АНАЛИЗА: Зошто Американците ги мразат дата центрите?

пишува: Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Зошто Американците ги мразат дата центрите?

Отпорот во САД кон центрите за податоци расте од ден во ден. Последната анкета покажува дека 70 проценти од испитаниците се спротивставуваат на изградбата на дата центар за поддршка на вештачката интелигенција. Во првите три месеци од 2026 година, 75 големи проекти во вредност од 130 милијарди долари беа одложени или откажани главно поради организираниот локален отпор. Главните грижи на Американците се дека дата центрите им го одземаат мирот, водата и им ја прават живеачката поскапа преку цените на струјата

Изградбата на дата центри (или, центри за податоци) се претвора во глобална златна треска. На одреден начин оваа треска наликува на ремек-делото на Чарли Чаплин од 1925 година „Потрага по злато“, во кое на урнебесен и длабоко трагичен начин ја опишува златната треска во Аљаска на крајот од 19. и почетокот на 20. Век. Кога во таа новостекната дива и негостољубива американска територија се рашири гласот дека таму има многу злато, само треба да се ископа. За најголемиот дел од авантуристите (како за малиот скитник на Чаплин и неговиот халуцинантен „џамбо“ пријател) нивната потрага по злато се претвора во човечка трагедија – осаменост, глад и сиромаштија.

Сегашната „златна треска“ ги нема тие драматуршки моменти, особено не глад и сиромаштија, но има други. Галопирачкото влијание, па дури и загосподарувањето на светот од вештачката интелигенција, а преку неа и моќта на глобалните технолошки олигарси, драматично ја менува живеачката на луѓето. Во времето кога повеќе агенции на Обединетите нации и истражувачките центри велат дека главната битка во 21. век ќе биде за водата и храната, сега наеднаш работите влегуваат во друга вртелешка – кој ќе има повеќе и посилни дата центри тој ќе може подобро да го „храни“ населението со информации.

Американскиот претседател Доналд Трамп, на последниот ден од август изградбата на дата центрите ја претстави со ултимативна порака. Тој рече дека заедниците во САД кои не сакаат центри за податоци со вештачка интелигенција ќе страдаат економски.

„Единствената причина зошто заедниците низ САД не треба да сакаат центри за податоци е ако сакаат да завршат заостанати и сиромашни“, напиша Трамп на Truth Social. „Ако сакаат да бидат успешни и богати, со многу пониски даноци и работни места насекаде, нека владеат Податоците“, додаде претседателот.
Трамп тврдеше дека ако политичарите и заедниците „ја убијат Златната гуска“, осврнувајќи се на вештачката интелигенција, тие „ќе треба само себеси да се обвинат“.

Трамп се вмеша во широката дебата за дата центрите во Америка затоа што спротивставувањето на нивната изградба е огромно. Американците не ги сакаат, всушност ги мразат, затоа што на помалите заедници тие им го одземаат мирот, водата и им ја прават живеачката поскапа. Најмногу преку цените на струјата.

Поразителни анкети за технолошките гиганти

Анкета што ја спроведе прорепубликанскиот Фокс њуз минатиот месец покажа дека 70 проценти од испитаниците се спротивставуваат на изградбата на центар за податоци во нивната област за поддршка на вештачката интелигенција. Тоа вклучуваше 60 проценти од републиканците и 76 проценти од демократите.
И една друга анкета, на Ројтерс/Ипсос од јуни, покажа дека опозицијата за центрите за податоци е меѓу ретките прашања што ги обединува Американците низ идеолошките линии, при што само една третина од Американците го одобруваат темпото на изградба на центри за податоци во САД. Само 14 отсто од испитаниците би поддржале изградба на центар за податоци во нивната заедница за поддршка на проекти за вештачка интелигенција за технолошки фирми како што се „Мета“, „Алфабет“, „Амазон“, „Мајкрософт“ и „xAИ“ на Елон Маск.

Технолошките олигарси имаа почесно место за време на инаугарицијата на Доналд Трамп во 2024

Противниците на брзото градење центри за податоци одржаа 142 протести низ 42 држави во во јули, во првиот национален обид да го насочат гневот кон проширувањето на инфраструктурата за вештачка интелигенција, кое се зголеми во текот на изминатата година и ја потресе локалната политика.

