Бизнис
Макстил АД – Скопје со нето добивка од 7,26 милиони евра во 2025 година – 63 отсто поголема во однос на 2024 година
05.03.2026г
Макстил АД – Скопје за периодот јануари – декември 2025 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните поединечни финансиски извештаи.
Остварено производство и реализација
Оствареното производство на дебели лимови во текот на 2025 во производниот погон Валавница изнесува 267,036 т. што споредено со 291.476т. во истиот период на 2024 претставува намалување од 8%, додека во однос на поставениот производен план за 2025 година (286.440т.) претставува намалување од 7%. Намаленото производство на лимови воглавно се должи на честите прекини на водоснабдувањето и електричната енергија во погонот, како и продолженото времетраење на годишните ремонтни активности во погонот. Оствареното производство на челичанските слабови во извештајниот период е 258.825т. што споредено со 305.221т. во 2024 претставува намалување од 15%, додека во однос на планираното производство за 2025 годината (248.000т.) претставува зголемување од 4%.
Вкупни приходи
Во овој период се остварени приходи од работење во износ од 8,12 милијарди денари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи и учествуваат со дури 95%. Споредено со 2024 остварените приходи од работењето (8,43 милијарди) се пониски за 4%. Во 2025 бележиме намалување на остварените приходи од продажба, што се должи на намалената реализација на лимови во споредба со претходната година.
Вкупни расходи
Остварените расходи во текот на 2025 година изнесуваа 7,13 милијарди денари, од кои трошоците за производство се носечка ставка и во структурата на вкупните расходи учествуваат со 96%. Споредено со 2024 година остварените расходи од работењето (7,56 милијарди денари) се пониски за 6%.
Добивката пред оданочување во извештајниот период е 509 милиони денари и е повисока од остварената во 2024 година, додека нето добивката изнесува 447 милиони денари, и е повисока од остварената во минатата година. Зголемувањето на нето добивката се должи на признавањето како приход на солидарниот данок, кој беше исплатен во текот 2023 година.
Исплатени дивиденди
Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција заради пренесени загуби од претходниот период.
Очекувања за претстојниот период
За разлика од претходните три години, кога по ценовниот пик во 2022 година состојбата на пазарите беше релативно стабилна и предвидувањата се базираа на стабилни цени на инпутот на лимовите, почетокот на 2026 наметна неколку ограничувачки фактори, како најавеното намалување на квотите за увоз на лимови во ЕУ, јаглеродниот надоместок и проблемите со камионските превозници за престој во Шенген зоната. Најновите настани на Блискиот Исток влијаат на зголемување на цената на нафтата и природниот гас, ограничувања на поморскиот транспорт, кои ќе внесат неизвесност во однос на движењата на цените на лимовите и ќе влијаат на побарувачката во земјите на Европската Унија. Како проблем и понатаму останува железничкиот транспорт, бидејќи единствената линија Табановце – Гевгелија и понатаму работи со намален капацитет заради честите застои. Учеството на лимови за вагонски транспорт е се поголемо, а покрај традиционалните дестинации во Солун и Лом, се активираат и алтернативни дестинации. Камионскиот транспорт се одвива со повремен недостаток на камиони, како и актуелните проблеми врзани со влезот на транспортерите во ЕУ. Од овие причини стратегијата за 2026 година и понатаму ќе биде базирана на производство на сопствени слабови од старо железо во Челичарница и производство на околу 300.000т. лимови во Валавница. Асортиманот останува и понатаму да биде сличен како и во 2025 со акцент на тенките и кортен лимови, бродските лимови од сите квалитети, кратките рокови на испорака на помалите нарачки, како и се поголемиот број на пескарени и боени лимови. Пласманот на лимовите ќе се одвива на веќе потврдените пазари во земјите на Европската Унија, Турција и земјите на ЦЕФТА. Во делот на снабдувањето со влезни материјали во 2026 не се очекуваат проблеми, додека кадровската екипираност се одржува на задоволително ниво. Се очекува зголемување на цената на лимовите, а влијанието на конфликтот на Блискиот Исток на стопанските текови во ЕУ ќе треба внимателно да се следи заради можна подготовка на против мерки за справување со евентуалните негативни влијанија.
Општествена одговорност
Во текот на целата 2025 компанијата продолжи со спроведување на различни проекти во делот на општествената одговорност, поддршка на концептот за циркуларна економија. Компанијата направи предверификација на пресметката на јаглеродните емисии согласно CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism) директивата, а во вториот квартал на 2026 ќе биде направена првата верификација на јаглеродните емисии за 2025 година согласно истата директива. Исто така, компанијата продолжува со значајни проекти да ја поддржува локалната заедница, со цел креирање на позитивен пример во општествената заедница.