АНАЛИЗА: Зошто богатите не брзаат во Европската Унија?

пишува: Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Зошто богатите не брзаат во Европската Унија?

На 29 август Исланѓаните повторно ѝ кажаа „не“ на Европската Унија. Поточно, 52,8 отсто од гласачите се изјаснија против обновување на преговорите за членство, наспроти 47,2 отсто кои гласаа „за“, при исклучително висока излезност од над 82 отсто. Резултатот беше тесен, но доволно јасен за исландската влада да соопшти дека преговорите со Брисел нема да бидат обновени. Исланд останува таму каде што беше: во Европа, длабоко интегриран во европскиот економски и политички простор, но надвор од Европската Унија.

На прв поглед, во тоа нема ништо особено. Исланд е мала островска држава со специфична економија, силна традиција на политичка независност и огромен интерес да ја задржи контролата врз сопствените рибни ресурси. Но, ако исландскиот референдум се стави во пошироката слика на европското проширување, се појавува еден прилично непријатен парадокс. Додека девет земји-кандидати чекаат, преговараат, исполнуваат услови, менуваат закони, а понекогаш и сопствени устави, некои од најбогатите и најстабилните европски демократии воопшто не брзаат да станат членки на Унијата.

Исланд не е осамен случај. Норвешка двапати на референдум го одби членството во ЕУ, во 1972 и во 1994 година. Швајцарија никогаш не покажа сериозна политичка желба да стане членка и својот однос со Унијата го уредува преку комплексна мрежа билатерални договори. Велика Британија, пак, не само што беше членка, туку во 2016 година одлучи да излезе. Наспроти нив стојат Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија, Украина, Грузија и Турција – со различен степен на политичка волја и напредок, но формално сè уште во чекалницата.

Прашањето затоа звучи провокативно, но заслужува сериозен одговор: зошто денес во Европската Унија најмногу сакаат да влезат токму посиромашните, помалите или геополитички најранливите европски држави?

Одговорот не е дека богатите Европејци се помалку „Европејци“. Исланд е можеби најдобриот доказ за спротивното.

Исланд е членка на Европскиот економски простор од 1994 година. Тоа му овозможува пристап до Единствениот европски пазар и неговите четири слободи. Земјата е дел од Шенген, учествува во Еразмус, Хоризонт, европскиот систем за трговија со емисии и во бројни европски агенции и механизми. За да функционира тој модел, Исланд има преземено илјадници акти од европското законодавство. Значи, Исланѓаните не гласаа за изолација од Европа. Тие гласаа да го задржат моделот на интеграција без полноправно членство. И тука почнува вистинската приказна.

Кога една земја е богата, демократски стабилна, безбедносно заштитена преку НАТО, има пристап до Единствениот пазар и функционални институции, прашањето за членството во ЕУ престанува да биде цивилизациска дилема и станува обична политичка пресметка: што добиваме, што губиме и колку суверенитет сме подготвени да споделиме?

За Исланд таа пресметка во голема мера се сведува на рибата. Рибарството создава околу 8 отсто од исландскиот БДП и речиси 40 отсто од извозот. Тоа не е само стопанска гранка, туку дел од националната историја и политичкиот идентитет на земјата. Исланд дури водеше серија конфронтации со Велика Британија во таканаречените „Војни за бакаларот“ за да ја воспостави контролата врз своите риболовни води. Влегувањето во ЕУ би значело влегување и во Заедничката рибарска политика на Унијата, а за голем дел од Исланѓаните можната загуба на автономијата во оваа област е поголема од дополнителната корист што би ја добиле од членството.

Тоа е луксуз што богатите и функционални држави можат да си го дозволат: да ја мерат Европа во проценти, квоти, регулативи и национални интереси. Кај нас Европа одамна не се мери така.

За Македонија членството во ЕУ со децении не се претставува како едно од можните средства за национален развој, туку како историска цел без алтернатива. Во таа една реченица се спакувани економскиот развој, владеењето на правото, странските инвестиции, институционалната модернизација, безбедноста, задржувањето на младите, па дури и идејата дека конечно ќе станеме „нормална европска држава“. Токму затоа земјите како Македонија се подготвени да платат цена за членството што земјите како Исланд не би ја прифатиле.

