КОЛКУ ЗАРАБОТУВААТ ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ, ПРЕМИЕРИТЕ  И СУДИИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ПОРАНЕШНА ЈУГОСЛАВИЈА? – на кое место се македонските државни функционери

Платите на највисоките државни функционери во поранешните југословенски републики се разликуваат во некои случаи и до три пати. Функционерите во Хрватска и Словенија се најдобро платени, додека претставниците на Србија и Црна Гора се на дното.

Според анализата на Еуроњуз Србија, од шесте поранешни југословенски републики, државните функционери во Хрватска и Словенија имаат највисоки плати, а во Србија и Црна Гора најниски. Од приходите на претседателот на републиката, на прво место е Зоран Милановиќ, кој заработува околу 6.470 евра секој месец.

На второ место е претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, која заработува 4.100 евра.

Членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина се на трето место, бидејќи Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ добиваат различни плати. Нивниот просек е близу 3.300 евра.

На четврто место е претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, која прима околу 2.850 евра.

На петто место е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој заработува околу 253.656 динари, или околу 2.160 евра, месечно.

Најниско платениот претседател на територијата на поранешна Југославија е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој заработува околу 2.100 евра месечно.

Кај платите на премиерите, на прво место е  премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Тој заработува околу 5.700 евра нето плата месечно.

На второ место е премиерот на Словенија, Јанез Јанша, кој заработува околу 4.800 евра плата.

На трето место е претседателката, односно претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, што е еден вид влада на Босна и Херцеговина, и таа заработува близу 3.500 евра.

На четврто место е премиерот на  Македонија, Христијан Мицкоски, кој заработува 2.700 евра месечно.

На петто место е премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, кој заработува нешто повеќе од 2.000 евра.

Премиерот на Србија се откажал од својата премиерска плата и својот приход го остварува како универзитетски професор и доктор на Клиниката за ендокринологија на Клиничкиот центар на Србија.

За платите на претседателите на парламентите во регионот, претседателот на Хрватскиот парламент е на убедливо прво место со приходи од 5.500 евра месечно.

Лидерите на Претставничкиот дом и Народниот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина заработуваат во просек нешто повеќе од 3.800 евра. Потоа следува претседателот на Народното собрание на Словенија, кој заработува речиси 3.800 евра месечно.

На четврто место е претседателот на Собранието на С. Македонија, Африм Гаши, кој заработува околу 2.800 евра месечно. Претседателот на Парламентот на Црна Гора, е на петтото место во регионот. Тој заработува околу 2.350 месечно, а последното место го држи претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ, која заработува околу 211.000 месечно, односно околу 1.800 евра.

Претседателот на Уставниот суд на Хрватска, е на првото место, со месечна нето плата од 5.300 евра.

На второ место е претседателот на Уставниот суд на Србија, кој заработува близу 5.000 евра месечно.

На трето место е претседателот на Уставниот суд на Словенија, кој заработува близу 4.000 евра месечно.

Зад него е претседателот на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, кој заработува 3.700 евра.

Претседателот на Уставниот суд на С. Македонија, Дарко Костадиновски, заработува нешто повеќе од 2.600 евра, а на последно место е судијата од Црна Гора, објави Еуроњуз Србија.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано