македонски уметници, ќе бидат дел од за мене можеби најважниот проект во овој дел за одбележување 35 години независност на Република Македонија, рече Митева.
Таа изрази благодарност до сите уметници кои ќе бидат дел од овој денеска најавен проект. Додаде дека како Влада етапно ќе ги соопштуваат и останатите проекти коишто ќе бидат дел од оваа прослава на 35 години независност на Македонија.
Продуцентот Пеце Талески од „ОХО продукција“ смета дека 35 години во создавањето независност за една држава за една генерација се многу, но за постоењето на државата не.
-Триесет и пет години за создавање една држава, тоа е кратко. Е сега, низ нашата уметничка вечност ние дефиниравме неколку интересни теми од каде што ќе го развиеме овој музичко-сценски спектакл на кој независноста ќе биде раскажана на на еден уметнички начин, рече Талески.
Како што истакна, во август и во септември низ цела Македонија плоштадите ќе бидат многу убави места каде граѓаните ќе треба да бидат и да ја чујат и видат оваа уметнички прераскажана приказна за независноста на Македонија.
Бобан Милошевски од Авалон продукција потсети дека во рамки на одбележувањето веќе се најавени настапите на Хозе Карерас и Macedonian all stars i na Дејвид Гета.
Овој проект што денеска се најавува, рече, е многу важен затоа што задира во идентитетскиот дел на прославата на 35 годишнината од независноста на Македонија.
извор МИА








