Економија
Битката за Гренланд: зад опсесијата на Трамп стојат милијардери
Љупчо Поповски | Авторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2026г.
Пријателот на Трамп, Роналд Лаудер, бил првиот што му ја предложил аквизицијата на огромниот арктички остров. Тој веќе има бизнис-интереси таму. Но, не е само тој. Во игра се и големите технолошки милијардери.
Политичката и друга хистерија за намерата на Доналд Трамп да го присвои огромниот арктички остров Гренланд за САД ја поклопи темата за војната во Украина и за безмилосната агресија на Русија. Темата навистина е голема затоа што администрацијата на Трамп сака да преземе остров кој е територија на друга држава − Данска, иако има самоуправни органи. Оваа автономна територија на Данска е огромна. Има 2,1 милион километри. За да имате претстава колку е таа голема, Гренланд има површина колку 86 југославии. Речиси несфатливи бројки за најголемиот остров во светот, кој е дел од Арктикот и е под постојан мраз и снег, освен неколку месеци во јужното крајбрежје. А има само 57 000 жители.
Трамп постојано изјавува дека аквизицијата на Гренланд е неопходна за САД за да ги спречат Русија и Кина да го преземат и дека нивните бродови постојано пловеле околу островот. Се разбира, тие наводи не се точни (кинески брод не поминал покрај Гренланд во последниве десетина години). И се разбира дека се точни наводите на Трамп дека Гренланд е многу важен за безбедносната архитектура на Западот на Арктикот и за геостратегијата. Но, тоа изгледа не е главната причина за опсесијата на Трамп да го заземе Гренланд и да го одземе од сојузникот во НАТО, Данска, која ја колонизирала територијата уште во 1721 година. Минералите, ретките земјени елементи и можните големи наоѓалишта на нафта и на гас се вистинската причина за да се преземе Гренланд.
Како Гренланд влезе во плановите на Трамп за експанзија на Арктикот? И кога? Приказната која ја пренесуваа важните медиуми во Америка и во Британија е амблематична. Зад оваа опсесија на Трамп стои негов пријател милијардер.
Еден ден за време на неговиот прв мандат, Доналд Трамп повикал еден од неговите клучни соработници за да разговара за нова идеја. „Трамп ме повика во Овалната соба“, изјави за „Гардијан“ Џон Болтон, советник за национална безбедност во 2018 година. „Тој рече дека еден истакнат бизнисмен штотуку предложил САД да го купат Гренланд.“
Тоа бил неочекуван, но сепак извонреден предлог. Него го дал долгогодишниот пријател на претседателот, кој подоцна ќе стекне бизнис-интереси на данската територија.
Бизнисменот, дозна Болтон, бил Роналд Лаудер (81). Наследникот на богатство за шминка − глобалниот бренд за козметика „Есте Лаудер“ − го познава Трамп повеќе од 60 години. Уште од времето кога заедно учеле на колеџот Вартон на Универзитетот на Пенсилванија во 60-тите години на минатиот век.
Империјалистички амбиции
По налог на Трамп, Болтон рече дека разговарал со Лаудер за идејата за Гренланд. Тим од Белата куќа почнал да истражува начини за зголемување на влијанието на САД на огромната арктичка територија. Болтон сега вели дека обновената потрага на Трамп по идејата на Лаудер за време на неговиот втор мандат е типична за тоа како функционира претседателот. „Информациите што ги слуша од пријателите ги зема како вистина и не можете да го поништите неговото мислење.“ Предлогот се чини дека ги разбуди империјалистичките амбиции на Трамп.
Теоријата за Лаудер е широко позната. Но, Трамп тврди дека и самиот имал идеја да го купи или да го заземе островот за САД.
Во интервју за книгата од 2022 година за Трамп, „The Divider “, претседателот рече дека долго време бил на ставот дека островот треба да ѝ припаѓа на Америка. „Секогаш велев: Погледнете ја големината на [Гренланд]“, им рече тој на авторите Питер Бејкер и Сузан Гласер. „Тој е огромен. Тој треба да биде дел од Соединетите Држави.“
Но, истата книга ги повторува наводите на Болтон дека Лаудер, исто така, понудил да дејствува како заден канал за време на сите можни преговори со данската влада.
Во август 2019 година, „Волстрит џорнал“ за прв пат ги објави плановите на Трамп за Гренланд при што претседателот потврди дека е заинтересиран за купување на територијата. Данскиот премиер, Мете Фредериксен, ја отфрли идејата како „апсурдна“. Трамп остро реагираше, откажувајќи го планираното патување во Данска и нарекувајќи ја Фредериксен „гадна“.