Демонстрантите протестираа против она што го нарекува „неодговорно“ градење на центри за податоци и „неприфатливо кршење на нашата слобода“. Во Фредериксбург, Вирџинија, еден млад човек носеше знак на кој пишуваше: „Ние ќе одиме напред со вода, а не со податоци“. Во Атланта, мала група демонстранти држеа знаци на кои пишуваше: „Џорџија никогаш не гласаше за хиперскални центри за податоци со вештачка интелигенција“.

Републиканското упориште Тексас, жариште за развој на центри за податоци, беше домаќин на 18 протестни настани, најмногу од која било друга држава. Државата Џорџија, која е бојно поле на изборите, имаше 11 собири. Калифорнија, доминирана од демократите, имаше осум, додека променливата држава Пенсилванија и Флорида и Индијана, кои се наклонети кон републиканците, имаа по седум.

Има добри причини зошто Американците се загрижени за изградба на дата центри во нивното соседство. Најмногу тоа е поврзано со еколошките и финансиските ефекти на објектите. Во прв ред тоа е водата. Среден центар за податоци може да потроши до околу 416 милиони литри годишно за ладење, што е еквивалентно на годишната потрошувачка на вода на околу 1.000 домаќинства, објави минатата година аналитичар во непрофитната организација Институт за студии за животна средина и енергија.

Стравувањата дека центрите за податоци полни со сервери ќе ги зголемат цените на електричната енергија, ќе ги исцрпат резервите на вода и ќе го голтнат обработливото земјиште ги натераа луѓето низ САД да свикуваат состаноци на одбори за зонирање и окружни комисии за да се спротивстават на проектите, а воедно поттикнаа повици од лидерите во двете партии за државни или национални мораториуми. Тоа стана растечка пречка за индустријата што е во процес на развој на околу 1.500 центри за податоци, во голема мера за поддршка на растот на вештачката интелигенција.

Kомпаниите за центри за податоци се обидоа да ги амортизираат овие стравувања и да ги продадат своите проекти како благодет за даночни приходи и вработување. Но тие најчесто не успеваат активно да комуницираат со јавноста. Кога има празнина во пораките, критичарите на проектите ја пополнија.

Една анкета на американското „Политико“ од јули покажа како технолошките компании се во дефанзива: само 16 проценти од луѓето се согласиле дека центрите за податоци „имаат корист за областа во која се изградени и за земјата како целина“, додека околу 60 проценти рекле дека тие се на штета на локалната област или на земјата и воопшто не обезбедуваат придобивки.

Се чини дека негативните пораки се зацврстуваат. Повисоките трошоци за електрична енергија, на пример, се најголемата загриженост на Американците кога станува збор за градење центри за податоци, покажуваат анкетите. Во јануари, 43 проценти од Американците изјавиле дека веруваат оти „центрите за податоци ги зголемуваат сметките за струја на луѓето“. Во август, тој удел скокна за 16 поени на речиси 60 проценти од Американците. Во истиот тој период уделот на Американците кои рекле дека центрите за податоци го осиромашуваат снабдувањето со вода пораснал од 34 на 55 проценти.

Што да прават компаниите?

Компаниите за центри за податоци се најдоа во недоумица што да прават – дали да бидат поагресивни во врска со пораките во услови на растечки притисок за мораториуми или да се потпираат на одлуките на политичкиот естаблишмент било на федерално, било на државно ниво.

Гувернерката на Њујорк, демократката Кети Хочул, во јули потпиша извршна наредба со која се воспоставува првата пауза во изградбата на големи центри за податоци во САД, а прогресивците во Конгресот предложија таков мораториум на федерално ниво.

И некои републиканци, исто така се приклучија на трендот на мораториум. Повеќе од 300 градови, места и окрузи – во Калифорнија, Охајо, Џорџија и Пенсилванија, меѓу другите – поставија забрани или мораториуми за изградба на хиперскални центри за податоци. Во првите три месеци од 2026 година, 75 големи проекти во вредност од повеќе од 130 милијарди долари беа одложени или откажани делумно поради организирано локално спротивставување. По државата Њујорк и неколку други држави, вклучувајќи ги Пенсилванија, Мичиген и Јужна Каролина, размислуваат да донесат одлуки за пауза во изградбата на центри за податоци.

Центрите за податоци долго време се користат за складирање и обработка на дигиталните информации – без разлика дали станува збор за фотографии во облакот или видеа што ги емитуваме онлајн. Но, порастот на хиперскалните центри за податоци во последниве години – кои се со подобри перформанси и често се користат за напојување на вештачката интелигенција – почна да ги менува работите.

Развојот на центрите за податоци е уште од 2010 година, но тие беа многу помали по обем. Она што се случува сега со појавата на хиперскалните центри за податоци, е дека тие се многу поголеми, многу помоќни. Тие се многу поинтензивни по ресурси.

Повеќе од 160 нови центри за податоци со вештачка интелигенција се појавија низ САД во последните три години – зголемување од 70 отсто во однос на периодот од последните три години, според анализата на Блумберг. Во многу случаи, тие се појавиле во заедници кои имаат оскудни водни ресурси. Среден центар за податоци троши толку вода колку и мал град, додека поголемите бараат до 1,2 милиони литри вода секој ден – колку и град со 50.000 жители. Тие исто така трошат огромни количини електрична енергија. Центрите за податоци учествуваа со 4 проценти во вкупната потрошувачка на електрична енергија во САД во 2024 година, а се очекува нивната побарувачка за енергија да се зголеми повеќе од двојно до 2030 година. Во многу случаи, дополнителните трошоци за електрична енергија се пренесуваат на жителите во близина; во државите со висока концентрација на центри за податоци, цените на електричната енергија се зголемија до 267 проценти во последните пет години.

Според податоците, во 2025 година, околу 48 проекти за центри за податоци во вредност од околу 156 милијарди долари беа блокирани или запрени од локалната опозиција. Се чини дека 2026 година ќе биде уште поголема година за отпорот кон вештачката интелигенција.

Сегашниот бунт против дата центрите има директна поврзаност со надреалната сцена на претседателската инаугурација во 2024 година на Доналд Трамп, кога шефовите на низа големи технолошки гиганти ги зазедоа своите ВИП места и го сигнализираа својот нов сојуз со движењето Мага. Администрацијата на Трамп го постави црвениот тепих за амбициите на Силиконската долина за вештачката интелигенција и приоритетите на акционерите.

Вашингтон додели милијарди долари во профитабилни федерални субвенции и договори за секторот богат со готовина, надувувајќи го меурот на вештачката интелигенција за кој експертите предупредуваат дека може да ја загрози целата економија без да постави какви било заштитни огради за брзорастечката технологија.

Колку вода трошат дата центрите

Истражувањата покажуваат дека вештачката интелигенција бара многу повеќе енергија отколку другите интернет услуги за да работи. Во просек, едно барање извршено преку генеративниот четбот за вештачка интелигенција ChatGPT бара речиси 10 пати повеќе електрична енергија отколку стандардно пребарување на Гугл според извештајот од 2024 година на Меѓународната агенција за енергија.

Тоа значи дека центрите за податоци со вештачка интелигенција трошат огромни количини електрична енергија како резултат на тоа.

Според студијата на Универзитетот на Јорк од Канада, типичен центар за податоци од 100 мегавати „би трошел приближно 438.000 до 700.800 мегават-часови годишно – еквивалентно на потрошувачката на електрична енергија на приближно 40.000 до 64.000 канадски домаќинства“. Затоа и протестите против дата центрите станаа масовни и на север од САД, во Канада.

Истражувачите на ОН велат дека центрите за податоци потрошиле околу 448 терават-часови електрична енергија во 2025 година.

Доколку се третираат како држава, тоа би ги направило центрите за податоци 11. најголем потрошувач на електрична енергија во светот, се вели во извештајот објавен во јуни од Универзитетскиот институт на Обединетите нации за вода, животна средина и здравје.

Извештајот предупреди дека овие центри имаат огромен јаглероден отпечаток како резултат на тоа, генерирајќи 189 милиони тони емисии на јаглерод диоксид во истата година.

Истиот извештај на ОН покажа дека центрите за податоци глобално потрошиле 4,5 билиони литри вода во 2025 година, доволно за да се задоволат потребите на повеќе од 600 милиони луѓе во Супсахарска Африка.
Сепак, некои програмери велат дека современите центри за податоци се способни да ги ублажат овие проблеми.

Тод Колман, основач и извршен директор на компанијата eStruxture со седиште во Монтреал, изјави дека неговите објекти не користат никаква вода освен за „мијалници и тоалети“. Наместо тоа, постои систем за ладење со затворен систем со гликол, рече тој.

