Развојната банка на Северна Македонија ја изработи и ја презентираше новата електронска платформа за кредитно осигурување E-INSURANCE (E-Осигурување) за потребите на македонските компании со која корисниците ќе можат побрзо и побезбедно да аплицираат за осигурување на извозот, да управуваат со ризици со поголема контрола и да ги рационализираат ликвидноста и пристапот до финансирање. Со дигитализирање на процесите за осигурување на извозот, Банката им обезбедува на компаниите да ги поедностават административните процедури, да го подобрат управувањето со осигурувањето на извозот, а со тоа да станат и поконкурентни на странските пазари. Ова беше повод и за интервју со Ефимија Димовска, главен извршен директор на Развојната банка на Северна Македонија, со која разговаравме за досегашната успешна соработка со Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, за интересот и за поволностите на македонските компании од користењето на услугата за осигурување на побарувањата, како и за отворањето нови пазари, но и за идните проекти и за соработката со Амбасадата на Швајцарија со чија реализација ќе се помогне во одржлив развој на македонските компании и економија.

Банката, преку соработката со Швајцарската програма ИМЕ, дизајнираше и лансираше револвинг кредитна линија од два милиони евра за поддршка на дигитализацијата и за дигитална трансформација на малите и на средните претпријатија и на компаниите со средна капитализација. Колку овој износ ги задоволува потребите на компаниите за забрзување на дигиталната трансформација?
Е. Димовска: Износот од два милиони евра претставува значаен почетен чекор и јасен сигнал за поддршката што ја дава Банката на процесот на дигитална трансформација на компаниите. Иако нивните потреби за дигитализација се значително поголеми и постојано растат, оваа кредитна линија е дизајнирана како иницијален поттик кој ќе овозможи финансирање на инвестиции во модернизација на деловните процеси, воведување нови дигитални алатки, автоматизација и зголемување на конкурентноста.
Иницијално преку оваа кредитна линија беа поддржани 13 компании, но важно е да се напомене дека преку револвинг моделот средствата ќе можат континуирано да се користат и да се обновуваат, што овозможува поголем број компании да добијат пристап до финансиска поддршка за дигитализација. Нашата цел не е само финансиска поддршка туку и создавање поттик за побрзо прифаќање на дигиталните технологии, што на долг рок ќе придонесе за поголема продуктивност и за конкурентност на домашната економија.
Развојната банка ја презентираше новата електронска платформа за кредитно осигурување E-INSURANCE (E-Осигурување) преку која компаниите можат да аплицираат за осигурување на побарувањата од комерцијални ризици. Каков е досегашниот интерес за овој вид услуга и кои се критериумите за одобрување?
Е. Димовска: Банката од година во година бележи зголемен интерес за кредитно осигурување (trade credit insurance), особено од компании кои продаваат со одложен рок на плаќање во странство, но и на домашниот пазар и кои сакаат да го намалат ризикот од ненаплатени побарувања. Секоја година евидентен е растот на компании кои сакаат да ги осигураат своитe продажби кон сè поголем број на купувачи. На годишно ниво, Банката одобрува повеќе од 600 кредитни лимити за купувачи кои се лоцирани во 38 земји. Имено, најголем број на компании кои имаа интерес за осигурување на продажбите се од прехранбената индустрија, но има многу компании и од текстилна индустрија, од винска индустрија, од фармација, од ИТ, од извоз на опрема и др.
Интересот за новата електронска платформа E-INSURANCE (E-Осигурување) уште од самото лансирање е значителен и ги потврдува реалните потреби на компаниите за дигитализација и за поедноставување на пристапот до финансиски услуги. Компаниите позитивно ја препознаваат можноста за брза, едноставна и целосно дигитална апликација за осигурување на побарувањата без административни бариери и со значително пократко време за обработка.
Целта на платформата не е само да овозможи побрз пристап до услугата туку и да создаде повисоко ниво на сигурност во деловните трансакции и да поттикне поголема деловна активност и конкурентност, особено кај компаниите што работат на домашниот и на странските пазари.
Какви се финансиските и извозните ефекти и поволностите за компаниите од осигурувањето на побарувањата и колку тоа е во насока на остварување на заложбите за освојување нови пазари за домашните извозни компании?
Е. Димовска: Осигурувањето на побарувањата носи значајни финансиски и извозни поволности за компаниите бидејќи директно придонесува за намалување на ризикот од ненаплата, за подобрување на ликвидноста и за поголема финансиска предвидливост во работењето.
Од финансиски аспект, компаниите добиваат поголема сигурност дека нивните побарувања ќе бидат наплатени и во случаи кога нивниот купувач ќе се соочи со неликвидност, односно продолжено доцнење во плаќањето или стечај. Тоа овозможува подобро управување со паричните текови, полесно планирање на обртните средства и создава простор компаниите да понудат поконкурентни услови на плаќање без притоа да го зголемат сопствениот ризик.
Дополнително осигурените побарувања го подобруваат и пристапот до финансирање бидејќи банките и финансиските институции ги препознаваат како поквалитетно обезбедување. Ова значи полесен пристап до ликвидни средства преку продажба на побарувањата или кредитирање, што е особено важно за растечките компании.