Недели подоцна Болтон беше надвор од администрацијата на Трамп. Како што пандемијата ја презеде глобалната политика, разговорите за Гренланд исчезнаа.
Роден во февруари 1944 година, Лаудер беше втор од двајцата синови на козметичкиот магнат Есте и нејзиниот сопруг Џозеф. Неговиот постар брат, Леонард, почина минатиот јуни, оставајќи го единствен наследник на богатство проценето на 4,7 милијарди долари. Додека на Леонард му беше дадена контрола врз бизнисот, Роналд беше задолжен за филантропските аспекти на семејните интереси.
Лаудер служеше под Роналд Реган во Пентагон како висок функционер, потоа како амбасадор во Австрија една година. Во 1989 година, Лаудер се кандидираше на примарните избори кај републиканците за кандидат за градоначалник на Њујорк. Загуби од Руди Џулијани и покрај тоа што потроши 10 милиони долари свои пари за кампањата.
Во 2001 година, Лаудер ја отвори „Ноје галери“во Њујорк, музеј посветен на уметност од Австрија и од Германија од првата половина на 20 век. Централниот дел на колекцијата е „Портрет на Адел Блох-Бауер“ од Климт, кој Лаудер го купи во 2006 година за 135 милиони долари, што во тоа време беше највисока цена платена за слика.
Колекцијата, исто така, вклучува и водечка светска селекција на дела од Егон Шиле. Лаудер има особен интерес за уметнички дела што биле ограбени од нацистите. Од 2007 година, тој е претседател на Светскиот еврејски конгрес кој се залага за еврејските интереси низ целиот свет. Во 2023 година, тој вети 25 милиони долари за кампања против антисемитизмот.
Ретките земјени елементи под мразот
Кога Трамп ја освои претседателската номинација во 2016 година, Лаудер донираше 100 000 долари на Комитетот за собирање средства „Победа на Трамп“. Кога разумноста на Трамп беше доведена во прашање во 2018 година, Лаудер го нарече „човек со неверојатен увид и интелигенција“.
Истата година Лаудер рече дека му помага на Трамп со „некои од најсложените дипломатски предизвици што можат да се замислат“. Се чини дека ова вклучувало и сеење идеја за арктичко проширување.
Минатиот февруари, кратко откако Трамп се врати во Белата куќа, Лаудер скокна во негова одбрана кога претседателот јавно размислуваше за воено преземање на најголемиот остров во светот.
„Концептот на Трамп за Гренланд никогаш не беше апсурден − тој беше стратешки“, напиша Лаудер во колумна во „Њујорк пост“. Тој продолжи: „Под неговиот мраз и карпа лежи ризница од ретки земјени елементи неопходни за вештачката интелигенција, за напредното оружје и за модерната технологија. Како што мразот се повлекува, се појавуваат нови поморски патишта, преобликувајќи ги глобалната трговија и безбедност.“
Со Гренланд како „епицентар на конкуренцијата меѓу големите сили“, тврдеше Лаудер, САД треба да бараат „стратешко партнерство“. Тој додаде: „Со години тесно соработував со бизнис-лидери и со владини лидери на Гренланд за да развијам стратешки инвестиции таму.“
Данските корпоративни записи покажуваат дека компанија со адреса во Њујорк и неименувани сопственици во последните месеци купила имот на Гренланд.
Еден од нејзините потфати е извоз на „луксузна“ изворска вода од остров во Бафин Беј. Еден дански весник објави во декември дека Лаудер е меѓу инвеститорите, цитирајќи гренландски бизнисмен вклучен во потфатот. „Лаудер и неговите колеги во групата инвеститори имаат многу добро разбирање и пристап до пазарот на луксузни добра“, рече тој.
Оваа група инвеститори, наводно, се стреми и да генерира хидроелектрична енергија од најголемото езеро во Гренланд за топилница за алуминиум.
Во протечено писмо од ноември 2023 година, испратено од раководителот на рударската компанија „ТекМет“ до претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Лаудер е наведен како дел од конзорциум кој се надева дека ќе експлоатира наоѓалиште на литиум во земјата разурната од војна.
Лаудер во тоа време рече дека не разговарал за украинските минерали со самиот Трамп, туку „го покренувал прашањето со засегнатите страни во САД и во Украина со години, па сè до денес“. Водечките републиканци се приклучија на кампањата САД да добијат контрола врз огромните ресурси на Украина. Трамп стана нејзин најгласен поддржувач.
Недели по донациите од 5 милиони долари на Лаудер за движењето МАГА во март 2025 година, Вашингтон и Киев потпишаа договор за заедничко искористување на минералите на Украина. Тоа придонесе до одреден степен за зачувување на поддршката на Трамп за Украина по неговата телевизиска тирада во Овалната соба против Зеленски.
