КАКО ДО ПОБРЗА ИНТЕГРАЦИЈА – РАБОТНА СРЕДБА СО ЕУ АМБАСАДОРОТ РОКАС ВО КОМОРАТА

Во присуство на членките на Управниот Одбор и Бизнис Клубот Европа

Во Стопанската комора, се одржа заедничка Седница на Управниот одбор и Бизнис Клубот Европа со Н.Е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во РСМ, на која предмет на дискусија беше европската перспектива на македонската економија.

Во своето излагање, претседателот на Комората, Бранко Азески, посочи дека нашата економија е мала, отворена и длабоко поврзана со Европската Унија за што потврда се статистичките податоци за тоа колку важен трговски партнер и инвеститор е ЕУ. Азески ги акцентираше следните пораки:

За македонскиот бизнис, европската интеграција не е политичка опција, туку економска и развојна потреба. Нашите компании веќе работат со европски компании, извезуваат на европскиот пазар, се дел од европски синџири на снабдување и ги применуваат европските стандарди. Затоа, од наша перспектива, европската интеграција не треба да биде нешто што ќе започне со членството. Европската интеграција треба да се случува денес. И тука доаѓаме до суштината – бизнисот не може бесконечно да биде „на пат кон Европа“. Повеќе од две децении зборуваме за европската перспектива на нашата земја. Но, економијата нема бесконечно време за чекање. Во економијата, изгубеното време е изгубена конкурентност, и тоа е нешто што мораме отворено да го кажеме. Европа не е само дестинација – Европа е стандард. Македонскиот бизнис јавно и многу јасно потврдува секојдневно дека е спремен да се бори да го достигне тој стандард, и всушност, во многу аспекти го достигнува и надминува. Стопанската комора може да биде мостот меѓу европските институции и македонските компании. Не само преку информирање, туку преку конкретна подготовка – поддршка која Комората би ја обезбедувала со поддршка на ЕУ делегацијата, во насока на обезбедување на подготвеност на нашите компании за исполнување на критериумите и барањата на ЕУ пазарот, но и доедукација на кадри за некои од клучните прашања за унапредување на економската соработка со ЕУ. И ние сме спремни тоа да го испорачаме, со Ваша поддршка.

Н.Е. амбасадорот Рокас се осврна на важноста од продолжување на реформските процеси и понатамошно усогласување со стандардите на ЕУ, со активно учество на деловната заедница. Од аспект на пристапување кон единствениот пазар, се осврна на извештајот кој треба да биде објавен на 30.09.2026 година, и кој треба да сумира можности за постепена интеграција и пристап до единствениот пазар на ЕУ за земјите-кандидати за членство во ЕУ, како и на можностите кои се отвораат доколку се запази темпото на имплементација на обврските преземени со Реформската агенда, со оглед на неискористените средства од страна на другите држави од регионот на Западен Балкан, кои може да станат достапни за Македонија доколку соодветно се исполнуваат чекорите зацртани во Реформската агенда.

Глигор Цветанов, претседател на Бизнис Клубот Европа, посочи дека компаниите се волни и спремни да работат на целосно приклучување кон единствениот пазар на ЕУ, но и дека се соочуваат со бројни прашања кои потекнуваат од правила и стандарди на единствениот пазар на ЕУ, кои нашата економија ја ставаат во специфична позиција – од една страна, не можеме да ги користиме поволностите како фирмите основани во ЕУ (на пример структурни и кохезиони фондови или Спогодби за слободна трговија што ги склучува ЕУ), а сепак во многу сегменти треба да ги исполнуваме истите обврски, и затоа е важна економска интеграција и пред членството.

Во дискусијата која следеше, членовите на Управниот одбор и на Бизнис Клубот Европа имаа прилика со амбасадорот Рокас да разменат мислења и ставови во однос на приоритетните прашања и проблеми за компаниите во соработката со ЕУ, видувањата на бизнисот за потребните чекори кои би воделе кон „одблокирање“ на пристапните преговори, но и прогресот кон спроведување на фундаменталните вредности на ЕУ, пред се владеењето на правото, како предуслов за забрзана интеграција, но и за обезбедување услови за конкурентен раст на македонските компании.

На средбата, потврдена беше важноста на континуираниот дијалог меѓу бизнис-заедницата и институциите на Европската Унија, како и потребата од натамошно продлабочување на соработката во областите од заеднички интерес. Притоа беше изразена подготвеност за продолжување на добрата комуникација и заедничките активности насочени кон поддршка на ЕУ-перспективата на Македонија и нејзиниот економски напредок.

Повеќе од истиот автор

Најчитано