И тука не станува збор само за економската цена или за пренесување дел од националните надлежности на европско ниво. Македонија го смени сопственото уставно име за да го отвори патот кон европската интеграција. Потоа дојде бугарската блокада, а со неа и нови барања поврзани со историјата, идентитетот и Уставот. Условите што некогаш беа Копенхашки критериуми постепено станаа нешто многу пошироко: процес во кој билатералните проблеми на земја-членка можат да станат европски услов за земјата-кандидат. И сето тоа се случува со држава која доби кандидатски статус уште во 2005 година. Тоа е повеќе од дваесет години во европската чекалница.

Затоа исландскиот референдум треба да го гледаме не како аргумент против Европската Унија, туку како повод конечно да си поставиме едно прашање што кај нас речиси се смета за политичка ерес: што точно сакаме од Европската Унија?

Не дали сме за Европа. Тоа прашање одамна е решено. Македонија географски, економски, културно и политички припаѓа на Европа. Прашањето е дали европската интеграција мора засекогаш да биде изедначена со еден единствен институционален пат – класичниот пристапен процес, со неговите поглавја, кластери, вета и бесконечни политички условувања.

Исланд покажува дека не мора. Норвешка покажува дека не мора. Швајцарија покажува дека не мора.
Се разбира, Македонија не е Исланд, а уште помалку Швајцарија или Норвешка. Токму тука треба да бидеме внимателни. Исланд може полесно да остане надвор од Унијата затоа што голем дел од она што Македонија очекува да го добие преку членството тој веќе го има: високи приходи, функционални институции, силна социјална држава, пристап до европскиот пазар и НАТО-членство. Исландскиот БДП по жител е околу 84.000 евра. За него ЕУ е надградба на веќе успешна држава. За Македонија ЕУ се продава како механизам преку кој успешната држава допрва треба да биде создадена. Тоа е фундаменталната разлика.

Но, токму затоа е „чудно“ што Европската Унија има развиено флексибилни модели на интеграција за државите на кои членството најмалку им е потребно, а на оние на кои европската интеграција им е најпотребна со децении им ја нуди речиси исклучиво перспективата на идно полноправно членство. Богатите имаат избор. Сиромашните имаат процес.

Норвешка може да биде во Единствениот пазар преку ЕЕП. Швајцарија може да гради билатерална архитектура со Брисел. Исланд може да биде во ЕЕП, Шенген, Еразмус и Хоризонт, да применува огромен дел од европското законодавство и истовремено да каже дека не сака да преговара за членство. Македонија, пак, треба да продолжи да чека конечната политичка награда што постојано се поместува во иднината.

Токму тука пристапниот процес почнува да ја губи својата смисла.

Оригиналната логика на проширувањето беше моќна затоа што беше едноставна: кандидатите се реформираат, ја преземаат европската правна рамка, ги исполнуваат демократските и економските критериуми и на крајот стануваат членки. Таа условеност функционира само ако двете страни веруваат во наградата. Ако кандидатот може да ги исполни условите, а членка на Унијата потоа да постави нов билатерален услов, механизмот повеќе не е чиста условеност. Тој станува политичка преговарачка асиметрија.

И тогаш се случува нешто уште поопасно. Европската интеграција, која требаше да произведува реформи, почнува да произведува разочарување.

Тоа веќе го гледаме на Балканот. По две децении ветувања, самата фраза „европска перспектива“ звучи сè поистрошено. Не затоа што граѓаните одеднаш станале против Европа, туку затоа што перспективата што трае една генерација престанува да биде перспектива и станува статус кво.

Војната во Украина повторно го оживеа проширувањето како геополитичка тема. Украина и Молдавија го забрзаа својот европски пат, Црна Гора сака да стане 28-ма членка до 2028 година, Албанија забрзано ги отвора преговарачките кластери. Но, токму новата геополитичка итност треба да ја натера ЕУ да размисли дали моделот создаден за проширувањата од пред дваесет и повеќе години е доволен за Европа што денес изгледа сосема поинаку.

