Гравитационата сила не е иста во сите делови од Земјата, па оваа нерамномерност влијае и на вистинскиот облик на нашата планета. НАСА објави визуелизација што живописно ги илустрира тие разлики.
Геоидот е име за математички модел што покажува како би изгледала Земјата ако (не) е обликувана исклучиво од гравитацијата и ротацијата. Ако сите надворешни влијанија, како што се плимата, ветровите и струите се отстранат од океаните, планетата не би била речиси совршено тркалезна и топчеста, туку би била прошарена со вдлабнатини и возвишенија, според американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА. Визуелизацијата ги преувеличува овие варијации до 10.000 пати, па сѐ тоа покажува дека во замислената состојба Земјата би изгледа како „компир“ – како на сликата. Важно е да се нагласи, вели НАСА, дека ова не е вистинскиот физички облик на површината на нашата планета.
Гравитационото поле не е униформно, бидејќи масата не е рамномерно распределена. На него влијаат планинските венци, океанските вдлабнатини и испакнатини, но и разликите во густината на материјалите длабоко во внатрешноста на Земјата. Нивото на водата е показател. Областите со поголема концентрација на маса ја привлекуваат водата посилно и така таа „се трупа“. Од друга страна, онаму каде што гравитацијата е послаба, и теоретското ниво на морето е пониско.
Иако разликите во висината на морето во визуелизацијата се преувеличени, вистинскиот опсег меѓу највисоките и најниските точки на геоидот е 191 метар. Највисоката точка би била во близина на Исланд, достигнувајќи 85 метри над референтното ниво, додека најниската – јужно од Индија, 106 метри под тоа ниво. Референтното ниво е идеализиран математички модел на Земјата што служи како нулта точка за мерење на отстапувањата.
Моделот е создаден врз основа на повеќе од милијарда мерења собрани во текот на 15 години од 19 различни сателити. Мисијата „ГРЕЈС“ (GRACE) на НАСА и сателитот „ГОЦЕ“ (GOCE) на Европската вселенска агенција учествуваа во проектот. Научниците го користат геоидот за да ги следат промените во гравитационото поле на Земјата предизвикани од движењето на водата, мразот и цврстата маса. НАСА истакнува дека овие податоци се неопходни и за прецизно мапирање, геодетски мерења и за навигација.
Фото: НАСА