Мет Милтон, претседател на „Мајкорософт Канада“, рече дека „Мајкорософт“ користи нови техники за намалување на потрошувачката на вода, додека проект од американската држава Јута (против кој има големи протести), поддржан од познатиот инвеститор Кевин О‘Лири, би имал ладење со затворен систем, кој повторно ја користи водата за да ја намали потрошувачката на вода.

Некои компании инвестираат и во производство на електрична енергија надвор од мрежата за да избегнат оптоварување на електричните мрежи.

Жешка политичка тема

Се разбира, изградбата на центрите за податоци стана жешка политичка тема во САД пред среднорочните избори во ноември.

Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот го гледаат прифаќањето на центрите за податоци од страна на Трамп како политички подарок, надевајќи се дека ова радиоактивно прашање ќе ѝ помогне на партијата да ја преземе контролота над Домот во ноември.

Изјавата на Трамп што ја споменавме погоре предизвика политичка бура. Неговиот напад врз демонстрантите со предупредување дека ги деградираат своите заедници да останат „заостанати и сиромашни“ демократите го видоа како благодет во изборен циклус, каде што непопуларен претседател, растечките трошоци за потрошувачки добра и непопуларната војна во Иран веќе ги ставаат републиканците во дефанзива додека се борат да го задржат своето кревко мнозинство.

Во држави толку различни како Ајова, Мичиген, Невада, Пенсилванија и Небраска, демократските кандидати – актуелни и предизвикувачи – се потпираат на агресивната промоција на центрите за податоци од страна на Трамп за да ги прикажат републиканците како рамнодушни или несвесни за локалните грижи. А врвните демократски лидери ја поттикнуваат кампањата од Капитол Хил.

Контроверзноста околу центрите за податоци не е ништо ново во Конгресот. Минатата година, лидерите на Републиканската партија во Претставничкиот дом предизвикаа вознемиреност кога им забранија на локалните и државните власти да ги регулираат центрите за податоци како дел од нивниот „Голем, убав закон“. Реакцијата го натера Сенатот да ја отстрани одредбата и таа не влезе во законот.

Сепак, републиканските лидери ја бранат својата позиција, тврдејќи дека изградбата на центри за податоци е клучна ако САД сакаат да ја добијат глобалната трка за доминација на вештачката интелигенција. Тие исто така велат дека заканата што ја претставуваат објектите за локалните ресурси е пренагласена.

„Центрите за податоци се неопходни ако сакаме да ја задржиме нашата предност во вештачката интелигенција во однос на Кина“, изјави за новинарите претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон.

Оперативец на Републиканската партија призна дека промоцијата на центрите за податоци од страна на Трамп, наспроти негативните реакции, ги стави некои републиканци во тешка положба. Но, проблемот им овозможува и на ранливите кандидати на Републиканската партија да ја покажат својата независност од претседателот, доколку одлучат да го сторат тоа.

И на крај за една британска анализа на непрофитната група „Фоксглов“. Анализата, која ја објави „Гардијан“, покажа дека емисиите на јаглерод од само два планирани центри за податоци во Англија ќе ги надминат сите емисии во Велика Британија на гигантот за фосилни горива „ЕксонМобил“.

Анализата открива дека кога ќе бидат целосно оперативни два центри за податоци што се во изградба ќе користат 1,3 ГВ енергија и ќе произведуваат повеќе од 4,5 милиони тони емисии на јаглерод. „ЕксонМобил“ испушти во Британија 3,9 милиони тони во 2023 година, според глобалниот енергетски тинк-тенк „Ембер“.
Моментално има 315 центри за податоци кои чекаат ред за поврзување со електричната мрежа на Велика Британија, што претставува 73 ГВ побарувачка. Ова е речиси двојно повеќе од максималната зимска побарувачка на енергија за целата Велика Британија.

Очигледно дека во забрзаниот технолошки развој општествата, економиите и државите ќе мора да се потпираат врз центрите за податоци. Како ќе биде изграден мостот меѓу технолошките гиганти и загриженото население допрва ќе видиме. Засега, никој не понудил добро решение. А отпорот кон дата центрите во најразвиените земји расте од ден на ден. Граѓаните велат дека нивниот живот се обесмислува.


пишува: Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис, 15 септември 2026г

Љупчо Поповски
Авторот е новинар

Најчитано