- Пред некое време повторно го гледав полскиот филм Sexmission (1984) во кој се претставвува свет во кој мажите се непотребни, а општеството го водат жени. Гледан денес, филмот наметнува прашање што надминува политичка сатира: што се случува кога мажите и жените постепено престануваат да се чувствуваат потребни едни на други? И зошто тоа треба да ја засега бизнис-заедницата, а не само социолозите?
„Не ми требаш“ – новата економска реалност
Едно од најголемите цивилизациски достигнувања на последните децении е тоа што жената повеќе не мора да биде економски зависна од мажот. Таа работи, заработува, раководи компании, живее сама по избор. Тоа е моќ и слобода што со право ги браниме. Но истата промена отвора прашање и за мажите: кога традиционалната улога на „обезбедувач“ исчезнува, а новата улога сè уште не е дефинирана, луѓето не стануваат автоматски послободни – стануваат несигурни. А несигурноста лесно се претвора во повлекување. Во Америка веќе постои термин за тоа: approach anxiety – страв кај младите мажи да иницираат контакт во реалниот живот, поради страв од одбивање или погрешна перцепција. Резултатот е парадоксален – апликациите стануваат посредник кој ја заменува директната комуникација. Сите се повнимателни. Сите се поосамени.
Кога независноста се претвора во непријателство кон другиот пол
Треба да го кажеме и ова отворено: дел од современиот феминизам – особено неговата популаризирана и поедноставена верзија што циркулира на социјалните мрежи – тивко ја замени пораката „жената не мора да зависи од маж“ со „жената не треба да зависи од маж – па дури ни емоционално, ни партнерски“. Тоа е суптилна, но значајна разлика. Првото е ослободување. Второто, ако се доведе до крајност, е рецепт за изолација маскирана како сила.
Ова прашање го отворивме пред три години на конференцијата во организација на М6 едукативен центар, Woman Leadership – Breaking the “Glass Ceiling” by Bridging the Gender Gap. Анализата покажа дека дел од јавниот дискурс за родова еднаквост, наместо да гради мостови, всушност гради ѕидови – учејќи ги младите жени да гледаат на мажите како на ризик, а не како на потенцијален партнер т.е. промоција на верзија на еднаквост која, наместо соработка, нуди спротивставеност и изолација. Обидувајќи се да решиме еден проблем, можеме да го направиме поголем. Ако не „бидеме на иста страна“, ќе почнеме да се гледаме како противници. Женското лидерство не смее да биде замена на еден пол со друг туку треба да значи искористување на уникатните сили и перспективи што секој пол ги носи во себе.
Еднаквост не значи идентичност
Во последните децении направивме важен чекор кон родова еднаквост. Но еднаквоста во достоинство, права и можности не значи дека мажите и жените треба да станат исти во начинот на изразување, иницирање и грижа.
Можеби една од најголемите грешки во комуникацијата со младата генерација е тоа што доволно јасно сме кажале што не смее да се прави – не вознемирувај, не притискај, почитувај граници – но не сме покажале доволно јасно што треба да се прави: како да пристапиш со почит, како да покажеш интерес без да бидеш нападен, како да прифатиш „не“ без понижување.
Ова не е само прашање на лични односи. Тоа се социјални вештини, комуникациски вештини и вештини за соработка и најважно почит – истите оние што подоцна ги бараме од младите луѓе како вработени, лидери и претприемачи.
Демографската сметка за Македонија
Ова прашање веќе не е само културно и социолошко. Станува директно економско – и бројките за нашата земја го покажуваат тоа. Стапката на фертилитет во Македонија паднала од 1,79 деца по жена во 2016 година на 1,47 во 2024 година – далеку под нивото од 2,1 потребно за проста репродукција на населението. Крутата стапка на наталитет изнесува 9,1 на 1.000 жители во 2024 година, а просечната возраст на стапување во брак континуирано се зголемува. Бројот на разводи расте.
