Дали знаете дека постои музичка композиција чија изведба е планирано да трае дури 639 години? Или дека во Германија е направена виолина подолга од четири метри? А дека грбавите китови можат да ги пеат своите сложени песни до 16 часа? Музичкиот свет секогаш крие изненадувања, а дел од нив ќе ги откриеме во петтата епизода на детското музичко шоу „ЈЕЕЈ!“ на „Светот на Биби“, која ќе биде објавена во сабота, 21 ноември.
Биби, Боби, Тина и Моника повторно ги покануваат најмладите на музичко патување исполнето со игри, интересни факти и нови знаења. Овој пат децата ќе откријат што е темпо во музиката и како да разликуваат брза од бавна музика. Преку практични примери ќе научат дека темпото ни кажува колку брзо или бавно се изведува една композиција.
Во рубриката „Топ-9 интересни факти“, Биби и Тина ќе ги запознаат децата со необични музички приказни од различни делови на светот. Од виолина поголема од човек, најстарото зачувано пијано и композиција што ќе се изведува со векови, до необичната труба на Дизи Гилеспи, рекордно скапата гитара на Дејвид Гилмор и песните на грбавите китови – секоја приказна носи ново изненадување.
Посебно место во оваа епизода има музичката легенда Тоше Проески. Преку рубриката „Музичко тркало“, Моника ќе го претстави неговиот живот и творештво, од првите музички настапи до успехот на домашната и меѓународната сцена. Децата ќе дознаат повеќе за неговиот извонреден талент, љубовта кон музиката, хуманоста и неговиот придонес во македонската музичка историја. Во негова чест, епизодата носи и посебен музички момент со песната „За овој свет“.
Покрај музиката, оваа епизода отвора и важни теми за секојдневниот живот на децата. Преку разговор за Ед Ширан, Тина и Моника ќе испратат порака дека никој не заслужува да биде исмеван поради тоа што е различен и дека почитта не треба да зависи од талентот, изгледот или успехот. Децата ќе научат и зошто е важно правилното дишење за пеењето и како правилно да го контролираат воздухот при изведување долги тонови.
Во епизодата има место и за добра забава – од музичкиот квиз на Биби, во кој децата ќе ги истражуваат високите и ниските тонови, до „Шизици во музиката“ со Боби, кој открива пет интересни факти за Тоше Проески. А Турбо Тина ќе раскаже една необична приказна за лав што сака да биде поет и лавица што тренира карате, покажувајќи дека на прв поглед различните интереси можат да имаат многу заедничко.
Гледајте ја петтата епизода на „ЈЕЕЈ!“ во сабота, 21 ноември. Сите епизоди на „ЈЕЕЈ!“ можете да ги најдете на јутјуб-каналот „Светот на Биби“, а корисниците на MagentaTV, покрај редовните епизоди, ќе имаат пристап и до дополнителна содржина од шоуто. Следете ги и на нивниот тик-ток профил за повеќе информации, новитети и изненадувања.