Можеби вистинската иднина на европската интеграција не е изборот меѓу две крајности – или полноправно членство или останување во чекалницата.

Можни се различни степени на интеграција: постепен пристап до Единствениот пазар, секторско вклучување во европските политики, поголем пристап до фондовите, инфраструктурно и енергетско интегрирање, постепено вклучување во институциите и конкретни права што се добиваат со секоја завршена реформска фаза. Наместо кандидатот дваесет години да работи за една огромна награда на крајот, интеграцијата може да стане процес во кој европските права и придобивки се стекнуваат постепено и неповратно.

Тоа не би било замена за членството. Би било начин европската интеграција повторно да стане реална.
Токму затоа исландското „не“ е понепријатно за Брисел отколку што изгледа. Европската Унија денес многу лесно ја докажува својата привлечност пред земјите што од неа очекуваат спас, развој, пари, безбедност или институционална стабилност; многу потешко е да ја докаже пред држава која веќе е богата, демократска и функционална. Во Брисел неслучајно се надеваа дека исландското „да“ ќе покаже дека обновеното проширување не е само клуб кон кој гравитираат сиромашните и нестабилните европски периферии, туку политички проект што може да привлече и општество кое објективно не зависи од него. Резултатот ја урна токму таа приказна.

И тука се појавува можеби најнепријатното прашање за самата Унија: ако полноправното членство е толку голема политичка вредност, зошто оние што веќе ги имаат просперитетот, демократијата и стабилноста толку често не гледаат доволна причина да го изберат? Можеби проблемот на проширувањето веќе не е само во кандидатите кои треба бесконечно да докажуваат дека се достојни за ЕУ, туку и во ЕУ која сè поретко чувствува потреба да докаже зошто членството е вредно само по себе. Со децении Брисел го поставува прашањето што кандидатите треба да направат за Унијата; Исланд го преврте прашањето: што Унијата може да понуди на држава која веќе не бара од неа да ја спаси? И ако одговорот на тоа прашање не е убедлив, тогаш европскиот проблем е многу поголем од еден изгубен референдум на далечниот север. Тоа значи дека моќта на европскиот проект можеби сè повеќе се потпира врз асиметријата меѓу оние што можат да си дозволат да кажат „не“ и оние што веруваат дека немаат друга реална опција освен да кажуваат „да“.

И токму тука Исланд може да ни биде корисен, не како модел што Македонија треба механички да го копира, туку како доказ дека Европа и Европската Унија не се идентични категории, а европската интеграција не мора да има само една институционална форма.

Исланѓаните можат да гласаат против пристапните преговори и следното утро да се разбудат како граѓани на една богата, демократска, безбедна и длабоко европски интегрирана држава. Нивната европска иднина не исчезнува со нивното „не“.

Кај нас, пак, две децении се создава впечаток дека без конечното „да“ од Брисел речиси и немаме друга европска иднина. Можеби токму тоа треба да се промени.

Македонија нема причина да се откаже од членството во Европската Унија. Напротив, полноправното членство останува најкомплетниот модел на политичка, економска и институционална интеграција што Европа го нуди. Но, по дваесет години кандидатски статус имаме повеќе од доволно причини да престанеме самото чекање на членството да го третираме како замена за европска политика.
А Европската Унија, ако навистина сака да остане трансформативна сила на континентот, треба да си постави уште понепријатно прашање. Ако најбогатите европски држави можат да добијат различни модели на интеграција затоа што имаат доволно политичка и економска моќ да преговараат за нив, зошто таква флексибилност да не им се понуди и на оние кои веќе две децении се обидуваат да станат дел од Унијата?

Исланд избра да остане надвор од ЕУ, но не и надвор од Европа.

Можеби по дваесет години чекање, Македонија конечно треба да бара нешто слично, а ЕУ да се запраша: колку долго една држава може да биде европска по ориентација, правила, надворешна и безбедносна политика, а сепак да остане надвор од европските институции во кои тие правила и политики се носат, или барем од европскиот економски и политички простор и неговите благодети?!


пишува: Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис, 15 септември 2026

Авторот е политиколог

Најчитано