Кинеската надворешна трговија порасна за 16,9% и достигна 3,75 трилиони долари

Кинеската надворешна трговија во првата половина од 2026 година пораснала за 16,9 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 25,47 трилиони јуани (околу 3,75 трилиони американски долари), покажуваат податоците на кинеската Царинска управа.

Со тоа Кина ја задржа позицијата на најголема светска трговска сила во размената на стоки, се наведува во податоците на Генералната царинска управа.

Извозот во првите шест месеци пораснал за 13,4 отсто, достигнувајќи 14,73 трилиони јуани, продолжувајќи го речиси тригодишниот тренд на раст. Увозот, пак, се зголемил за 22,1 отсто, на 10,74 трилиони јуани, што е за 8,7 процентни поени повисока стапка од растот на извозот и придонесува за порамнотежен развој на трговијата.

Во вториот квартал на тековната година вкупната вредност на увозот и извозот достигнала 13,61 трилиони јуани, што претставува раст од 18,4 отсто во споредба со истиот период минатата година и највисока квартална стапка на раст од третиот квартал на 2021 година.

Само во јуни, трговската размена пораснала за 24,2 отсто на годишно ниво, продолжувајќи го трендот на раст 17 месеци последователно.

Трговската размена на Кина со земјите опфатени со иницијативата „Појас и пат“ пораснала за 14,8 отсто, достигнувајќи 12,97 трилиони јуани, што претставува 50,9 отсто од вкупната надворешна трговија на земјата.

Размената со соседните земји се зголемила за 20,6 отсто, додека трговијата со Латинска Америка, Африка и Европската унија пораснала за 16,2, 19,6 и 10,2 отсто, соодветно. Трговската размена со земјите од Централна и Источна Европа е зголемена за 11 отсто, продолжувајќи го растот десетта година по ред.

Приватните компании учествувале со 57 отсто во вкупната надворешна трговија на Кина во периодот јануари–јуни, при што нивната размена пораснала за 17 отсто, на 14,53 трилиони јуани.

Најголем дел од кинеската трговија и понатаму отпаѓа на источните региони на земјата, кои оствариле размена поголема од 20 трилиони јуани, со раст од 16,5 отсто.

Особено силен раст е забележан кај извозот на машини и електронски производи, што е зголемен за 20,1 отсто, на 9,36 трилиони јуани, што претставува 63,5 отсто од вкупниот кинески извоз.

Извозот на високотехнолошки производи пораснал за 39 отсто, на 3,26 трилиони јуани, додека значително зголемување е забележано и кај производите поврзани со вештачка интелигенција, зелените технологии и напредната опрема.

„Увозот и извозот на компјутерска опрема, вклучително електронски компоненти и делови за компјутери, порасна за 56,6 отсто, на 5,13 трилиони јуани во првата половина од годината“, изјави заменик-шефот на Царинската управа Ванг Џун.

Според него, во првата половина од годината вкупно 267 илјади компании што се занимаваат со надворешна трговија прошириле бизнис на нови пазари, при што нивната трговска размена пораснала за 22,6 отсто и учествувала со речиси 70 отсто во вкупната надворешна трговија на Кина.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано