Општество
Презентација на македонската гајда и турскиот тулум во Истанбул
09.03.2026
Во Македонскиот културен центар во Истанбул утре со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи културен настан посветен на заедничката традиција на македонската гајда и турскиот тулум, како значаен дел од нематеријалното културно наследство на двата народа.
-Настанот се организира по повод 10 март – Меѓународниот ден на гајдата, со панел-дискусија на која ќе учествуваат експерти од Македонија и Турција. Панелот ќе биде посветен на историските, културните и етномузиколошките аспекти на гајдарската традиција, како и на нејзината улога во современото културно наследство. Особено внимание ќе биде посветено на процесот на впишување на гајдата и тулумот, кои беа заеднички внесени на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото во УНЕСКО. Ова признание претставува значаен пример за успешна културна соработка меѓу Македонија и Турција, најавуваат од Македонскиот културен центар.
Во рамките на програмата, преку презентација ќе бидат претставени и органолошките карактеристики и разликите меѓу македонската гајда и турскиот тулум, како и регионите и заедниците во двете земји каде оваа традиција и денес активно се практикува.
Македонската гајда на панел-дискусијата ќе ја претстави Управата за заштита на културно наследство, предводена од директорката Весела Честоева, која ќе говори за нејзиното значење, традиција и процесот на нејзината меѓународна заштита, како и Ивона Опетческа-Татарчевска, раководител на Секторот за межународна дејност при УЗКН и виш соработник за фолклорни добра.
Настанот ќе биде збогатен и со изведби на гајда и тулум во живо, кои на публиката ќе ѝ овозможат автентично музичко доживување и непосредно запознавање со звучниот свет на оваа древна традиција.
Со овој настан Македонскиот културен центар во Истанбул официјално ќе ја отвори својата културна програма за 2026 година, продолжувајќи ја својата мисија на промоција на македонската култура и зајакнување на културната соработка меѓу Македонија и Турција, посочуваат од Македонскиот КИЦ во Истанбул.
Извор МИА
Фото: МКИЦ Истанбул