ДУПЛО ЗЛАТО ЗА ВИНОТО ОД ФАМИЛИЈАРНА ВИНАРИЈА ВО ВАТАША, прогласени најдобрите вина од македонска автохтона сорта на грозје, „станушина“

Во Скопје денеска беа прогласени најдобрите вина од македонска автохтона сорта на грозје, „станушина“, настан организиран од здружението „Македонски семејни винарии“. Дегустацијата и оценувањето беа реализирани од вински експерти, кои учествуваат и во интернационални оценувања. Дипломите ги додели Јадранка Клариќ, познавач на виното, промотор и презентер на македонското вино во земјава и надвор од неа.

– Радува фактот што расте бројот на производители на оваа наша сорта на грозје и вино, што беше малку подзаборавена и дискриминирана во минатото. Истовремено, расте и квалитетот на вината „станушина“ – рече Клариќ за МИА.

Семејството Параџик од кавадаречкото село Ваташа со нивната фамилијарна винарија, добија злато за нивната пенлива станушина и дупло злато за виното „станушина розе“.

– Трета година по ред се организира овој натпревар и трета година по ред добиваме дупло злато за нашето вино од грозје набрано во кавадаречкото село Бегниште, близу Тиквешкото езеро. Ова е поттик за нас и понатаму да произведуваме врвни вина и да го претставуваме овде и надвор од земјава, како наш амбасадор во винскиот свет – рече Блашко Параџик за МИА.

Сребрен медал доби винаријата Клинчаров за „Мома Ресавка“, а за најдобра станушина беше прогласена таа на „Попова Кула“ од 2023 година.

На настанот организиран во „Wine berry“ во центарот на Скопје, беше присутна и американската амбасадорка во земјава, како и лозари, винари од земјава и странство, љубители на вино и други гости. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано