На граничниот премин „Табановце“, на излез од државата, вчера во 14:25 часот, полициски службеници го лишиле од слобода 34-годишниот М.Н. од Црна Гора, откако при проверка на патничко возило „бмв“ со црногорски национални ознаки, што го управувал, преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, информираа утрово од Министерството за внатрешни работи.
– Претходно на автопатот Скопје – ГП „Табановце“, кај клучка Дељадровци, управувал со возилото со брзина од 185 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е 100 километри на час. Тој бил спроведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава – соопштија од МВР.








