Халанд направи повеќе за туризмот на Норвешка отколку десет министри

Халанд направи повеќе за туризмот на Норвешка отколку десет министри

пишува: Влатко Сулев

Спорт отсекогаш сум следел, ракомет најмногу сакам, бидејќи и години тренирав, но сакам да гледам и фудбал. Неодамна завршеното светско првенство во фудбал ни понуди одлични натпревари и многу неизвесност. Шпанија го освои сосем заслужено, но Норвешка покажа дека е репрезетација која има иднина.

Колумнава ја почнав за спорт, но всушност е за туризмот, и за еден феномен кој се случи по првенството. И додека многумина на Балканот сè уште размислуваат како да потрошат милиони евра на туристички кампањи, билборди и скапи видеоспотови, Норвешка уште еднаш покажа дека најдобрата промоција не се купува, таа се заслужува.

Настапот на фудбалскатата репрезентација на Норвешка на првенството, но и на нивните навивачи, имаше огромен позитивен ефект за туристичката промоција на земјата, многу поголем од десетици класични маркетинг кампањи. За Норвешка зборуваше целиот свет, а земјата не инвестирала ниту евро во промоција.

Резултатите од ефектите се повеќе од впечатливи. Google Trends регистрираше раст од околу 200 проценти на пребарувањата за „Norway“, додека пребарувањата на англиски јазик пораснаа за околу 300 проценти. Airbnb забележа двоцифрен раст на интересот за сместување во Норвешка, а туристичките анализи покажаа дека само од Полска резервациите за летови кон Норвешка се зголемиле за повеќе од 32 проценти.

Тоа не се бројки за фудбал, туку за покажан интерес кон конкретна туристичка дестинација. Во модерниот свет, интересот и вниманието се најскапата валута, а Норвешка доби милијарди бесплатни импресии.

Најголемиот магнет, и причина за тоа секако, беше Ерлинг Халанд, но приказната не завршува со него. Да беше само еден играч, ефектот ќе траеше неколку дена. Наместо тоа, целата репрезентација стана симбол на една модерна, организирана и самоуверена земја.

Особено интересен беше феноменот со норвешките навивачи. Нивното синхронизирано „веслање“ на трибините за неколку дена стана глобален хит. Илјадници видеа, милиони прегледи и бесплатна промоција каква што не може да се купи со ниту еден маркетиншки буџет. Трендот излезе од стадионите и се пресели на улиците, во метроата и на социјалните мрежи.

Тоа е одличен пример за успешна промоција на современиот туризам.

Луѓето денес не купуваат само дестинација, купуваат приказна, чувство, искуство.

Норвешка не им кажуваше на туристите дека има фјордови, светот тоа одамна го знаеше. Но успехот на фудбалерите создаде нова емоција. Одеднаш милиони луѓе посакаа да ја видат земјата од која доаѓаат Халанд и неговите соиграчи.

Токму тука лежи најголемата лекција.

Една нација најдобро се брендира со успеси. Секој врвен спортист, музичар, научник, режисер или иноватор е многу помоќен амбасадор од која било платена реклама.

И тука доаѓаме до Македонија и целиот Балкан.

Нашиот регион сè уште ја гледа туристичката промоција како трошок. Планираме кампањи, снимаме реклами, печатиме брошури и повремено сме присутни на туристички саеми. Сето тоа има своја вредност, но вистинскиот ефект доаѓа кога светот има причина сам да почне да ве бара.

Замислете што би значело доколку еден македонски спортист, музичар, филм или технолошка компанија стане глобален феномен. Во тој момент нема да треба да го убедуваме светот да дојде кај нас. Светот самиот ќе почне да поставува едно прашање: „Каде е тоа?“

Затоа, најдобрата туристичка стратегија за Македонија и за Балканот не почнува во министерствата за туризам. Таа почнува со инвестиции во спортот, културата, образованието, креативните индустрии и талентите. Зашто секој меѓународен успех е реклама што не може да се купи, а секој глобално препознатлив човек е туристички амбасадор кој вреди повеќе од најскапата маркетинг кампања.

Норвешка тоа го разбра. Прашањето е дали и ние ќе ја научиме лекцијата.

Најчитано