Како да ги задржиме странските туристи повеќе од два, три дена во Македонија?

Влатко Сулев: Како да ги задржиме странските туристи повеќе од два, три дена во Македонија?

пишува: Влатко Сулев

Македонија има еден парадоксален туристички проблем. Речиси секој странец што ќе ја посети земјата заминува воодушевен од природата, храната, гостопримството и цените. Но, истовремено, голем дел од нив остануваат само два до три дена според официјалните статистички податоци. Прашањето не е дали сме атрактивна дестинација, туку како да станеме туристичка дестинација за подолг престој?

Во современиот туризам, успехот не се мери само со бројот на туристи, туку и со бројот на ноќевања и со тоа колку средства се остваат во земјава. Турист кој останува седум дена троши повеќе, посетува повеќе локации и знаменитости, подлабоко се запознава со земјата и со луѓето отколку турист кој доаѓа само за викенд.

Светските трендови покажуваат дека современиот патник сè помалку бара класични разгледувања и сè повеќе бара искуства. Автентични локални приказни, гастрономски доживувања, активен еко туризам и авантура, недопрена природа и сето ова да биде дигитално достапно и лесно за планирање.

Со други зборови, не е доволно да ги донесеме пред убаво езеро, планина или стар град, треба да им понудиме причина повеќе да останат уште некој ден. Потребно е да креираме поврзани туристички приказни.

Кога еден странски турист ќе го посети Охрид дали му е понудена содржина со која ќе го задржиме на подолг период. Да види како се произведува познатиот охридски бисер, да го посети музејот на филиграни на Деребан во центарот на Охрид, да биде дел од концерт во Света Софија, со брод на биљанините извори…музејот на коските, да ги види ферските во Свети Наум…итн.има многу работи, но сето тоа треба да биде организирано.

Уште еден интересен пример – ретко кој од нас знае за недопрената природа на Конче – идеална за љубителите на рурален туризам. Мала рурална општина во централно-источниот дел на Македонија која изобилува со природни убавини и историски локалитети кои вреди да се посетат. Оддалечено околу 150 километри од главниот град, а сместено на локалниот пат Радовиш-Струмица, Општината Конче е идеална дестинација за автентично искуство. Дрвените куќички на вештачкото езеро Мантово може да бидат почетната станица. Издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови за алпинистичко искачување. Патувањето може да продолжи во Радовиш во винаријата Кукутанов, и да се доживее една уникатна винска приказна. На лице место да се види како на традиционален начин се произведува вино, да се вкуси природен радовишки мед, сирење, ајвар…во дворот на винаријата каде има фурна на дрва да се присуствува на часови по готвење и подготовка на радовишки сомун (пастрмајлија), на традиционална баница, скара и многу повеќе. Следен ден прошетка по Плачковица во дабова шума.

Ова се содржини кои постојат, но не се доволно видливи и не се поврзани во единствено туристичко искуство. И кои треба да го промовираме.

Луѓето денес не купуваат дестинации. Тие купуваат доживувања. „Патување низ најстарите вински региони на Балканот.“  „Седум дена вкусови, традиција и авантура.“ „Од езеро до планина за еден ден.“

Социјалните мрежи, видео-содржините и искуствата на инфлуенсери и патописци денес имаат многу поголемо влијание од класичните туристички брошури. Но сето ова треба да го претставиме на светските саеми за туризам, и агресивно да ги контактираме тур операторите.

Туризмот не може да биде стратегија напишана само во некоја институција. На неа треба да работат тие што се во контакт со странски туристи и тур оператори. Кои се поврзани во целиот еко систем, и ги обединуваат хотелскиот сектор, угостителите, винариите, настаните и културните институции.

Најважно од сè, мора да се слушне и гласот на самите туристи. Денес преку онлајн рецензии и анализа на податоци може многу прецизно да се утврди што им се допаѓа, а што ги одвраќа од подолг престој. Македонија нема проблем со недостаток на атракции. Имаме проблем со нивно поврзување во целина. Потребна ни е национална туристичка приказна што ќе ги обедини природата, културата, гастрономијата, спортот, фестивалите и локалните заедници во едно препознатливо искуство.

Целта не треба да биде туристот да дојде во Македонија. Туку тој да посака да остане подолго и повторно да се врати. Зашто вистинскиот успех на туризмот не е кога некој ќе нè посети еднаш. Вистинскиот успех е кога еден странски турист ќе стане наш амбасадор во светот.

Најчитано