Заживувањето на европската економија е наш врвен приоритет, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на отворањето на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
„Нашата економија го издржа влијанието на војните на Блискиот Исток подобро од очекуваното. А невработеноста е на речиси рекордно ниско ниво. Но, притисокот од повисоките цени на енергијата и трошоците за задолжување го чувствуваат и луѓето и бизнисите. Ќе треба да се направи јасен избор во финансиската сфера за да се обезбеди фискална одржливост, а воедно да се заштитат инвестициите. Затоа заживувањето на европската економија е наш врвен приоритет“, рече таа.
Според неа, ЕУ има огромен пазар, индустрија и услуги од светска класа, богат фонд на заштеди и една од водечките светски валути.
„Кога ја презедовме функцијата, воведовме смел план – да изградиме економија каде што иновациите и енергијата течат преку границите. Каде што компаниите се натпреваруваат и растат низ цела Европа, а заштедите ја финансираат нашата иднина“, рече фон дер Лајен.
„Ќе предложиме мерки за понатамошно забрзување на процедурите за дозволи. Онаму каде што проектите се од стратешки интерес на Европа, мора масовно да ги забрзаме. А онаму каде што административните оптоварувања ги забавуваат бизнисите и малите и средните претпријатија, мора и нив да ги намалиме“, додаде таа
Фон дер Лајен нагласи дека на европско ниво се прави сè што е можно за да се намали бирократијата.
„Европа не може да остане индустриска сила ако цените на енергијата се структурно превисоки. Кога Русија ги прекина испораките на гас, ние возвративме. Нашите резерви сега се поразновидни. И инвестиравме во сопствени извори на енергија – обновливи и нуклеарни. Но, потоа дојде затворањето на Ормуската Теснина. И повторно горчливо ја почувствувавме цената на нашата целосна зависност од увозот на фосилни горива. Од почетокот на конфликтот, увозот на фосилни горива нè чинеше дополнителни 90 милијарди евра“, рече таа, додавајќи дека мора да се удвојат напорите на ЕК за прифатливо и домашно производство на чиста енергија.
Таа нагласи дека за оваа независност, мора да ја електрифицираме Европа и да го удвоиме уделот на електрична енергија до 2040 година, што би ја намалило сметката за увоз на фосилни горива во Европа за 260 милијарди евра годишно.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








