Поради чадот од повеќе од сто активни пожари во северно Онтарио, квалитетот на воздухот во Торонто вчера беше најлош во светот. Канадската агенција за животна средина издаде здравствени предупредувања откако небото над најголемиот град во земјата стана жолто, а швајцарската технолошка компанија IQAir, која го следи глобалниот квалитет на воздухот, го прогласи воздухот во Торонто за најзагаден на планетата.
Ситуацијата во градот е дополнително влошена од топлотниот бран што собори рекорд стар триесет години. Во центарот на градот беа измерени 37,3 °C, додека температурата на пистите на главниот аеродром достигна дури 55 °C.
Шумските пожари што беснеат низ северозападно Онтарио доведоа до задолжителни евакуации од голем број заедници. Жителите на заедницата Намајгусисагагун рекоа дека имале само неколку минути да избегаат со брод преку езерото Колинс.
Драматични снимки направени од воз во близина на заедницата Армстронг ја покажуваат брзината и жестокоста на пожарот.
Последиците од пожарот се чувствуваат надвор од границите на Канада. Според извештајот на CNN, издадени се предупредувања за квалитетот на воздухот за големи делови од Мичиген, Минесота и Висконсин. Метеоролозите велат дека густиот чад би можел да се прошири во Њујорк, Вашингтон и други градови долж источниот брег на САД.
Фото Економија и бизнис







