Европската централна банка првпат од 2023 година најавува зголемување на каматните стапки

Европската централна банка (ЕЦБ) оваа седмица најверојатно ќе ги зголеми каматните стапки за првпат во последните две и пол години, во услови на растечки инфлаторни притисоци поттикнати од енергетскиот шок предизвикан од конфликтите на Блискиот Исток.

Цените на потрошувачките добра во еврозоната во мај пораснаа на 3,2 проценти, што е над целното ниво на ЕЦБ од 2 проценти. Аналитичарите очекуваат Управниот совет во четврток да ја зголеми клучната депозитна стапка за 0,25 процентни поени – од 2,00 на 2,25 проценти.

„Сè освен зголемување на каматните стапки на состанокот на ЕЦБ би било големо изненадување“, изјави економистот на ING, Карстен Бжески.

Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, веќе сигнализираше дека инфлаторните прогнози најверојатно ќе бидат ревидирани во новиот извештај.

Ова би претставувало прво зголемување на каматните стапки од септември 2023 година, кога ЕЦБ реагираше на силната инфлација предизвикана од руската инвазија врз Украина. Сепак, дел од економистите предупредуваат дека новото затегнување на монетарната политика може дополнително да го забави веќе слабиот раст на еврозоната, која во првиот квартал забележа пад од 0,2 проценти, пренесува AFP.

Главниот економист на Allianz, Лудовик Субран, оценува дека потегот на ЕЦБ е сигнал за контрола на инфлацијата, но не е нужно економски неопходен во овој момент.

Поголемиот дел од аналитичарите очекуваат циклусот на зголемување на каматите да биде краток, со можност за уште едно зголемување во јули, додека влијанието на повисоките цени на енергијата врз инфлацијата би требало да остане ограничено, пренесува Вјести.ба

Повеќе од истиот автор

Најчитано