ЦЕНТРАЛНАТА БАНКА НА АРГЕНТИНА НЕМА ДА МОЖЕ ДА ЈА ФИНАНСИРА ДРЖАВНАТА КАСА СО ПЕЧАТЕЊЕ ПАРИ, според новиот закон, основната и примарна мисија на централната банка ќе биде да ја зачува вредноста на пезосот

Аргентинскиот парламент донесе закон со кој се забранува Централната банка да печати пари за покривање на владини трошоци. Претседателот Хавиер Милеи со тоа го претвори во закон еден од клучните столбови на неговата борба против инфлацијата.

Долниот дом на аргентинскиот Конгрес конечно ја усвои реформата на статутот на Централната банка на Аргентина (BCRA).

Законот беше усвоен со 141 глас „за“, без ниту еден глас „против“, додека 99 пратеници беа воздржани. Гласањето се одржа без дискусија, а пратениците ги прифатија промените што ги воведе Сенатот на крајот на септември.

Според новиот закон, основната и примарна мисија на централната банка ќе биде да ја зачува вредноста на пезосот. На банката ѝ е забрането да ја финансира државната каса со печатење пари, а механизмот на таканаречени привремени аванси за владата, преку кои претходните власти со години ги покриваа буџетските дефицити, се укинува.

Целите поврзани со вработувањето и економскиот развој, кои ги воведе поранешната претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер, беа отстранети од статутот.

Законот претставува еден вид пресврт во однос на изборната кампања на Милеи, како кандидат во 2023 година, тој вети дека ќе ја укине централната банка и ќе го замени пезосот со американскиот долар.

Наместо тоа, неговата влада сега ѝ доделува на централната банка само една задача и со закон ја затвора вратата за финансирање на државата преку печатење пари, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано