Економија
Планот за раст на Западен Балкан како катализатор за реформите и за економската конвергенција
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2026г.
Ако 2025 година ја завршивме со горчливо чувство и со доза на несигурност, но сепак и со надеж, почетокот на 2026 година, за жал, не ветува подобри времиња. Светот се менува од ден на ден. Геополитичките поместувања кои, до скоро, беа речиси незамисливи, се случуваат пред нашите очи, во реално време. Историјата е сведок дека во турбулентни времиња најлесно страдаат малите и помалку моќните. Треба многу политичка мудрост, дипломатска способност и лидерство за да се пребродат бурните времиња, но ни треба и економија оспособена за функционирање во географскиот, во правниот и во финансискиот простор на кој му припаѓаме. Стратешката цел за членство во Европската Унија, како и да се менува таа, а ќе се менува, со соодветна адаптација од наша страна, останува непроменета, сега егзистенцијално поважна од кога и да е претходно. Тоа го разбраа Црна Гора, Албанија, Молдавија, го разбира и Украина, мора да го разбереме и ние. Затоа секоја можност за забрзана интеграција во ЕУ и за економски раст, за реформи и за конвергенција треба докрај да се искористи, и преку ЕУ-фондовите, и преку билатералната помош, и преку меѓународните финансиски институции, до последната пара.
Иако Планот за раст за Западен Балкан 2024 − 2027 беше лансиран кон крајот на 2023 година, поради неговата комплексност и финансиска обемност беше правно фундиран во текот на 2024 година кога и започна неговата реализација. Со тешкотии, со задоцнување, но сепак со силна политичка волја од страна на Европската комисија Планот заживеа и обезбедува сериозен простор за продлабочени и за забрзани реформи во земјите од Западен Балкан, вклучително и во Македонија. Планот е дизајниран со цел да ја удвои економијата на регионот во следнава деценија, под услов реформите да бидат спроведени со извонредна прецизност.
Планот за раст е директен производ на променетата геополитичка реалност. По децении на т.н. „замор од проширувањето“, војната во Украина и зголемената конкуренција од глобалните актери ја принудија Европската Унија да го редефинира својот пристап кон Западен Балкан. Регионот повеќе не се набљудува само како „соседство“, туку како внатрешен витален безбедносен и економски интерес на самата Унија. Оттука Планот за раст претставува најконкретна, најтранспарентна и финансиски најобемна понуда од вкупно 6 милијарди евра за периодот 2024 − 2027 година, што ја ставила на располагање Унијата досега на земјите од регионот пред нивното формално зачленување. Важно е да се напомене дека овие средства не се замена за постојните ИПА III-фондови, кои и понатаму ќе се користат по утврдените правила со ИПА-регулативата. Средствата од Планот за раст претставуваат дополнителен финансиски поттик кој, доколку се искористи целосно, ќе го доведе нивото на помош по глава на жител во регионот поблиску до нивоата споредливи со оние што ги добиваат некои од поновите земји членки на ЕУ преку кохезионата политика. И сето тоа се нуди во период кога глобалната економија се соочува со фрагментација, а европскиот континент со безбедносни предизвици. Овој План се појавува како стратешки инструмент кој комбинира јасна геополитичка прагматика, прецизно дефинирана реформска условеност и мерлива финансиска рамка.
Геополитичката логика е јасна, стабилноста на ЕУ е неделива од стабилноста на Западен Балкан. Меѓутоа, за разлика од претходните периоди каде што фокусот беше ставен на политичкиот дијалог, сегашната стратегија се потпира на „меката моќ“ на економијата. ЕУ препозна дека без опипливи економски придобивки за граѓаните, поддршката за евроинтеграциите опаѓа, оставајќи простор за алтернативни влијанија. Во таа насока, Планот е дизајниран постепено и контролирано да го вгради регионот во европскиот систем уште пред формалното полноправно членство во Европската Унија, каква и да биде нејзината правна форма во тој момент.
Планот е изграден врз четири меѓусебно поврзани столбови, дизајнирани да создадат синергетски ефект врз регионалниот развој. Првиот столб е со цел постепена интеграција на земјата во единствениот пазар на ЕУ. Единствениот пазар е најголемиот економски мотор на ЕУ. Со Планот, на земјите од Западен Балкан им се нуди можност да партиципираат во него во седум клучни области, и тоа: слободно движење на стоки; слободно движење на услуги и на работници; пристап до единствениот европски платен систем; олесување на патниот транспорт; интеграција и декарбонизација на енергетскиот пазар; единствен дигитален пазар; и интеграција во индустриските синџири на снабдување. Овие приоритети се предлагаат и се финансираат од страна на ЕУ главно преку ИПА-инструментот. Вториот столб е во насока на засилување на заедничкиот регионален пазар (ЗРМ), односно доколку сакаме да бидеме дел од пазарот на ЕУ, прво мора да докажеме дека можеме да функционираме на нашиот регионален пазар (почитување на ЦЕФТА). Овој столб го става фокусот на отстранување на бариерите внатре во регионот. Колку е поинтегриран Западниот Балкан толку е поатрактивен за големите странски инвеститори кои бараат поголеми пазари (од 18 милиони жители наместо 2 милиони). Берлинскиот процес е важна политичка платформа која се користи како инструмент за забрзување на регионалната интеграција и за реализација на Акцискиот план 2025 − 2028 за обезбедување на зголемена функционалност на регионалниот пазар. Третиот столб (Реформската агенда) е сржта на европеизацијата, односно креирање и одржување на силни независни демократски институции кои ќе обезбедат непреченост на владеење на правото, реформа на јавната администрација и деполитизација на правосудниот систем. Без стабилна правна држава, економскиот раст е невозможен. Економските анализи покажуваат дека корупцијата и неефикасната администрација, вклучително и судството, се најголемите „невидливи даноци“ кои ги кочат македонските компании. Планот директно ги цели овие слабости. Планот силно ја поддржува и т.н. „двојна транзиција“, зелена и дигитална. За Македонија, ова е шанса да ја трансформира својата економија од трудоинтензивна во економија со висока додадена вредност. Средствата за декарбонизација се клучни за земја која сè уште во голема мера зависи од јаглен. Транзицијата кон обновливи извори, поддржана од европските грантови, не е само еколошко прашање, туку прашање на национална економска безбедност и на енергетска независност. Четвртиот столб е моторот за поддршка на реформите и финансиското гориво кое ги придвижува останатите три столба. Во центарот на овој нов пристап е Инструментот за реформи и за раст на Западен Балкан (Reform and Growth Facility), со вкупен капацитет од 6 милијарди евра за периодот до 2027 година, и тоа: 2 милијарди евра неповратни грантови наменети главно за поддршка на клучните реформи и за капитални инвестиции; и 4 милијарди евра поволни кредити, односно концесиски заеми со исклучително ниски каматни стапки и долги грејс периоди, односно отплата на долгот од 2024 година за период до 40 години, што е од витално значење за земји со ограничен фискален простор и со растечки јавен долг каква што е и Македонија. Средствата од Инструментот ќе бидат насочени главно кон капитални инфраструктурни проекти кои имаат висок мултипликативен ефект врз БДП, особено во делот на инфраструктурата (коридори 8 и 10), обновливите извори на енергија и дигитализацијата на малите и на средните претпријатија.
Сепак, најзначајната револуција со овој План, од аспект на неговата конкретна реализација, е преминот од формално усогласување со политиките на ЕУ кон исплати засновани на резултати (results-based payments) или прво јасна политичка европска ориентација и реформи, а потоа пари. Претходно ЕУ-фондовите беа насочени кон конкретни проекти или буџетска поддршка со општи услови, како примерот со ИПА-инструментот и макрофинансиската поддршка. Овој принцип на „испорачај за пари“ е суров, но ефикасен. Доколку земјата не го пресретне зацртаниот рок за одреден закон или реформа, средствата за тој период, по одреден корективен грејс период, се губат или се пренасочуваат кон другите корисници од регионот. Ова го елиминира просторот за политичка симулација на реформите и наметнува строга дисциплина на извршната власт.
Значи исплатата на средствата од овој План зависи од исполнувањето на дефинираните (политички) предуслови, односно јасна и недвосмислена европска ориентација, почитување на демократските принципи и на човековите права, потоа општите услови, односно макрофинансиска стабилност, управување со јавни финансии и транспарентност, и на крајот конкретните услови за плаќање, односно реализација на конкретните чекори од реформските агенди за периодот 2024 − 2027 година. Имено, средствата се директно врзани за реформските агенди, документи кои секоја земја ги подготви, ги усогласи со ЕУ и формално ги усвои, и во кои се прецизирани квантитативните и квалитативните чекори кои мора да се исполнат пред да се ослободи секоја полугодишна транша.
За Македонија, овој инструмент доаѓа во критичен момент. По меката транзиција на власта по изборите во 2024 година и демократски спроведените локални избори во 2025 година, се отвора историска можност за забрзана економска конвергенција, стеснување на јазот меѓу домашниот стандард и просекот на ЕУ и сериозен „стрес-тест“ за зрелоста на нашите институции, на политичкиот систем и на административниот капацитет. Врз основа на критериумите на Европската комисија (население и БДП по жител), за Македонија е предвиден износ од 750,4 милиони евра во наредниве три години (2024 − 2027). Ова претставува сериозна финансиска инјекција која може да додаде дополнителни 0,5 % до 1 % на годишниот раст на БДП доколку се искористи стратешки. Се разбира, ова е под услов сите реформи да се реализираат во предвидените рокови, а со тоа расположливите средства да се повлечат и продуктивно да се вбризгаат во нашето стопанство, што претпоставува веќе спремни „зрели“ капитални инфраструктурни проекти.
Оттука клучниот предизвик можеби не е во достапноста на парите, тие се на располагање, туку многу повеќе е во нашата способност да ги „апсорбираме“ тие средства. Досегашното искуство со искористеноста на ИПА-фондовите во циклусот 2021 − 2027 година (неповратно се изгубени над 124 милиони евра) покажува дека административните бариери, недоволниот број квалитетни проекти и бавните тендерски процедури се нашите најголеми непријатели. Планот за раст бара екстремна брзина и прецизност кои досега не биле одлика на нашата администрација. Планот го покрива периодот 2024 − 2027 година, а веќе навлегуваме во 2026 година. Времето незапирливо „нè гази“. Реализацијата на Реформската агенда е незадоволителна, досега е повлечен само мал износ на средства, зрелоста на капиталните инфраструктурни проекти е далеку од потребното ниво. Ризикот да изгубиме сериозен дел од расположливите средства е огромен.
Најголемиот внатрешен ризик е политичката поларизација. Планот за раст и Реформската агенда не смеат да бидат заложници на дневната политика бидејќи секој изгубен месец значи изгубени милиони евра кои би можеле да се инвестираат во нашава економија, во училишта, во болници и во патишта. Надворешниот ризик, пак, е поврзан со динамиката внатре во самата Унија. Планот за раст е тест и за Брисел и за кредибилноста на целиот процес на проширување.
Планот за раст 2024 − 2027 е нов инструмент со „свежи“ пари за нашиов регион кој не нуди само перспектива туку и конкретно партнерство засновано на одговорност. За Македонија, ова е можеби последната голема шанса пред евентуалното полноправно членство да ги консолидира своите економски основи. Притоа успехот нема да се мери само со бројот на усвоени закони со европско знаменце, туку и со нивната целосна имплементација, како и со реализирани големи инфраструктурни проекти, со реалното намалување на времето на чекање на границите, со воведувањето на дигитални услуги за граѓаните, со правната сигурност за инвеститорите и, на крајот, со зголемувањето на стандардот на секој македонски граѓанин. Времето за политички говори истекува, влегуваме во фаза на политичка искреност, на институционална и на техничка извонредност и на доследна имплементација на договореното. Дали ќе го фатиме овој воз, зависи исклучиво од нашата подготвеност да се промениме однатре, и тоа да го сториме брзо.