Локацијата на литиум беше првата што беше понудена на тендер според договорот за минерали. Овој јануари, наводно, конзорциумот на Лаудер наводно ја добил оваа локација.
Неочекувани актери
Во целиот мозаик почнуваат да се редат и камчињата на некои неочекувани актери. Како она на гренландскиот министер за надворешни работи, Вивијан Моцфелд, која излезе избезумена од разговорот во Белата куќа заедно со данскиот шеф на дипломатијата, Ларс Локе Расмусен, со Џеј Ди Венс и со Марко Рубио. Можеби навистина изгледаше избезумена по понижувачкиот разговор во Белата куќа, но интересите во нејзиното семејство, како што откриваат данските медиуми, не се наивни.
Еден од пријавените деловни партнери на Лаудер на Гренланд е Јорген Вевер Јохансен, сопруг на Вивијан Моцфелд. Иако Јохансен ги отфрли шпекулациите за неговите бизнис-
-потфати и оние на Лаудер за островот како „нешто од ништо“, ситуацијата предизвика вознемиреност во Данска.
„Очите на светот се насочени кон нас, не треба да се лажеме себеси дека тоа ќе трае“, изјави тој за данскиот весник „Берлинске“ минатиот март. „Сега треба да го извлечеме најдоброто од тоа.“
Пред средбата во Белата куќа Моцфелд рече: „Од наша страна, јасно е дека на Гренланд му требаат САД, а на САД им треба Гренланд.“
„Таа одговорност мора да се сфати сериозно“, додаде таа. „Што би било лошо ако одржуваме состаноци сами со САД?“ Тоа предизвика тревога кај властите во Копенхаген, кои видоа дека можеби нешто се случува зад нивен грб. И го испратија искусниот Расмусен во Вашингтон.
Но, не е само Роналд Лаудер заинтересиран за Гренланд. И други милијардери би сакале да се дел од играта.
Џеф Безос, Бил Гејтс и Мајкл Блумберг: сите инвестирале во 2019 година во „Коболд металс“ која бара вредни минерали од ретки земји што се користат во електронски уреди преку истражување на островот со вештачка интелигенција. „Коболд“ изјави за „Форбс“ дека „нема барања за истражување, за персонал или за активности на Гренланд“.
Сем Алтман: Извршниот директор на „ОпенАИ“ инвестираше во „Коболд“ во 2022 година.
Питер Тил: Технолошкиот гигант на „Пејпал“ и на „Палантир“ го финансираше на почетокот на 2021 година стартапот „Праксис“ кој има цел да изгради технолошки напреден „град на слободата“ на островот.
Хауард Лутник: Секретарот за трговија на Трамп беше извршен директор на „Кантор Фицџералд“, компанија која инвестираше во рударската компанија на Гренланд „Критикал кеталс корп.“ повеќе од три децении (тој се откажа од „Кантор“ и ги префрли своите акции на своите возрасни деца).
За прв пат беше објавено дека Безос, Гејтс и Блумберг инвестирале во „Коболд“ на почетокот на 2019 година. Инвестициите беа направени преку Брејктру енерџи, фонд предводен од Гејтс чија декларирана цел е „да ги забрза иновациите во зелената енергија и да ги изгради индустриите на иднината“. Фондот учествуваше и во инвестициската рунда од серија Ц на „Коболд“ во декември 2024 година, која ја процени на нешто помалку од 3 милијарди долари врз основа на капитален влез од 537 милиони долари, според соопштението за медиумите што го сподели компанијата. Потоа, во 2022 година, Алтман се вклучи преку својот ризичен фонд Аполо проџектс, придонесувајќи во рундата од серија Б на фирмата, која имаше вкупна големина од 192,5 милиони долари.
Во меѓувреме, Илон Маск јавно ја искажа својата поддршка за американската анексија на Гренланд неколку пати, пишувајќи на Икс минатиот јануари: „Ако луѓето од Гренланд сакаат да бидат дел од Америка, што се надевам дека го прават, тие би биле добредојдени.“
Инвестициите на Лаудер веројатно нема да имаат „некаква економска суштина“, вели експертот за арктичка безбедност Марк Јакобсен, вонреден професор на Кралскиот дански колеџ за одбрана. „Она што е важно тука е тесната врска со носителите на одлуки од Гренланд. Станува збор за стратегија и за стекнување контрола.“ Јакобсен изјави за „Форбс“ дека во последниве неколку години видел зголемено американско присуство на Гренланд, делумно поради новите директни летови меѓу Њујорк и главниот град Нук. „Има повеќе Американци на Гренланд од кога било досега... тешко е да се знае дали се само туристи или дали имаат интерес и за ’стратешки инвестиции‘.“