Германската влада подготвува пензиска реформа со која сака да ја зајакне одржливоста на пензискиот систем. Една од клучните мерки е укинување на таканаречената „пензија од 63 години“, односно можноста за предвремено пензионирање без казна за лица со најмалку 45 години работен стаж.
Оваа мерка беше воведена за работници со долг стаж, особено на физички и стресни работни места, но анализите покажуваат дека не ги опфаќала доволно работниците на тешки и ризични позиции. Доколку биде укината, работниците ќе мора да работат до редовната старосна граница или да се пензионираат порано со намалување од 0,3% за секој месец предвремено пензионирање.
Од друга страна, останувањето подолго на работа носи и финансиски придобивки – повисоки плати и повисока пензија. На пример, лице со годишна бруто плата од 30.000 евра може да заработи околу 16.000 евра за две дополнителни години работа, додека кај повисоки плати тој износ значително расте, а месечната пензија може да се зголеми и до 82 евра, објавува Fenix-magazin.de.








