ЦАРИНСКАТА ВОЈНА И БОЈКОТ НА АМЕРИКАНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ, КАНАДА ЗАФАТЕНА СО БРАН НА ЕКОНОМСКИ ПАТРИОТИЗАМ  

Ескалацијата на трговската војна со Соединетите Американски Држави поттикна бран на економски патриотизам во Канада, чија влада ги повикува граѓаните посилно од кога било да ги бојкотираат американските производи.

По почетокот на царинската офанзива на американскиот претседател Доналд Трамп, Канаѓаните започнаа масовен бојкот на американските производи: американските вина и алкохолни пијалоци исчезнаа од полиците во повеќето провинции, а имаше и нагло намалување на бројот на канадски туристи во САД. Владата во Отава не се двоуми да даде дополнителен импулс на таквата мобилизација.

„Корисно е да се запомни дека најголемата моќ што ја поседуваме е нашата сопствена куповна моќ. Можеме и мора да избереме да купуваме канадски производи“, изјави во вторникот министерот за финансии Франсоа-Филип Шампањ, откривајќи го одговорот на Канада на новите американски царини.

„Кога избирате канадски производ, покрај тоа што вршите притисок врз САД, ги штитите и канадските работни места“, додаде тогаш министерката за индустрија Мелани Жоли.

Водечки менаџер на супермаркет во Монтреал, потврди дека „веќе забележува разлика“ во однесувањето на потрошувачите откако канадската влада одлучи да ги прекине трговските преговори со Вашингтон.

„Купувачите прашуваат за потеклото на производите и секогаш ги претпочитаат оние од Квебек, дури и ако се поскапи“, изјавил тој за медиумите.

Од минатата година, знаци со јаворов лист, симбол од канадското знаме што јасно го идентификува потеклото на производот, се многу почести во продавниците.

Други малопродажни синџири, исто така, повикуваат на економски патриотизам, под слоганот „Сите играме за Канада“.

Бојкотот се прошири и во туристичкиот сектор. Туристичкиот бојкот, кој минатата година доведе до пад од 25 проценти на бројот на Канаѓани во САД, почна да покажува знаци на намалување во последните месеци.

Во јуни, од Канада до САД беа направени 2,3 милиони патувања, што претставува зголемување од пет проценти на годишно ниво, според Статистика Канада.

Загрижените туристички работници во некои гранични држави на САД се обидуваат да ги намамат Канаѓаните со попусти и низа промотивни акции до крајот на годината, пренесува Н1.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано