Информативна сесија за новиот повик на Европската Унија „Поддршка на младите луѓе за економско зајакнување и претприемништво во Кочанскиот регион“ ќе биде одржана денеска во Кочани.
На сесијата локалните граѓански организации ќе добијат информации за условите за аплицирање, приоритетите на повикот и подготовката на проектните предлози. Повикот е наменет за организации што дејствуваат во општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница.
Во рамки на повикот ќе се поддржуваат локални проекти насочени кон развој на дигиталните вештини, писменоста за вештачка интелигенција, економското зајакнување на младите, како и младинското и социјалното претприемништво.
За секој избран проект е предвидена еднократна директна финансиска поддршка од 10.000 до 15.000 евра, со период на реализација од 10 месеци. Прифатливите трошоци за спроведување на проектите ќе бидат целосно покриени, без потреба од кофинансирање.
На информативната сесија ќе бидат презентирани насоките за апликантите, формуларот за апликација и образецот за буџет. Претставниците на организациите ќе имаат можност да постават прашања и да добијат дополнителни појаснувања за подготовката и поднесувањето на проектните предлози.
Крајниот рок за поднесување на апликациите е 16 ноември 2026 година, до 17 часот. Деталите за повикот, условите за аплицирање и потребната документација се достапни на веб-страницата www.eu4cr.mk.
Повикот се спроведува во рамки на проектот „ЕУ Механизам за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓански и грасрут организации“, финансиран од Европската Унија преку ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2024–2025.
Фото Економија и бизнис