Паралелно, 28% од населението е под 25 години, додека 18,5% е над 65 години. Земјата веќе е во длабока демографска транзиција, со сè поголем притисок врз пензискиот систем и работната сила.
Комбинацијата од ниска наталност и континуирана емиграција на млади луѓе значи дека прашањето „зошто младите не создаваат партнерства и семејства?“ не е само социолошко љубопитство. Тоа е директно прашање за иднината на пазарот на труд, потрошувачката база и одржливоста на македонската економија.
И тука веќе зборуваме само за демографија туку за економија.

Gen Z заслужува повеќе разбирање, не повеќе критики
Gen Z или т.н. Screen generation е производ на контекстот што претходните генерации го создадоа: социјални мрежи, dating апликации, нов јазик на согласност, поголема јавна изложеност и економска несигурност.
Ова е генерација родена во услови што ниедна претходна генерација не ги имала: со телефон во раце уште од мали нозе, со социјални мрежи кои постојано ги мерат и рангираат, со економска несигурност – кризи, пандемија, инфлација – и со dating апликации како нов модел на запознавање. Тие не избраа таков свет – ние им го дадовме.
Затоа наместо прекор, им должиме поддршка: јасни, топли, насоки без осуда. Не „во наше време беше подобро“, туку: „Еве како да го направиш првиот чекор. Еве како да поставиш граница без да повредиш. Еве како да прифатиш одбивање без да се затвориш засекогаш.“
Кога општеството престанува да дава насока, празнината никогаш не останува празна. Ја пополнуваат алгоритми, инфлуенсери и поедноставени идеолошки одговори на сложени прашања.
А последицата може да биде создавање две паралелни реалности: младите жени учат дека мажите се закана и вишок, а младите мажи дека жените се недостапни и арогантни. Двете страни учат да се штитат едни од други, наместо да се разбираат.
Лекцијата од Universe 25
Во 1960-тите, Џон Калхун спровел експеримент со глувци во целосно контролирана средина – храна и вода во изобилство, без предатори и без недостиг на ресурси.
Популацијата првично растела, а потоа настапил социјален распад: агресија, социјално повлекување, нарушено парење и грижа за младенчињата. На крајот популацијата се распаднала, иако ресурсите останале достапни.
Луѓето не се глувци и директното пренесување на резултатите е контроверзно. Но метафората поставува вознемирувачко прашање: Што ако најголемата опасност за едно општество не е недостигот на ресурси, туку губењето на желбата и вештината за меѓусебно поврзување?
Што можеме да направиме?
Ни требаат нови практики, нови разговори и заедничка одговорност.
Вистинскиот напредок бара непријатни разговори. Бара да ги преиспитаме стереотипите, несвесните предрасуди и пораките што им ги испраќаме на младите.
Во обликувањето на следната генерација, тоа мора да започне во семејството и образовниот систем – со почит, емпатија, комуникација, одговорност и разбирање дека различноста не е закана.
Потребно е и свесно родителство – родители кои не само што ги штитат децата од светот, туку ги подготвуваат за него: за одбивање, компромис, различност, одговорност и вистинска блискост. Задолжително советувалиште за идните родители!
Мора да инвестираме во меки вештини – комуникација, самодоверба, емпатија, справување со одбивање и способност за градење односи – исто толку сериозно како што инвестираме во технички компетенции.
Тие се долгорочна инвестиција во човечкиот капитал.
И токму тука гледам простор за посериозна улога на бизнисот, образованието и институциите: не само да зборуваме за овие промени, туку да развиваме знаење, лидерски програми, меки вештини и практични модели со кои младите, компаниите и општеството ќе можат да се справат со нив.
Затоа што кризата на поврзаноста е, на крајот, и криза на лидерството и со мерливи економски последици за секое општество што ќе одбие да ја препознае навреме.
пишува: Елена Младеновска Јеленковиќ, aвторот е главен извршен директор на М6 Едукативниот центар
Економија и бизнис, 01 октомври 2026