Од извозен аспект, осигурувањето на побарувањата им овозможува на домашните компании посигурен настап на нови пазари, особено кога работат со нови или со недоволно познати странски партнери. Компаниите можат да влезат во нови деловни односи со поголема доверба, да понудат пофлексибилни рокови на плаќање и да бидат поконкурентни во однос на странската конкуренција.
Ова е целосно во насока на заложбите за поддршка на извозната експанзија на домашните компании бидејќи преку намалување на комерцијалниот ризик компаниите се охрабруваат да освојуваат нови пазари, да склучуваат поголем број извозни договори и да го зголемуваат своето присуство на меѓународната сцена.
На долг рок, ваквиот инструмент не придонесува само за стабилност на поединечните компании туку и за зголемување на вкупната конкурентност на македонската економија и зајакнување на извозниот потенцијал на државава.
Колку сегашната вредност на осигурителниот фонд е доволен за задоволување на сè поголемите потреби на компаниите?
Е. Димовска: Сегашната вредност на капиталот на Банката во овој момент обезбедува стабилна основа за поддршка на постојните потреби на компаниите и овозможува квалитетно покривање на ризиците во рамките на тековното портфолио. Дополнително Банката склучува годишни договори за реосигурување со реномирани реосигурителни компании со цел соодветно управување со ризиците. Сепак, имајќи предвид дека интересот за осигурување на побарувањата континуирано расте паралелно со зголемената деловна активност и со извозната ориентација на домашните компании, потребно е расположливиот капитал динамично да се следи и соодветно да се надградува согласно пазарните потреби.
Нашата определба е осигурителниот капацитет да се развива во согласност со растот на побарувачката со цел компаниите да имаат сигурен и долгорочен пристап до оваа услуга. Во таа насока, Банката континуирано ги анализира движењата на пазарот и располага со механизми за понатамошно зајакнување на капиталот доколку тоа го наложат економските текови и интересот на стопанството.
Во однос на билатералната соработка со други земји, нејзиното унапредување има исклучително значајна улога во зголемувањето на меѓусебната деловна доверба. Подобро институционално поврзување, размена на информации, усогласување на регулаторните практики и продлабочување на соработката меѓу финансиските и извозно-кредитните институции создаваат попредвидлива и посигурна деловна средина.
Таквата соработка директно придонесува за намалување на комерцијалните ризици при реализација на трговските договори бидејќи овозможува подобра проценка на кредитоспособноста на странските партнери, побрза размена на релевантни деловни информации и поголема правна сигурност при наплата на побарувањата.
На тој начин, компаниите добиваат поголема доверба да влегуваат во нови деловни односи, полесно да настапуваат на странски пазари и да склучуваат договори со пофлексибилни услови, што е суштински предуслов за зголемување на извозот и за зајакнување на конкурентноста на македонската економија.

На средбата со претставниците од Амбасадата на Швајцарија во Македонија за проектот ИМЕ искажавте потреба од продолжување на успешната соработка и најавивте нови проекти заради подобрување на соработката на Развојната банка и на домашните компании. Можете ли да ни кажете за што станува збор?
Е. Димовска: Соработката со Амбасадата на Швајцарија преку проектот ИМЕ досега даде конкретни и видливи резултати, особено во делот на унапредување на пристапот на домашните компании до современи финансиски инструменти и дигитализација на услугите на Банката. Токму затоа нашата заложба е ова партнерство да продолжи и во наредниов период преку реализација на нови иницијативи кои ќе им дадат директна поддршка на македонските компании.
Во моментов разгледуваме повеќе можни проекти насочени кон понатамошна дигитална трансформација на услугите на Развојната банка (во делот на продажбата на побарувањата), проширување на инструментите за поддршка на извозно ориентираните компании, како и развој на нови решенија што ќе овозможат полесен пристап до финансии за малите и за средните претпријатија.
Посебен фокус ставаме на развој на напредни дигитални алатки кои ќе овозможат побрза и поедноставна комуникација со компаниите, подобра проценка и управување со ризиците, како и создавање механизми за поголема предвидливост и сигурност во деловното работење.
Исто така разгледуваме можности за заеднички активности во насока на едукација и на јакнење на капацитетите на домашните компании за користење современи финансиски инструменти, особено во делот на кредитното осигурување и на продажбата на побарувањата со цел поддршка за настап на нови странски пазари.
Нашата крајна цел е преку оваа соработка да создадеме уште посилна институционална поддршка за приватниот сектор, да ја зголемиме неговата конкурентност и да им помогнеме на домашните компании полесно да растат, да инвестираат и да освојуваат нови пазари.
Економија и бизнис, 01 јуни 2026г
Прилогот го подготви: Митко Јовановски
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, која ја спроведува групацијата Паладиум. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.
ЗЕЛЕНА ДЕСТИНАЦИЈА | Мариово како дестинација за активен и за одржлив туризам
СУБВЕНЦИИТЕ ПОМАГААТ, НО СВЕСТА Е КЛУЧНА ЗА ЗЕЛЕН ТУРИЗАМ








