Од утре до 30 август, на повеќе локации низ Општина Карпош ќе се одржи годинашното издание на „Карпошово културно лето“, со десет фестивалски дена исполнети со музика, филм, изложби, детска програма, фолклор и современи културни содржини.
Годинава, како што информираат од Општина Карпош, културните настани ќе се одржуваат на повеќе локации – од плоштадот „Делфина“ во Влае и платото на „Млечен“, преку Карпош 3 и Бардовци, до Кинотека, дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, просторот кај ФИНКИ и општинската зграда.
Свеченото отворање е закажано за утревечер во 20:00 часот на плоштадот „Делфина“ во Влае, каде ќе настапат Александар Тарабунов – Тара и Нокаут, проследено со диџеј-програма.
Во рамки на музичката програма ќе настапат и Тумбао Салса бенд со Сашо Гигов – Гиш, Дац и Александар со специјалните гостинки Маријана и Росана, Balkan Jam, Игор Џамбазов и Гуру Харе, како и Day Off.
На 29 август, во Бардовци ќе се одржи вечер посветена на македонската народна музика, со настапи на Душко Георгиевски, Зуица Лазова и Миле Кузмановски, како и на КУД „Етнос“.
Програмата е збогатена со настапи на детскиот фестивал „Поточиња“, хорот на Здружението на пензионери Карпош, женскиот хор „Фрида“, АКУД „Мирче Ацев“, квартетот „Полихимниа“ и други учесници.
Во рамки на фестивалот ќе биде претставена и изложба на 25 плакати од театарски претстави на Горан Стефановски, пронајдени во неговата лична колекција. Ќе биде поставена и патувачката изложба ReART, посветена на циркуларната уметност и креативната реупотреба на електронскиот отпад.
На 21 август во Кинотека ќе биде отворена меѓународната изложба „Ликовни визии на имагинацијата“, со дела на десет академски ликовни уметници од Македонија и Србија, а ќе се одржи и промоција на книгата „Зоја“ од Јоана Шишкова.
Кино-програмата под отворено небо започнува на 21 август во 20:00 часот во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, со проекцијата на „Приказна за Силјан“, а ќе продолжи и во наредните фестивалски вечери до 27 август.
За најмладите, на 23 август кај фонтаната во Карпош 3 ќе се одржи интерактивната работилница „Нашето маало – #СоздавамеЗаедно“, преку која децата ќе создаваат просторна инсталација инспирирана од нивното маало.
На 27 август, пак, на платото на „Млечен“ ќе биде поставена изложбата „Карпош помеѓу боите и генерациите“, со дела од деца, млади и возрасни автори.
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, упати покана до граѓаните да бидат дел од фестивалските денови, истакнувајќи дека програмата ги поврзува културното наследство и традицијата со современото македонско творештво.
„Карпошово културно лето“ и годинава носи разновидна програма наменета за различни генерации, со цел културата и уметноста да бидат достапни и присутни во секојдневниот живот на жителите на Карпош.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








