АД МЕПСО ДОДЕЛУВА 15 СТИПЕНДИИ за студентите по електротехника

На иницијатива на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, АД МЕПСО ја обновува програмата за студентско стипендирање. За академската 2026/2027 година ќе бидат доделени 15 стипендии во месечен износ од по 12.000 денари, наменети за поддршка на младите стручни кадри од областа на електротехниката, соопштија попладнево од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Одлуката официјално била презентирана на денешната средба на која присуствувале ректори, декани, професори и студенти од факултетите со кои АД МЕПСО има потпишано меморандуми за соработка. Се предвидува со оваа програма да бидат опфатени по тројца студенти од пет соодветни факултети во земјава: Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Универзитетот „Мајка Тереза“.

– Нашата цел не е само да им обезбедиме финансиска поддршка на студентите, туку да ги запознаеме најдобрите и најмотивираните млади луѓе со работата и можностите што ги нуди МЕПСО. Сакаме да го поддржиме нивниот професионален развој и да создадеме услови тие утре да бидат дел од нашиот колектив – истакнал генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи.

Во соопштението се нагласува дека иницијативата на министерката Божиновска е директно надоврзување на позитивните искуства на Министерството со програмите за практикантска работа и вработување на млади инженерски кадри.

– Верувам дека иднината на македонската енергетика зависи од можностите што денес им ги даваме на младите. Сакам студентите уште за време на студиите да видат како знаењето од факултет се применува во практика, да учат од луѓе со искуство и да добијат можност да работат на вистински проекти. Затоа ми е важно универзитетите и компаниите да соработуваат. Сакам младите да ја видат својата професионална иднина тука, во својата земја, и да знаат дека имаат место во развојот на македонската енергетика – истакнала министерката.

Се истакнува дека Министерството останува цврсто посветено на градењето долгорочни мостови меѓу образованието и енергетскиот сектор.

– Вложувањето во знаењето на младите инженери е наш врвен приоритет за обезбедување енергетска независност, одржлив развој и задржување на најдобрите кадри во нашата земја. Продолжуваме со креирање политики и иницијативи што ќе отвораат нови можности за стручно усовршување и професионална реализација на младите во македонскиот енергетски систем – се додава во соопштението.


Извор МИА

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Повеќе од истиот автор

Најчитано