Бизнис
ОД ВИНАРНИЦА ДО ДЕСТИНАЦИЈА | Винскиот туризам носи поголема додадена вредност
прилогот го подготви: Митко Јовановски
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2026г.
КАКВА Е ИДНИНАТА НА ВИНСКИОТ ТУРИЗАМ?
Развојот на винскиот туризам претставува значаен потенцијал за локалната економија. Малите семејни винарници имаат клучна улога во овој процес, бидејќи токму нивната автентичност, гостопримливост и уникатни локални сорти создаваат искуство што туристите го паметат. За да се постигне одржлив раст, потребно е да се инвестира во градење на капацитетите на овие винарници – од подобрување на квалитетот на производите и услугите, преку развој на инфраструктура за дегустации и сместување, до креирање на силни локални приказни што ја пренесуваат традицијата на регионот. Ваквиот пристап не само што ја зголемува додадената вредност на виното, туку ја зајакнува и конкурентноста на дестинацијата за вински туризам.
Македонските мали винарници треба да развиваат сопствена и автентична приказна и да создаваат повисока додадена вредност со примена на концепт на директна продажба на виното. Во фокусот на нивното дејствување да понудат незаборавно доживување и задоволство кај посетителот на малата винарница, кој потоа ќе ја пренесе убавата винска приказна на своите пријатели. Продажбата на вино е само еден дел од работата на семејните винарници, но само со надоградување на сопственото винско производство тие можат да бидат самоодржливи на пазарот на кој владее голема конкуренција. Ова се главните препораки од словенечките винари до претставниците на македонските мали винарници, кои имаа можност да ја следат дводневната работилница за подигнувањето на капацитетите и на активностите во винскиот туризам, која се одржа минатиот месец во Винскиот музеј Кавадарци.
Сопственици и претставници на триесетина семејни винарници во Македонија имаа можност да се запознаат со искуството во развојот на винскиот туризам во Словенија преку излагањата на винскиот експерт и дистрибутер Дејан Лепушек, Јакоб Јарц од развојната агенција во Випавската Долина, Матјаж Жгоник, промотор на винскиот туризам и Аљоша и Маја Штранцер, сопственици на семејната винарница Штранцер. Работилницата ја организираше Вајн Бери, со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, која има за цел да помогне во искористување на потенцијалот на домашните семејни винарници, и да го поддржи развојот на винскиот туризам во Македонија.
Почетоците на винскиот туризам во Словенија се во далечната 1993 година кога со државна логистика беше поставена основната инфраструктура и беше извршено мапирање на првите мали винарници. Со влегување во Европската Унија, словенечката винска приказна се проширува. Сега во земјата има трасирани 17 вински рути. Само во Випавската Долина дејствуваат над 140 мали винарници, а во Словенија има околу 2 500 мали винарници.
− Отворањето на винарниците за посетителите беше клучен импулс за развојот на винскиот туризам. Се покажа дека домашната продажба на вино е најдобра за семејните винарници. Првите купувачи на словенечкото вино се домашните потрошувачи. Винарниците акцентот го ставаат на квалитетот на понудата, а не на масовноста. Секоја година се дава нова содржина на винскиот фестивал, а годинешната тема е младите и винската култура. За првпат се поврзуваат виното и дегустацијата на сладолед. Секоја винарница дава личен пристап во претставување на винската карта, а цените се пристапни за домашните потрошувачи и за гостите од Италија, вели Јакоб Јарц, проектен координатор во Регионалната развојна агенција РОД, Ајдовшчина.

Брачниот пар Аљоша и Маја Штранцар
Брачниот пар Аљоша и Маја Штранцар ја продолжуваат стогодишната винарска традиција која ја започнале родителите на Аљоша. Во 2012 година одлучуваат да одгледуваат локални сорти на грозје, а нивен препознатлив бренд е виното пинела, сорта која е присутна само во Випавската Долина. Лозјата се на 250 метри надморска висина, климата е медитеранска. Поседуваат два хектари лозја на терасест терен со поволен минерален состав за добро грозје.
− Во нормална родна година произведуваме 20 000 литри вино. На почетокот продажбата на вино беше 80 отсто во рефус, а 20 отсто флаширано. Видовме дека не можеме да опстанеме и поставивме цел: 80 отсто од виното да го продаваме во шишиња. Успеавме 80 отсто од виното да го продаваме директно на посетители во винарницата, вели Маја.
Во домашната винарница поседуваат простор за дегустација и за сместување на гостите во петкреветна и во двокреветна соба.
− Служиме сопствена храна. Гостите бараат автентичност и се раководат од домашните вкусови. На менито се домашни јадења што ги подготвуваме и за нас. На гостите им пристапуваме искрено, тие тоа го препознаваат и потоа стануваат нашите главни промотори на винарницата. Туристите живеат со нас и ние со нив, вели Маја.
Минатото лето биле посетени од 450 гости, главно по препораки од нивните претходни гости. Организираат дегустации со пристојни цени од 25 евра, а гостите често купуваат и вино по цена од 12 евра за шише. Во наредниот период планираат проширување на производството со нови 1 000 садници лоза, поголема промоција, учење за вкусовите на потрошувачите и за стекнување нови искуства од другите вински региони. За во иднина, како што вели Аљоша, винарницата е веќе подготвена да ја пренесе својата вредност на новата генерација.

Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, која ја спроведува групацијата Паладиум. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.